Во четвртото по ред обраќање на годишните собранија на Македонската академија на науките и уметностите, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, се осврна на предизвиците пред МАНУ и пред државата во претстојниот период, пред сѐ, во тековнава година, притоа фокусирајќи се на три теми.
Првата тема зборува за односот на власта кон Академијата, па, така, и кон науката, кон уметноста и кон образованието.
Втората тема ги сумира економските предизвици.
Третата тема се однесува на синтагмата „македонски холокауст“!
Од годишното собрание на МАНУ пресек на 2022 и предизвиците во 2023 година Љупчо Коцарев:
Прва тема: Наместо краток отчет за сработеното
Исклучително интересен и невообичаен вовед во годишното обраќање имаше
претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, кој наместо краток отчет за сработеното, многу впечатливо се осврна на феноменот на квантните компјутери и вештачката интелигенција, двете научни области, што, според многумина, вклучувајќи го и Коцарев, ќе ја обликуваат иднината на нашата планета.
– Во 1935 година, Алберт Ајнштајн и неговите соработници објавија два труда: првиот покажа дека општата релативност дозволува „мост“ помеѓу две црни дупки – подоцна, тој мост беше именуван со терминот „црвоточина“ (или „црвја дупка“), додека вториот труд ја доведе во прашање интерпретацијата на квантната механика преку парадоксот што подоцнежните истражувачи го нарекоа „квантно заплеткување“. Во истата година, Ервин Шредингер предложи мисловен експеримент – денеска се користи терминот „Шредингерова мачка“, за да ги илустрира проблемите на интерпретацијата на квантната механика. Класичните компјутери обработуваат податоци во битови, кои може да имаат вредности 0 и 1, додека, пак, квантните компјутери се потпираат на квантни битови или кјубитови, кои поради постоењето на линеарната комбинација на состојби, може да примаат вредности 0, 1 и истовремено 0 и 1. Така, квантните компјутери можат да извршуваат повеќе операции истовремено, што отвора можности проблемите што денес практично се нерешливи со класичните компјутери да бидат, со помош на квантните компјутери, решени за неколку секунди. Денес, компанијата ИБМ има повеќе од 60 функционални квантни компјутери, а нејзиниот најмоќни квантен процесор содржи 433-кјубитен чип, чија брзина, изразена во битови, би била поголема од вкупниот број атоми во универзумот. Интересно е тоа што, во 2013 година, двајца физичари теоретски покажаа дека појавите црвоточина и квантно заплеткување се тесно поврзани, а во текот на минатата година, тим физичари, предводени од Марија Спиропулу, изградија црвоточина во квантен компјутер, така експериментално потврдувајќи ја врската меѓу општата релативност и квантната механика.
Втора тема: Односот на владејачката елита кон Академијата, кон
науката, кон уметноста и кон образованието
Во вториот дел на своето обраќање на годишното собрание на Македонската академија на науките и уметностите, претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, се осврна на односот на владејачката елита, не само кон Академијата туку и кон науката, кон уметноста и кон образованието, при што констатира дека „односот не е сменет во последните триесетина години“.
– Политичките пазарења и неспособните, лукративните, сервилните и неуките политичари доведоа до уништување на науката, на уметноста, на образованието, на здравството, на економијата и на интелектуалната мисла. За споредба, според неделникот „Време“, во 2022 година повеќе од 30 милијарди долари се вложени во квантните технологии, при што приближно половина од таа сума во Кина, една четвртина во ЕУ, додека само 1,2 милијарда долари во САД – незначителна бројка во однос на 1.000 милијарди долари потрошени во САД во секторот одбрана. Ако во највисоката научна и уметничка институција на државата „седат врвни интелекти, меѓународно етаблирани, кои точно знаат каде чкрипи, но што е уште поважно, знаат да понудат решенија“, тогаш „државата многу повеќе треба да го искористи интелектуалниот капацитет на академиците и во корелација со нив, како и со стратегиите што ги има, заеднички да гради модерна, развиена, демократска држава“. За жал, власта со сите сили настојува да ја задуши, да ја оневозможи, да ја омаловажи и да ја маргинализира работата на МАНУ, па така, на пример, на уредно и на навремено поднесените барања за користење на средствата обезбедени од други извори, најчесто од меѓународни проекти, Министерството за финансии или не ги одобрува тие барања или барањата неоправдано долго чекаат во некоја фиока, така што се попречуваат нормалното функционирање и работење на Академијата. Затоа бев принуден, на 28 декември 2022 година, да пратам писмо до Министерството за финансии во кое стои: „Академијата бара одговорност од Министерството за незаконското, непроцедуралното, неодговорното, некооперативното, непрофесионалното и, веројатно, тенденциозно постапување, поради што ќе биде принудена да бара исполнување на ова право на вработените по судски пат“.
