Мултиполарната формула низ примери на држави од три различни континенти
Постојат голем број примери од кои можеме да учиме. Но од практичен аспект, особено е интересен пристапот на Сингапур, Бразил и на Руанда. Иако станува збор за општества и нации што се протегаат на три различни континенти и имаат различна историја, нивните дипломатски стратегии имаат некои впечатливи заеднички нишки што принципиелно се прифатливи. Тоа се прагматизмот и промовирањето на суверенитетот, меѓународното право и промовирање на регионалната стабилност. Во овој контекст треба да се спомене и нивната неврзаност со ниту една суперсила, а аналитичарите и познавачите велат дека тие вешто водат дипломатија во односите со САД, ЕУ, Кина или со други политички и економски блокови, со цел да задржат максимална политичка автономија, нешто што е карактеристично за стратешкиот мултилатерализам. Оттука, тие се активни во мултилатералните форуми: Сингапур е клучен играч во АСЕАН и ОН, Бразил е истакнат во БРИКС и МЕРКОСУР, а Руанда ја презеде лидерската улога во Африканската унија и Комонвелтот. Често соработуваат со други земји во развој за споделување знаење и градење солидарност, па не случајно Сингапур и Руанда ги продлабочија врските преку програми за градење капацитети и трговски договори. Во принцип, има многу нешта да се научат и да се прифатат од овие три примери…
1. Сингапурскиот прагматизам во контекст на мултилатеризмот е фокусиран кон зачувување на суверенитетот
Од независноста, па сѐ до денес, надворешната политика на Сингапур се одликува со прагматизам што е заснован на принципи, а не на политичка моќ. Сингапурските државници во надворешната политика ги нагласуваат суверенитетот, меѓународното право и регионалната стабилност, особено во контекст на односите меѓу големите сили САД и Кина. Сингапур со САД има долгогодишно и повеќеслојно партнерство, кое опфаќа одбрана, трговија и технологија. САД се најголемиот странски инвеститор на Сингапур и клучен безбедносен партнер. Во последниве години, двете земји ја продлабочија соработката во критичните и новите технологии, вселената и цивилната нуклеарна енергија. На пример, Договорот 123 меѓу САД и Сингапур и Меморандумот за разбирање за стратешка цивилна нуклеарна соработка беа потпишани во 2024 и 2025 година, соодветно. Договорот за слободна трговија меѓу САД и Сингапур, потпишан во 2004 година, останува единствениот договор за слободна трговија на САД со земја од АСЕАН и значително ја зголеми билатералната трговија.
Истовремено, сингапурските државници одржуваат силни и стабилни врски со Народна Република Кина, кои се поткрепени со децении економска соработка и меѓусебен развој. Кина е најголемиот трговски партнер на Сингапур во стоки, а Сингапур е еден од најголемите странски инвеститори во Кина. Односот е воден од меѓусебно почитување и немешање, а Сингапур ги поддржуваше политиките за реформи и отворање на Кина во текот на годините. На состанокот во ноември 2024 година, вишиот министер Ли Хсиен Лунг и претседателот Си Џинпинг ја нагласија „особено вредната“ природа на нивната билатерална соработка во турбулентна глобална клима. Тие ја истакнаа важноста на продлабочувањето на врските во рамките на нивното надградено „сеопфатно висококвалитетно партнерство ориентирано кон иднината“, со фокус на усогласување на стратегиите за развој и придонес кон регионалниот мир.
Неколку релевантни извори потврдуваат дека Сингапур се стреми да биде чесен посредник помеѓу САД и Кина и избегнува да избира страна, фокусирајќи се на регионалниот мир, владеењето на правото и соработката од која сите добиваат.
2. Бразил и бразилскиот начин на максимизирање на политичката автономија во контекст на мултилатеризмот
Бразил спроведува активна надворешна политика, која се обидува да ја максимизира автономијата на Бразил преку длабока соработка со моќните глобални играчи, но без да се избира страна во нивните недоразбирања. За бразилскиот претседател Лула да Силва ова значи дека Вашингтон треба да се држи блиску по прашања како што се демократијата, човековите права, климата и безбедноста, а во исто време да се продлабочат врските со Пекинг околу трговијата, инвестициите, инфраструктурата и заедничката агенда за глобален југ. Денес, не случајно Кина е најголемиот трговски партнер на Бразил од 2009 година. Во 2023 година, билатералната трговија достигна 150 милијарди американски долари, од кои половина се суровини (соино брашно, железна руда, сурова нафта), а другата половина се произведени стоки и услуги. Кина е убедливо најголемиот купувач на бразилска соја (80 проценти од извозот) и железна руда (65 проценти) и најголем инвеститор во бразилски инфраструктурни, енергетски и рударски проекти. Во ноември 2024 година, претседателите Лула и Си Џинпинг ги надградија своите врски во „Заедница Кина-Бразил со заедничка иднина“. Тие потпишаа 37 договори што опфаќаат земјоделство, зелена енергија, дигитална економија, вештачка интелигенција, здравство, воздухопловство – и ветија 50-годишна соработка во областа на одржливиот развој, науката и технологијата и финансиите. Истовремено, Бразил и Кина тесно се координираат во БРИКС, Советот за безбедност на ОН (каде што Кина ги поддржува кандидатурите на Бразил за непостојано место) и Светската трговска заедница, притискајќи за реформи на управувањето на глобалниот југ и реформи на глобалните финансиски институции.
