Организациите на македонските малцинства и дијаспората го одбија и го осудија францускиот модифициран предлог како штетен за македонските национални интереси. Македонците што живеат надвор од македонската држава не се противат на започнување на преговорите со Европската Унија, ниту пак се против зачленување на Македонија во ЕУ. Но нагласуваат дека „новиот француски предлог ги загрозува македонскиот идентитет, јазик, историја и култура“

Каков е ставот на македонската дијаспора за т.н. „француски модифициран предлог“

Голем број Македонци од дијаспората, со кои се консултиравме, посочуваат дека доколку Македонија како држава го прифати новиот француски предлог, тогаш последиците нема да бидат почувствувани само во Македонија туку и надвор од нејзините граници. Според нив, се доведува во прашање егзистенцијата на македонската нација и се засегнати сите Македонци без разлика каде живеат. Со свој став за ова прашање излегоа и ОМО „Илинден“ – Пирин и Обединетата македонска дијаспора (ОМД), кои го одбија и го осудија новиот француски предлог.
ОМО „Илинден“ – Пирин, организацијата на Македонците во Бугарија, посочи дека токму протоколот на Бугарија ѝ дава право да интервенира во македонските учебници, како и на ниво на држава и да се изживува со македонскиот идентитет, и гледаме дека тој е претставен како важен чекор за добрососедските односи и преку тоа за процесот на евроинтеграција на Македонија.
– Слично и во генералната позиција на ЕУ наоѓаме дека напредокот на Македонија ќе биде вреднуван преку одредени критериуми меѓу кои како дел од Договорот за стабилизација и асоцијација е потенцирана: „Посветеноста на Северна Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучувајќи и преку постигнување опипливи резултати и спроведување со добра волја на билатералните договори, вклучувајќи ги и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерки за негово ефективно спроведување според неговиот член 12“. Што уште еднаш потврдува дека протоколот е фактички дел од преговарачкиот процес и условите за евроинтеграција – се вели во соопштението на ОМО „Илинден“ – Пирин.
Од организацијата на Македонците во Бугарија исто така нагласија дека спротивно од тврдењата на Владата, историските прашања се де факто клучен дел од преговарачкиот процес, заедно со сите други сегашни и идни бугарски барања. Тврдењата на македонската влада дека македонските барања се исполнети и македонските интереси заштитени не одговара на вистината – велат од ОМО „Илинден“ – Пирин.
Душан Јаневски, претставник на Македонскиот светски конгрес во Србија, вели дека македонската заедница во Република Србија не е против преговорите со Европската Унија, но е против обезличување на македонскиот народ.

– За моето чувство кон македонската етничката припадност и моето разбирање за македонските историските прашања не треба да се дискутира, ниту да се преговара – вели Јаневски.
Според него, нема простор за преговори за идентитетските прашања, историјата и јазикот. Доколку се ревидира македонската историја преку бугарска верзија на македонските историски учебници, тогаш Македонците што живеат надвор од границите на македонската држава ќе бидат подложни на асимилација. Доколку се ревидираат досегашните македонски учебници по историја, тоа ќе биде нож во грб за Македонците во дијаспората, вели Душан Јаневски.
– Да не се отвораат идентитетските прашања и историјата за влез на Македонија во ЕУ, затоа што на тој начин се отвора Пандорината кутија. Ќе се усложнат преговорите на Србија и на Босна, бидејќи доколку Црно Гора влезе во ЕУ, Подгорица би можела да ја условува Србија за некои идентитетски и историски прашања. Слично би можела да постапи и Хрватска во однос на Белград. На овој начин, балканските земји ќе се најдат во еден маѓепсан круг и ќе се усложни проширувањето на ЕУ. Затоа во иднина да не се преговара за етнички и историски прашања – посочува Јаневски.
Македонците што живеат во Албанија посочуваат дека не се против започнување на преговорите со Европската Унија, но сепак велат дека треба да се внимава да не се загрозат македонските национални интереси, особено идентитетот, јазикот и историјата. Според нив, доколку дојде до промена на историските учебници, односно доколку се прифатат бугарските видувања за историјата, може да дојде до асимилација на Македонците.
Исмаил Бојда, кој е продолжувач на македонските национални вредности на Македонците од исламска вероисповед во Косово, Албанија и Македонија, вели дека доколку се прифати францускиот модифициран предлог, во овој формат како што е презентиран пред јавноста, ќе се случи национално предавство.

Со став за францускиот предлог излегоа и од Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Според нив, народот го кажа своето со овие масовни протести. Да се почитува гласот на народот, да се почитуваат комитите, партизаните и сите оние што имаат дадено жртва за нашата Македонија. Доста е од компромиси, потчинетост и самонепочитување. Време е Македонија да се посвети на зајакнување на македонштината, се вели во соопштението на Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
За „Нова Македонија“ свое видување за францускиот предлог искажа и Гоце Панговски, кој со години живее во Соединетите Американски Држави и е дипломец на Државниот универзитет во Вашингтон. Панговски посочува дека без разлика дали станува збор за неговата прва верзија или за модифицирана, тоа е збир на услови или поточно ултиматуми и уцени што Македонија треба да ги прифати и спроведе доколку сака да ги започне преговорите со Европската Унија.
– Во него се вметнати сите недобрососедски т.е. нацишовинистички барања на Бугарија кон Македонија. Забележете, намерно нагласувам дека станува збор за нацишовинизам, а не за национал-шовинизам, како што е регуларната форма на терминот. Тоа е така затоа што бугарските негирања на нашиот македонски јазик и посегањата по нашата историја, како и ултиматумот прво да го смениме нашиот устав и во него да ги додадеме Бугарите, па дури потоа формално да ги започнеме преговорите, се надвор од секое цивилизациско однесување меѓу две соседни земји и народи, членки на ОН, кои декларативно се залагаат за наводно добрососедство – вели Панговски.
Според Панговски, сето ова Бугарија го прави од позиција на членка на ЕУ и очигледно со премолчено или гласно одобрување од страна на другите членки на ЕУ, меѓу кои особено на најмоќните како Франција и Германија. Ваквиот однос кон Македонија и Македонците покажува и докажува дека ЕУ или никогаш ги немала или одамна ги заборавила принципите врз кои барем декларативно се темели нејзиното постоење, вели Панговски. Тој нагласува дека масовните протести пред Владата се добар показател за неприфаќање на овој недоличен т.н. француски предлог и дека македонската влада не смее да прифати предлог што е спротивен од волјата на мнозинството.
Драган Соларов, кој живее и работи во Австралија, вели дека новиот француски предлог нема ништо повеќе од тоа што веќе е билатерално потпишано со Бугарија. Според Соларов, новиот француски предлог е многу важен, затоа што се чини дека конечно го разбуди македонскиот народ. Се чини дека кончено сфативме дека мора сами да си ја чуваме државата. Ако успее да се обедини целиот народ без да биде повикуван на митинзи од опозициските партии, тогаш сепак постои надеж дека ќе си ја вратиме државноста, а отпорот кон францускиот предлог може да биде идеја околу која ќе се обединиме. Д.Ст