Почитувани, по колапсот на хиперглобализацијата, ера што траеше во периодот од крајот на 90-тите години на 20 век до 20-тите години на 21 век, во мај 2022 г., Дани Родрик дискутира три сценарија за иднината на светската економија. Првото сценарио подразбира повлекување на државите во самодоволност, во економска автархија. Второто сценарио, заради остварување геополитички примат, вклучува трговски војни и економски санкции, кои постепено стануваат постојан елемент во меѓународната трговија и во меѓународните финансии. Третото сценарио подразбира усогласување на овластувањата на националните држави и потребите на отворената економија и обезбедување инклузивен просперитет во секоја земја и мир и безбедност во меѓународниот поредок.
Веќе шест месеци подоцна, во ноември 2022 г., по донесувањето на „Националната стратегија за безбедност“ на САД (објавена во октомври 2022 г.), Родрик прогнозира дека, за жал, геополитиката ќе ја убие светската економија. Според Родрик, САД наместо да се помират со реалноста дека светот е мултиполарен, економските мерки воведени од САД, што означуваат „тотална економска војна“ со Кина, покажуваат дека САД имаат цел да го спречат подемот на Кина како технолошка суперсила. За администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, „Кина претставува закана не затоа што ги загрозува основните безбедносни интереси на Соединетите Американски Држави, туку затоа што можеме да очекуваме дека, како што станува побогата и помоќна, ќе сака да влијае на структурата на глобалниот политички и економски поредок“. Трудот завршува со пораката: „Проблемот со хиперглобализацијата беше што дозволивме големите банки и меѓународните корпорации да ги диктираат правилата на светската економија… Сега имаме можност да обликуваме подобра глобализација. Се чини дека големите сили избираат поинаков, многу понеизвесен пат. Тие му ги предадоа клучевите на глобалната економија на делот од естаблишментот одговорен за прашањата на националната безбедност, што ги загрозува глобалниот мир и економскиот просперитет“.
Светската економија се наоѓа пред огромна економска, финансиска и должничка криза, а податоците што го изразуваат експлицитниот долг се застрашувачки: на глобално ниво, вкупната задолженост на приватниот и на јавниот сектор изразена како дел од БДП се зголеми од 200 отсто во 1999 година на 350 отсто во 2021 година, додека во развиените економии, задолженоста денес изнесува околу 420 отсто. Нуриел Рубини укажува на неколку фактори што ќе доведат до повисок трошок, повисок дефицит, повисока монетизација на долгот и повисока инфлација: (1) потребата од повторно вооружување, (2) потребата од надминување на проблемите од климатските промени и зачестените здравствени кризи, (3) потребата од надминување на проблемите од ефектите на глобализацијата и на автоматизацијата и (4) потребата од надминување на проблемите од зголемената нееднаква распределба на богатството, поточно, потребата од зајакнување на социјалната заштита. Според Рубини, повеќедеценискиот период на ниска инфлација и позитивен економски раст е завршен, а пред нас е период на должничка криза со висока инфлација и бавен раст (стагфлација).