Од друга страна, САД се втор по големина извозен пазар на Бразил (60 милијарди американски долари во 2023 година) и главен извор на странски директни инвестиции во производството, финансиите, технологијата и енергетиката. Исто така Вашингтон и Бразилија се согласија за обезбедување глобално снабдување со храна, Бразил е подготвен да биде водечки извозник на жито со децении – и за продлабочување на енергетските врски, бидејќи Бразил се појавува како главен извозник на нафта. Американските фирми инвестираат во бразилските крајбрежни нафтени полиња и секторот за биогорива. Паралелно, Комисијата за одбрана на САД и Бразил редовно се состанува за заеднички вежби, воено образование, а тука е и соработка во борбата против наркотици и сајбер-безбедноста. Бразил учествува во мировните и хуманитарните мисии предводени од САД.
Аналитичарите велат дека Бразил вешто балансира помеѓу трговското партнерство со Кина и воената соработка со Соединетите Американски Држави, стремејќи се кон максимална автономија.
– Малку повеќе од 100 дена од неговиот последен претседателски мандат, претседателот Лула веќе оствари посети на високи позиции во Аргентина, Уругвај, САД и во Кина, а наскоро ќе се упати кон Европа и Африка. Френетичниот распоред на Лула има цел да ја оживее, според зборовите на долгогодишниот советник и поранешен министер за надворешни работи, Селсо Аморим, бразилската надворешна политика (política externa tiva e altiva) – активна и самоуверена надворешна политика што има цел хармонично да се ангажира со мноштво меѓународни актери и на крајот да ја гарантира стратешката автономија на Бразил – истакнуваат Рајан Ц. Берг и Карлос Баена во нивната анализа насловена „Големиот балансирачки акт: Лула во Кина и иднината на односите меѓу САД и Бразил“, а објавена од страна на Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСМС) од Вашингтон.
3. Руанда – да се биде пријател со САД и Кина со фокус врз националниот развој
Неколку релевантни аналитичари посочуваат дека Руанда води прагматична надворешна политика, држејќи се подалеку од блоковските тектонски триења, но и градење партнерства, со цел реализирање на агендата „Визија 2050“. Аналитичарите велат дека руандските државници се водат по принципот – пријател со сите, непријател со никого, како и дека Руанда нема да избере страна во соперништвото помеѓу САД и Кина, настојувајќи да ги продлабочи економските и политичките односи со Вашингтон и Пекинг. Надворешната политика на Руанда се состои од три столба – продлабочување на регионалната интеграција во Источна Африка, искористување на мултилатералните институции за безбедност (особено мировните операции на ОН) и приближување кон различни економски партнери за да се поттикне нејзиниот долгорочен развој.
Денес, Кина е главен партнер за развој на Руанда инвестирајќи во инфраструктурата, здравството и образованието. Амбасадорот на Руанда, Џејмс Кимоњо, нагласи дека Кина е многу добар пријател и ги отфрли тврдењата за дипломатија на долгови како нелогични. Руанда ја цени улогата на Кина во поддршката на африканските економии и јасно стави до знаење дека нема да биде натерана да избере страна во поширокото соперништво меѓу САД и Кина. Кинеските фирми, особено Кинеската корпорација за патишта и мостови, беа инструментални во надградбата на патиштата низ Руанда.
Значајни проекти ги вклучуваат автопатот за аеродромот „Бугесера“, долг 13 км, и надвозник во округот Кичукиро. Кина исто така ги финансираше институции како интегрираниот политехнички регионален колеџ (ИПРЦ) „Мусанзе“ и поддржува програми за кинески јазик и култура преку настани како натпреварот „Кинески мост“ за студенти. Од друга страна, Руанда извезува кафе и сушени чили-пиперки во Кина. Всушност, руандското кафе достигнува повисоки цени на кинеските платформи за е-трговија, а се очекува земјата да извезе 50.000 метрички тони сушени чили-пиперки во текот на пет години.
Не случајно, Народна Република Кина во моментов е најголемиот трговски партнер и изведувач на проекти на Руанда, а билатералната трговија достигна 321 милион долари во 2020 година и покрај пандемијата.
Во едно интервју од 2024 година, Џејмс Кимоњо, амбасадор на Руанда во Кина и поранешен пратеник во САД, нагласи дека двете земји се сметаат за пријатели.
– Не можеме да бидеме малтретирани, не можеме да бидеме принудени. Сметаме дека Кина е наш многу добар пријател и никој не може да ни каже поинаку – рече Џејмс Кимоњо.
Со САД, Руанда, исто така, ужива долгогодишно и разновидно партнерство. Од воспоставувањето дипломатски врски во 1962 година, САД обезбедија значителна поддршка во области како што се здравството, образованието, управувањето и економскиот развој. Програми како што се Планот на претседателот за итни случаи за помош при СИДА (ППИСПС), Моќ на Африка и Нахранете ја иднината имаа значително влијание. САД се најголемиот донатор во здравствениот сектор во Руанда, а билатералната помош само во 2021 година надмина 147 милиони долари. Откако Пол Кагаме ја презеде функцијата во 2000 година, САД станаа главен билатерален донатор, тие насочуваат околу 100 милиони американски долари годишно во помош за здравство, управување и економски раст, и ја поддржуваат регионалната мировна мисија според моделот на Руанда предводен од цивили. Добрите односи се потврдуваат и од посетата на секретарот Блинкен на Кигали во 2022 година, каде што тој ја пофали Руанда како центар за иновации, инвестиции и туризам. Овој избалансиран пристап ја одразува пошироката дипломатска филозофија на Руанда – вреднување на соработката со двете суперсили, а наедно и зачувување на нејзиниот суверенитет.