Редакциска опсервација: Светот по ООН

  • Особено е симптоматична категоријата „постојано членство“, која е резервирана за држави што уплаќаат најмалку една милијарда долари. (!?) Влијанието станува функција на финансиска моќ, а не на меѓународно право, или на народи или на регионална застапеност. Таквиот резон е логика на корпорациски одбор/борд, а не на светска организација. Во таков систем, помалите држави не влегуваат како рамноправни актери, туку како клиенти или сојузници што ја демонстрираат својата лојалност

Организацијата на Обединетите нации (ООН) беше создадена врз пепелта на Втората светска војна со една фундаментална идеја: да се ограничи самоволието на големите сили преку правила, институции и барем минимален консензус.
Советот за безбедност (СБ), со сите свои мани и асиметрии, беше компромис меѓу реалната моќ и принципот на колективна безбедност. Денес, тој модел е во длабока криза. Но она што се појавува на негово место не е поправен мултилатерализам, туку нешто многу порадикално – персонализиран, финансиски условен и политички лојален „клуб на моќ“. Имено, Одборот за мир инициран од Доналд Трамп не е само уште една ад хок платформа. Тој е симптом, а можеби и најава за свет по ООН.

Од мултилатерализам кон корпоративно управување на светот

Формално, Одборот за мир започна како техничко тело поврзано со примирјето и реконструкцијата на Појасот Газа, со ограничен мандат и поддршка од Советот за безбедност. Таа резолуција му даде почетна легитимност, но и создаде опасен преседан – пренесување суштински политички и безбедносни функции од универзална организација кон тело со сопствени правила, сопствено членство и сопствен центар на моќ.
Клучниот момент дојде кога рамката беше проширена – од „совет за Газа“ во „трајна платформа за решавање конфликти“ (?!). Имено, со Повелбата потпишана во Давос, Одборот за мир се позиционира како „паралелна архитектура на глобално управување, координирана со ОН кога тоа одговара, но независна кога правилата стануваат пречка“, велат во разговор дипломатите со кои го анализиравме Одборот за мир.
– Во сржта на овој модел не стои држава, ниту институција, туку личност. Трамп е наведен како претседател во личен капацитет, со неограничен мандат, право на конечна интерпретација на правилата и фактичко вето. Тоа не е реформа на меѓународниот систем – тоа е негова приватизација – вели еден поранешен дипломат од кариера, а сега пензионер.

Лојалност и пари како нови критериуми за легитимитет?!

За разлика од ОН, каде што членството е универзално, Одборот за мир функционира по логика на покана. Вашингтон одлучува кој е „релевантен“, а листата на членки го отсликува не светскиот плурализам, туку геополитичките и идеолошките преференции на американската администрација.
Особено е симптоматична категоријата на постојано членство резервирана за држави што уплаќаат најмалку една милијарда долари. (!?) Влијанието станува функција на финансиска моќ, а не на меѓународно право, население или регионална застапеност. Тоа е логика на корпорациски одбор/борд, а не на светска организација.
Во таков систем, помалите држави не влегуваат како рамноправни актери, туку како клиенти или сојузници што ја демонстрираат својата лојалност. За земји како Албанија или Косово, членството не е резултат на визија за глобален мир, туку геополитички сигнал на благодарност и зависност од американската заштита.

Газа како лабораторија за тоа дали функционира еден стар колонијален модел во нова постконфликтна стабилизација

Газа не е случајно избрана. Уништена, трауматизирана и институционално ослабена, таа претставува идеален терен за модел што го редуцира политичкото прашање на административен проблем. Во дискурсот на одборот доминираат термини како „стабилност“, „реконструкција“, „технократско управување“ и „демилитаризација“, додека палестинско-израелскиот спор за појасот Газа исчезнува од централната агенда.
Палестинските актери се сведени на техничка администрација, без вистинска моќ над стратегиските одлуки. Управувањето со територијата се третира како комбинација од инвестициски проект и безбедносен ризик, а не како процес на политичка еманципација. Тоа е стар колонијален модел, респакуван во јазикот на менаџментот и „постконфликтната стабилизација“.

Крај на Организацијата на Обединетите нации?

Одборот за мир не мора формално да ја замени Организацијата на Обединетите нации (ООН) за да ја поткопа. Доволно е да ја заобиколува, да презема клучни функции и да нуди „поефикасна“ алтернатива за оние што имаат моќ и средства. Во тој процес, ОН ризикуваат да останат симбол без реална тежина – место за декларации, додека одлуките се носат на сосема други адреси.
Она што се раѓа не е нов светски поредок заснован на правила, туку флексибилна, персонализирана хиерархија под американско водство, во која мирот станува производ, а глобалното управување – приватен аранжман меѓу најмоќните.
Прашањето повеќе не е дали ОН се во криза. Прашањето е дали светот што доаѓа ќе биде помалку арбитрарен или само поотворено управуван од оние што можат да платат, да се заколнат на лојалност – и да бидат поканети на масата. Р.Н.М.