Трета тема: Македонскиот холокауст
„Зошто некои земји се распаѓаат, а други не?“ е предмет на анализа на голем број монографии и студии, а во тој контекст претседателот на МАНУ ја издвои книгата на Владимир Глигоров со наслов „Зошто земјите се распаѓаат: Случајот на Југославија“. Имено, Коцарев, повикувајќи се на заклучоците во книгата на Глигоров, издвои дека Југославија, којашто беше втемелена на принципот на самоопределување, на истиот принцип и се распадна, меѓутоа таа „не се распадна од економски причини… туку од следните две причини: (1) создавањето независна етничка држава беше долгорочна стратегија на Србите и на Хрватите (двата доминантни југословенски народа) и (2) во текот на процесот на трансформацијата, политичките приоритети доминираа над економските“.
– Досега, во Македонија, политичките приоритети доминираа над економските, па, оттука, за да не се распадне Македонија, ваквиот пристап треба да се надмине и да се пристапи, за што сум говорел многупати досега, кон нов договор за економски реформи, политики и мерки, кои треба да се спроведуваат најмалку во следните десетина години, а тоа да биде остварено во соработка со МАНУ, универзитетите, коморите и синдикатите, надминувајќи ја клиентелистичката и партиската агенда на дејствување на општествените чинители. Притоа, би сакал да подвлечам дека градењето и спроведувањето на новиот договор за економски реформи, политики и мерки, подразбираат објективна процена на податоците, состојбите и потребите на македонското општество, а не вештачко вметнување статистики, стандарди и регулативи, заради постигнување одредени цели, што остава неизбришливи последици врз целокупното системско функционирање на државата.
Коцарев со пластичен пример, споменувајќи една фотографија на Бранденбуршката порта, најпрепознатлива знаменитост во Берлин, но и комплексен потсетник на поразите, на триумфите, на национализмот и на слободата во германската културна меморија, потсети дека таа ја краси насловната страница на книгата со наслов „Сенки на траумата: меморијата и политиките на повоениот идентитет“. Меѓутоа, не која било фотографија, туку фотографијата од настанот одржан на 27 јануари 1997 г., по повод првата годишнина на Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот. Авторката на книгата, подвлече Коцарев, а имено Алајда Асман, во фотографијата препозна уметнички почеток за анализа на колективната меморија на Германците, седумдесет години по Втората светска војна. Книгата не е студија за холокаустот или за настаните во текот на Втората светска војна, туку за задоцнетиот прием на тие настани, студија за начините на кои тие настани се паметат поединечно, за тоа како тие се пренесуваат или се премолчуваат во колективната меморија!
– Триумфите и траумите се нераскинливи елементи на историјата на секој народ. Германската историчарка со бугарско потекло, Росица Ивкова, смета дека причината за депортацијата на 11.343 Евреи од „новоослободените земји“, поточно, од Вардарска Македонија, Тракија и Пирот, го претставува етнонационализмот на бугарската држава. Евреите претставувале пречка за брзото спроведување на бугаризацијата и на желбата по секоја цена да се оствари санстефанскиот сон за голема Бугарија. Но за траумите на секој народ, за траумите на Евреите во Вардарска Македонија, Тракија и во Пирот, или за траумите на Македонците во Егеј и во Пирин, треба да проговорат и да се извинат сторителите – државите што се одговорни за тие трауми, па, оттука, во ова обраќање, ќе се осврнам исклучиво на траумите на Македонците, за кои се одговорни македонските владејачки елити. Парадоксално, за разлика од траумите на другите народи, кои најчесто се поврзани со други етникуми или имаат расни и/или религиски обележја, современите македонски трауми се исклучиво поврзани со одлуките на македонските политичари.
Македонија треба да чекори по европскиот пат – тој пат нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата, но на тој пат ние треба да чекориме само како Македонци. Инаку, во спротивно, тој пат води кон пропаст, исчезнување, обезличување, разнебитување. Индивидуалните мемории бледнеат, се разградуваат, па, оттука, време е овие индивидуални мемории да прераснат во колективна меморија. Основната теза на денешново обраќање е дека договорите со Грција и со Бугарија се нашата најголема траума. Свесен за геополитичката реалност и за фактот дека Македонија, соочена со геополитички превирања, мораше што поскоро да стане членка на НАТО, сепак продавањето и предавањето на сѐ што е македонско е бесмислено, непродуктивно, па дури и геополитички неоправдано.
