Интервју со Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Албанија
Никола Ѓурѓај, претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, е еден од најангажираните Македонци кај нашиот западен сосед. Иако постојат повеќе друштва на Македонците во Албанија, според многумина наши соговорници, токму друштвото „Илинден“ е најактивно. Покрај тоа што е претседател на македонското здружение „Илинден“ со седиште во Тирана, кое постои од 2009 година и кое има разграноци и во Голо Брдо и во Гора, Ѓурѓај е и познат политички аналитичар и главен уредник на единствениот печатен медиум на македонски јазик во Албанија, весникот „Илинден“. Со Ѓурѓај разговаравме за проблемите со кои се соочуваат Македонците во соседна Албанија, но и за тоа какви чекори се преземаат за нивно надминување.
Зошто се решивте да работите во полза на унапредување на малцинските права на Македонците во Република Албанија?
– За да се посветите на работата на едно прашање треба да има некој порив што ќе ве тера да го користите своето време на теми што ви значат. Јас сум роден во семејство каде што македонското национално чувство, пред сѐ кај моите дедо и баба, беше многу јако. Со такво воспитување и со воочувањето одредени проблеми во работите во врска со македонското малцинство во Албанија, решив да го основам македонското друштво „Илинден“ – Тирана во 2009 година. Членовите на друштвото и јас во својство на негов претседател видовме потреба да се ангажираме за унапредување на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Тоа беше период кога оценивме дека беше изразена голема потреба од млади луѓе во ангажирањето на Македонците во Република Албанија.
Со кои проблеми се соочуваат Македонците во Албанија?
– Многупати сум го слушал ова прашање. Сум одговарал, а решенија нема. Секогаш постоеле и моментално постојат проблеми, почнувајќи од економски, социјални и серија други проблеми. Слободно можеме да кажеме дека за Македонците во Република Албанија најголем проблем е немањето право на образование на македонски мајчин јазик во областа Голо Брдо, Гора, како и во поголемите градови како Тирана, Елбасан, Корча, Билиште, Поградец. За жал, само во Мала Преспа македонските деца учат на мајчин јазик, и тоа само во основно и средно образование. Уште еден хендикеп за македонските ученици е тоа што во Тирана не функционира лекторат по македонски јазик, кој беше еден вид замена за високо образование на младите Македонци во Албанија.
Воочувајќи го ова како голем проблем за Македонците во Албанија, македонското друштво „Илинден“ – Тирана поднесе иницијатива за реактивирање на лекторатот по македонски јазик во Тирана. За таквата иницијатива разговарав и наидов на разбирање од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во оваа пригода изразувам благодарност за разбирањето и безрезервната поддршка за нашата иницијатива, која посакуваме што поскоро да стане реалност.
Друг голем проблем за Македонците во Голо Брдо е работното време на граничниот премин Џепиште – Требиште, кој беше отворен во мај 2013 година. Владите на Република Македонија и на Република Албанија, на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година, донесоа одлука граничниот премин Џепиште – Требиште да работи 24 часа. И покрај тоа, од тогаш до денес преминот не работи 24 часа, туку со редуцирано работно време. Во неколку пригоди македонското друштво „Илинден“ – Тирана бара овој граничен премин, заради потребите на граѓаните од двете страни на границата, да работи 24 часа. Голем проблем за Македонците во областите Голо Брдо, Гора и Мала Преспа претставува патната инфраструктура, што е главна причина за слабиот економски развој на овие области населени со македонско население.
Во катастрофална состојба е и здравствената заштита во населените места со Македонци, каде што нема здравствени домови или ако постојат тогаш се во лоша состојба. И во тој однос, македонското друштво „Илинден“ има реагирано, но ефект досега нема бидејќи друштвото нема никаква поддршка од матичната држава. Македонците од областа Голо Брдо имаат големи проблеми поради тоа што во 2014 година Владата на Република Албанија ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево, за првите две да ги приклучи кон општина Булќиза. Укинати се и општините Шиштевац и Запот во областа Гора, кои сега се приклучени кон општина Кукс. На тој начин, единствена македонска општина во Република Албанија остана Општина Пустец во областа Преспа. И покрај барањата на македонската заедница во 2014 година, Владата на Р Албанија во 2014 година се оглуши на нашите барања како македонско друштво „Илинден“ – Тирана и македонско друштво „Илинден“ – разгранок Голо Брдо за формирање на општините Голо Брдо и Гора.
Каде е решението на проблемите?
– Македонците во Република Албанија се лојални граѓани и даночни обврзници, како и сите други жители во државата. Така што, ценам дека за сите проблеми што ги наведов решенија треба да бараат кај Владата и институциите во Република Албанија. Секако, за да имаат Македонците верба во државните институции, пред сѐ, треба да се чујат барањата на жителите и тие да се решаваат во најкраток можен рок. Доколку институциите на Република Албанија не ги решаваат проблемите во најбрз можен рок, барањата нема да престанат. Напротив, само ќе се таложат, а нетрпеливоста кај населението ќе доведе до недоверба во релевантните институции и во владејачките политички елити.
Дали имате поддршка од Македонија како матична држава?
– Во 13-те години од нашето работење, како раководство на друштвото имаме контактирано со релевантни институции во татковината Македонија. Секако, контактираме и со Амбасадата на Република Македонија во Тирана. Досега поддршката што сме ја добиле се сведува на минимум. Во оваа пригода упатувам апел до државните институции, како и до Амбасадата на Република Македонија во Тирана, да покажат поголем интерес за капиталните проблеми на Македонците во Албанија. Нивната поддршка во овие тешки времиња за Македонците во Република Албанија е многу важна, особено што како Македонци сме под постојан напад од Бугарија.
Што би им препорачале на претставниците на македонското малцинство во околните држави?
– На претставниците на македонското национално малцинство во околните држави им препорачам поголемо залагање за македонските национални интереси. За нас и за нив е важно да има поголема координација меѓу нас, како асоцијации на Македонците во соседните држави на Македонија, како и силен ангажман за зачленување во меѓународните организации како рамноправни партнери на сите други малцински асоцијации. Доколку се работи заеднички, резултатите нема да изостанат.
Со кого соработувате и од кого најмногу добивате поддршка во остварувањето на малцинските права?
– Македонското друштво „Илинден“ – Тирана во своите основачи документи од 2009 година ги постави целите и начините за нивно постигнување како најважни точки. А за остварување на тие цели, друштвото има соработка со сите правни и физички субјекти што му мислат добро на македoнското национално малцинство во Република Албанија.
Порака до целиот македонски народ!
– Доста беше молчење и наше негирање. Македонскиот народ треба да се горде со сѐ што има, да го чува своето и да не дозволува отстапки.