Фото: Влада

Предвидено е градоначалничката Арсовска до крајот на неделава да состави план што ќе биде презентиран пред советниците во рамките на Советот на Град Скопје. На завчерашниот состанок министерот Перински понудил низа идеи за решавање на најголемиот дел од проблемите во главниот град, но истакна дека ќе го почекаат предлог-планот што треба да го достави Арсовска и ќе носат заклучоци врз негова основа

Централната и локалната власт се сретнаа во обид за решавање на нефункционалноста на градската администрација

Во ситуација кога Град Скопје веќе извесен период не може да излезе накрај со многубројните предизвици што го отежнуваат секојдневното урбано живеење на штета на граѓаните, претставниците на централната и на градската власт седнаа на маса на заедничка средба во обид за решавање на проблемите во главниот град. Средбата се случи во момент на континуиран нагорен тренд на кризата, поради неисполнување на обврските на градската локална самоуправа кон граѓаните на градот Скопје. Проблемите во низа само повеќе ја нагласија реалната запоставеност на одговорното институционално дејствување на градот. Отсуството на комуникација помеѓу советничките групи во рамките на Град Скопје беше издвоено во разговорите како еден од елементите што придонесуваат за отсуство на синергични политики за Скопје, кои би биле во функција на ефикасен урбан, градски живот на жителите на главниот град.
Во таква ситуација јавното комунално претпријатие и јавното сообраќајно претпријатие биле во фокусот на состанокот помеѓу премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Предвидено е градоначалничката до крајот на неделава да состави план што ќе биде презентиран пред советниците во рамките на Советот на Град Скопје. За издвојување е тоа што на состанокот министерот Перински понудил низа практични идеи за решавање на најголемиот дел од проблемите во главниот град, но тој истакна дека ќе го почекаат предлог-планот што Арсовска треба да го достави и ќе носат заклучоци врз негова основа.
Меѓу проблемите во главниот град се истакнуваат преполните контејнери со дополнителен отпад околу нив, неизвесниот возен ред на автобусите, зараснатите јавни зелени површини… што создаваат животни проблеми за граѓаните и метрополата, а оставаат негативна слика за функционалноста (потенцијалот и капацитетот на градската администрација) на локалните институции задолжени за управување со соодветните појави. Ваквата состојба и суштински го отежнува секојдневниот живот на граѓаните, носејќи опасност од зарази (особено при високи температури како летово), па и незадоволителен квалитет на услугите на Градот, за кои граѓаните плаќаат преку градските (општинските) даноци и јавните претпријатија.

Со сите овие искушенија и предизвици на урбаното живеење, речиси две години се соочуваат скопјани, без нивна вина, а поради политички несогласувања на актуелната градоначалничка на Скопје со речиси сите други политички субјекти и институции во државата. А видливи последици од кризата претставуваат и јавните вербални престрелки меѓу надлежните функционери (градоначалничката на градот, градоначалниците на општините, директорите на јавните претпријатија, кои фреквентно се менувани).
За потсетување, на почетокот на минатата седмица градоначалниците на скопските општини одржаа координативен состанок, по кој најавија дека уште истиот ден ќе испратат предлог до премиерот Мицкоски и до министерот за животна средина Изет Меџити за административна трансформација околу надлежностите на јавните претпријатија. Тие потоа побараа од Владата да му ги одземе на Град Скопје јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ и да назначи владин повереник што ќе управува со нив и да почне трансформација со која општините ќе си ги поделат надлежностите.
Целиот заплет околу законските ингеренции за менаџирање со градот и неможноста за отповикување на градоначалникот, дури и ако не ги извршува своите надлежности, укажува на потребата од реформи на законски план во оваа област на локалната самоуправа, што ќе овозможи контролен механизам во работењето на избраните функционери. А нефункционалноста на јавните претпријатија во надлежност на Град Скопје се одразува и на функционалноста на општините, во голема мера поради испреплетеноста, но и ограниченоста на ингеренциите.
Министерот Перински информира дека на состанокот не побарале Арсовска да си замине од функцијата градоначалник на Град Скопје, меѓутоа рече оти смета дека тоа е едно од решенијата на проблемите. Мандатот на градоначалничката на Скопје, Арсовска, е добиен на локалните избори во 2021 година, а трае до октомври 2025 година. Н.М.


Министерот Златко Перински: Нема конструктивни предлози од Арсовска, го очекуваме нејзиниот план

Практично можам да кажам дека сега сме уште позагрижени, отколку пред да почне состанокот. Накратко, нашите очекувања како влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби за кои ќе можеме ние како Влада да помогнеме за да се реализира тој план. Но, од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно. Градоначалничката предложи до крајот на неделава да состави некаков план, кој пред сѐ ќе биде презентиран пред советниците во рамките на Советот на Град Скопје, иако, за жал, морам да признаам дека нашите очекувања не се големи, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција во Владата по состанокот.


Градоначалничката Данела Арсовска: Не се натпреварувам за политички поени

Генерален заклучок е немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамките на Градот Скопје. Добро е тоа што Мицкоски се обиде да ги поправи грешките на неговите сопартијци. За жал, сето тоа личеше на политички циркус, само за добивање политички поени. Јас не се натпреварувам за политички поени, истакна градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на прес-конференција што се одржа вчера.