Размислувањата на Хана Арент, во нејзината книга со наслов „Изворите на тоталитаризмот“, ќе ги искористам за да се осврнам, од друг агол, на договорите со Грција и со Бугарија. Притоа, би сакал да подвлечам дека Арент зборува за човекот и за неговото опстојување во еден политички контекст, во рамките на една држава. За разлика од Арент, јас ќе зборувам за народот и за неговото опстојување во рамките на друг политички контекст – меѓународната заедница. Во врска со оваа книга, во денешново обраќање ќе се задржам на три теми: правото да се има права, осаменоста и самотијата. Според Арент, правото да се има права е предуслов за заштита на секое човеково право. Анализата на Арент има два аспекта: прво, според неа, „Универзалната декларација за човековите права“ (од 1948 година) се заснова на апстрактна концепција за човечкото суштество, додека не постои гаранција за човековите права надвор од политичката заедница, и, второ, човековите права го губат сето свое значење штом поединецот ќе го изгуби својот политички контекст. Во однос на осаменоста, Арент пишува: „Осаменоста – општата подлога за терор, суштината на тоталитарното владеење,… е тесно поврзана со искоренувањето и прекубројноста… Да се биде искоренет, значи да се нема свое место во светот, место што другите го признаваат и го гарантираат; да се биде прекуброен, значи воопшто да не се припаѓа на светот“. За Арент, самотијата не е осаменост, поточно: „Самотијата подразбира да се биде сам… Во самотијата, со други зборови, јас сум ‘сам со себе’, заедно со себе, и според тоа, сум двајца-во-еден, додека во осаменоста јас сум, всушност, еден, напуштен од сите други“. Меѓутоа, според Арент: „Проблемот на самотијата е во тоа што на овој двајца-во-еден му е потребен другиот… за потврдување на мојот идентитет јас во целост зависам од другите луѓе“.
Пристапот на Арент кон човекот може да се прошири и на народите, па така, би рекол дека „правото да се има права“ е предуслов за заштита на правата на секој народ, додека правата што ги има еден народ го губат сето свое значење штом народот ќе го изгуби политичкиот контекст во меѓународната заедница. Оттука, бидејќи договорите со Грција и со Бугарија се важечки за меѓународната заедница, а ќе бидат важечки и решенијата вградени во нашиот правен систем, што ќе го отсликуваат суштинскиот карактер на билатералните протоколи со Бугарија, за сите други, освен за нас самите, ние ќе бидеме народ без македонски идентитет, без македонска историја и ќе зборуваме на бугарски дијалект, кој, по 1945 година, се именува како македонски јазик.
Договорите со Грција и со Бугарија, за Македонците значат дека македонскиот народ „нема свое место во светот, место што другите го признаваат и го гарантираат“ и дека македонскиот народ не припаѓа во семејството на сите народи. Погрешно и наивно се веруваше дека за опстојувањето на Македонците е доволно тоа што, иако осамени (или напуштени од сите други), Македонците не се сами, тоа што тие можат да проговорат со самите себе, поточно тоа што во секојдневна употреба, во научните дискусии, во уметничките творби, договорите не можат да забранат и понатаму да продолжиме да зборуваме и да пишуваме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја и култура, за Македонците во Егеј и во Пирин. Меѓутоа, за потврдување на идентитетот на македонскиот народ, Македонците во целост зависат од другите држави, поточно, од меѓународната заедница. Би сакал уште еднаш да потсетам, за што сум говорел многупати, дека до 16 јуни 2018 г., за повеќе од 130 држави и за речиси 80 проценти од жителите на планетата Земја ние бевме Македонци што живеат во Република Македонија, а веќе на 17 јуни 2018 г. – само еден ден подоцна, македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена. Затоа, повикувам:
• одговорните за овој грозоморен чин јавно да им се извинат на Македонците,
• договорите со Грција и со Бугарија, коишто претставуваат културен геноцид на Македонците, во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со синтагмата „македонски холокауст“
• надлежните институции во Македонија да предложат ден за комеморативно одбележување на македонскиот холокауст.
