Институционалното признавање на македонскиот јазик во Грција се случува во време кога Бугарија се обидува со сите сили да го оспори постоењето на македонскиот јазик дури и во Македонија, а не, пак, да го дозволи на своја територија. Од друга страна, Македонија сега добива аргумент плус и пред Европа отворено да каже дека македонскиот јазик е реалност во нејзините соседни земји, а постоењето на јазикот, всушност, го потврдува и постоењето на македонскиот народ, односно малцинство во соседството
Регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Грција отвора нови перспективи
Судските власти во Грција неодамна го регистрираа Центарот за македонски јазик во Грција, прва невладина организација во Грција што директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од страна на грчките државни органи.
Иако станува збор за скромен чекор, сепак овој чин може да се протолкува и како вовед во еден поширок зафат за целосно признавање на македонскиот јазик во Грција и негова поширока употреба меѓу македонското население во оваа соседна земја.
Впрочем, ова се наведува и во самиот статут на Центарот за македонски јазик во Грција, во кој пишува дека приоритет во неговата работа ќе биде изучување на македонскиот литературен јазик од страна на граѓаните на Грција преку интернет-страница, како и поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и средни) и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија. Во статутот уште се бара и поддршка на заложбите за идно формирање педагошки училишта/одделенија во рамките на постојните универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали.
Сето ова говори дека во Грција започнуваат некакви позитивни процеси што во некој нареден период можат да резултираат и со признавање на македонското малцинство, што уште повеќе ќе влијае за поблиска соработка меѓу двете соседни земји.
Истовремено, институционалното признавање на македонскиот јазик во Грција се случува во време кога Бугарија се обидува со сите сили да го оспори постоењето на македонскиот јазик дури и во Македонија, а не, пак, да го дозволи на своја територија. Од друга страна, Македонија сега добива аргумент плус и пред Европа отворено да каже дека македонскиот јазик е реалност во нејзините соседни земји, а постоењето на јазикот, всушност, го потврдува и постоењето на македонското малцинство.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, смета дека регистрацијата на Центарот за македонски јазик е за поздравување и дека одлуката на грчките судски власти треба да биде повод слично да постапат и бугарските судски органи.
– Владата во Атина сè уште не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур по тужби од Македонци и здруженија на Македонците во Грција. Независно од спогодбата Димитров-Коѕијас, од 17 јуни 2018 година, ригиден и селективен е односот на грчките власти кон македонското прашање и положбата и правата на Македонците во Грција. Се разбира, за поздравување се регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Грција и регистрацијата на движењето за промоција на македонскиот мајчин јазик „Крсте Мисирков“ во Лерин. Македонскиот јазик во Грција и порано бил признаен од Владата во Атина, по пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година, кога, ќе потсетиме, македонскиот јазик бил наведен како јазик што го зборува дел од населението во беломорскиот дел од Македонија, издавањето на Абецедарот на македонски јазик во 1925 година – појаснува Петров низ една историска перспектива.
Тој додава дека останува барањето за воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и средни) и на универзитетите во Грција, во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија, како и барањето за формирање катедри на педагошките факултети за наставници по македонски јазик и изработка на наставни планови, програми и учебници по македонски јазик.
– Се разбира, односот на судските власти во Грција може да биде поволен и за односот на судските власти во Бугарија. За жал, и Владата во Софија не ги спроведува одлуките на Европскиот суд за човекови права… Борбата за унапредување на положбата и правата на Македонците и во Грција и во Бугарија продолжува до еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните пред Уставот и законите, бидејќи Македонците се вградени во темелите на државноста на Грција и Бугарија во борбата за ослободување од нацифашистичката окупација за време на Втората светска војна, кога Македонците од тогашните власти добивале ветување за автономија до обединување на Македонија – истакнува Петров.
За Павлос Васкопулос, првиот човек на Виножито, партијата на македонското малцинство во Грција, по признавањето на македонскиот јазик грчката држава треба да го признае и постоењето на македонското малцинство.
– Партијата Виножито во Грција го смести македонскиот јазик како малцински јазик во органите на Европската Унија многу порано пред официјалното регистрирање на Центарот за македонски јазик во Грција, бидејќи нашата партија беше формирана во 1994 година, благодарение на пријателите во земјите-членки на Унијата. По признавањето на македонскиот јазик, сега е на ред Грција да го признае и македонското малцинство – вели Васкопулос.
Според него, ситуацијата на македонското малцинство на северот на Грција зависи од самото малцинство.
– Ситуацијата околу македонското малцинство во северна Грција зависи од самото малцинство. Членовите на Виножито и воопшто малцинството ќе се радуваат да ја видат македонската држава да просперира и најбрзо да стане полноправна членка на ЕУ. Токму таму да ги искористи благодатите на органите и финансиските можности во ЕУ за доброто на сите граѓани – наведува Васкопулос во својата реакција.