Почитувани, Македонија е разединета по многу основи, па затоа државата не функционира веќе подолго време во континуитет. Дали Македонија ќе се распадне или ќе опстои не зависи од европските интегративни процеси, ниту од членството во НАТО, ниту од империјалистичките политики на големите сили, ниту од кои било надворешни фактори, кои се, несомнено, клучни, туку од нас самите – граѓаните на Македонија. Тоа најдобро го илустрираат зборовите: „Затоа, креаторите на политиките треба да ја отфрлат идејата дека е легитимно и изводливо да се ‘учат другите луѓе да се управуваат себеси’, како што рече Френсис Фукујама во еден есеј за списанието ‘Атлантик’ во јануари 2004 година, на врвот на ентузијазмот за градење нации, во ерата на Џорџ Буш“. Или, кажано со други зборови, државите ги градат граѓаните и политичарите на секоја земја посебно.
Во книгата со наслов „Градење нација: Зошто некои земји опстојуваат додека други се распаѓаат“, Андреас Вимер, анализирајќи векови и континенти, истакнува три фактора што се развиваат побавно – во текот на повеќе генерации – но поттикнуваат политичките сојузи да се протегаат над етничките и расните поделби и да градат инклузивни коалиции: (1) рано ширење на граѓанските организации, што имаат тенденција да се шират хоризонтално, па така можат да обезбедат мултиетничност, (2) ползување заеднички медиум за комуникација и (3) развивање на капацитетот на државата да обезбеди јавни добра, заштита од насилство и владеење на правото, еднакво, на целата територија на земјата. Преку примери од Европа, Африка и од Азија, и со компаративна анализа на податоци што опфаќаат подолг временски период, Вимер, од една страна, покажува дека трите споменати фактори се круцијални во градењето нации, додека, од друга страна, посочува дека колонијалните наследства, демократијата, глобализацијата или природата на етничките расцепи играат релативно мала улога во градењето на нациите. Што треба да се направи за да не се распадне Македонија? За да се исполнат трите фактора за кои зборува Вимер, треба да се работи долгорочно, а притоа, треба да се има предвид дека процесот на создавањето на потребните услови ќе се одвива бавно, но, сепак, според моето мислење, трите фактора треба да бидат водилка во напорите за опстојување на Македонија.
Почитувани, според Асман, сочувството за жртвите и чувството на одговорност за демократијата и за мирот во Европа ја преобразија Германија како држава, а Германците добија меѓународно признание и почит. Одбележувањето на македонскиот холокауст, за Македонците ќе значи не само добивање меѓународно признание и почит од сите други народи туку и запирање, еднаш и засекогаш, на македонскиот порив за самоуништување. Македонија треба да чекори по европскиот пат – тој е единствениот пат што нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата, но на тој пат, Македонците треба да чекорат единствено како горди и достоинствени Македонци. За да чекориме достоинствено по европскиот пат, ги повикувам сите 120 пратеници во македонското собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени – тоа ќе биде мал чекор за нив, но огромен за Македонија. Ако сега кажеме не, колку и да се чини на прв поглед парадоксално и противречно, Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ, и да додадам, да опстои и да не се распадне. Во спротивно, ако дозволиме уставни промени, тоа ќе значи широко отворање на портите за други, нови, нестварни и небулозни барања, што ќе повлече соочување со уште поголеми искушенија. Промената на Уставот е првото, пробно, дури, можеби, и не толку застрашувачко барање – другите, посурови и позастрашувачки барања ќе дојдат подоцна, по започнување на пристапните преговори.
Што се однесува на ЕУ, можеби треба да се прашаме дали ЕУ воопшто размислува за проширување? „Тешко е да ја предадеш својата иднина во рацете на рамнодушни странци и да сфатиш дека Европската Унија, на која цело време ѝ верувавте, нешто крие од вас, дека европските партнери од кои очекувате помош ве третираат како мрзливец и штетник, дека економските елити во вашата земја и надвор постојано го одложуваат нејзиното закрепнување, дека сте принудени да правите длабоки и болни резови што не водат до промени на подобро“. Што мислите, на која држава се однесува овој цитат и кој го говори тоа? Во есејот, од кој е преземен цитатот, објавен на 26 јули 2022 г., понатаму следува: „Ние во Грција го разбираме ова многу добро. Ова го доживеавме на почетокот на 2010 година. Денес Германија е изложена на слични понижувања. Иронијата е што во цела Европа, Грција е таа што најдобро разбира колку Германија не го заслужи тоа, бидејќи нејзината тешка состојба е резултат на заедничкиот европски неуспех. И дека никој, а најмалку напатените Грција, Италија, Шпанија и Португалија или ‘свињи’ како што нѐ нарекуваа, имаат причина да се радуваат на нивните маки“. Авторот на есејот со наслов „Симпатија за Германија“ е Јанис Варуфакис. Ако се земе предвид дека Европската инвестициска банка проценува дека трошоците за обнова на Украина ќе изнесуваат приближно еден трилион евра, што одговара на целиот буџет на ЕУ за периодот 2021 – 2027 година, а Германија, чиј индустриски модел почнува да пропаѓа, нема фискален капацитет да обезбеди ниту дел од оваа сума, тогаш неминовно се поставува прашањето: дали ЕУ воопшто размислува за проширување?
Во однос на проширувањето, се прашувам, а би сакал да грешам, дали можеби размислувајќи за стратегијата на ЕУ кон шесте балкански држави, состојбите потсетуваат токму на оние во романот „Процес“ од Кафка. Еве ја пораката на свештеникот во овој роман: „Еден обвинет човек оди во суд за да разбере зошто е обвинет, а тука – на влезот – го чека еден чувар, кој не му дозволува да влезе и неговото чекање станува толку долго, што тој во таа чекалница ја пречекува смртта. Во завршните моменти на својот живот, обвинетиот го прашува чуварот зошто го мачеше толку и не му дозволи да влезе внатре, при што одговорот на чуварот е дека и да го пуштел тој, по него биле двајца други чувари, уште посурови од него, кои сигурно не би му дозволиле да влезе внатре“.
Впрочем, 2023 година ќе биде, според многу индикации, неизвесна, но сепак, таа може да биде почеток за достоинствена Македонија. Во 2014 г., тогашниот генерален секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун, ќе рече: „Не постои план Б затоа што немаме планета Б“. За Македонија не постои план Б: ова парче земја е нашата единствена татковина – Македонија, па затоа, 120 години по излегувањето на книгата „За македонските работи“, ќе го завршам ова обраќање со две пораки.
Првата, на Хана Арент: „Останува вистината дека секој крај во историјата без исклучок содржи некаков нов почеток; тој почеток е ветувањето, единствената ‘порака’ што еден крај воопшто може да ја создаде. Пред да стане историски настан, почетокот претставува врвна способност на човекот; политички, тој е идентичен со слободата на човекот“. Договорите со Грција и со Бугарија значат крај на македонската историја, но секој крај во историјата, а тоа го кажува Арент, иако во тоа и јас сум убеден, содржи нов почеток, па затоа повикувам 2023 година да биде почетокот на борбата за правото на самоопределување на македонскиот народ во меѓународната заедница, што ќе го отелотвори достоинствениот живот на Македонците.
Во втората порака ќе го парафразирам Венко Андоновски: Нека во 2023 година, Господ ја погледне Македонија со онаа љубов со која Достоевски веруваше дека ќе го спаси светот.
Љупчо Коцарев, Скопје, 22 февруари 2023 година