Очигледно е дека руско-украинскиот конфликт се развива на повеќе траектории, па покрај воените дејства, битката се води и на меѓународноправен, а особено на меѓународнополитички план. Двете страни сметаат дека „борбата“ пред меѓународната јавност и институции, за да се убедат истите тие, е од исклучителна важност!
Но она што се отвори како особено интересна тема за македонската јавност се споредбените паралели што ги отворија некои меѓународноправни експерти, кои ги поставија руско-украинскиот спор од една страна и „нашиот“ македонско-бугарски спор од друга страна. Дали навистина постои заеднички именител?
Има ли паралела на руско-украинскиот и македонско-бугарскиот конфликт
Украина го повика највисокиот суд на Обединетите нации, имено Меѓународниот суд на правдата, да ѝ наложи на Русија да ја запре инвазијата. Киев тврди дека Москва погрешно ги толкува меѓународното право и Конвенцијата за геноцид, врз чија основа Русија ја оправдува својата „специјална операција“. Аргументите за апелацијата на Украина беа разгледувани пред Судот во Хаг, во понеделникот, на 7 март, а Русија не испрати свој правен тим на сослушувањето.
Што значи битката на меѓународноправен и на меѓународнополитички план
Тужбата на Украина поднесена до Меѓународниот суд на правдата (МСП) се фокусира на толкувањето на Конвенцијата за спречување и казнување на геноцидот од 1948 година, договор потпишан од двете земји. Украина во тужбата наведува дека руското тврдење за геноцид не е точно и дека рускиот претседател Путин нема правно оправдување за инвазијата.
Очигледно е дека руско-украинскиот конфликт се развива на повеќе траектории, па, покрај воените дејства на Русија и напорите за одбрана на Украина, битката се води и на правен, а особено на меѓународнополитички план. Двете страни сметаат дека „борбата“ пред меѓународната јавност за нејзино убедување е исклучително важна!
Но она што се отвори како особено интересна тема за македонската јавност се споредбените паралели што ги отворија некои меѓународноправни експерти, кои ги поставија руско-украинскиот спор од една страна и „нашиот“ македонско-бугарски спор од друга страна. Уште на прво „слушање“ на некои од компаративните експликации, во македонската јавност беа „препознаени“ ставови во одредени потези на руската политика за Украина, во која некои домашни аналитичари видоа идентични елементи како и во бугарските услови за Македонија, особено во делот за односот кон нацијата и јазикот, па и оспорувањето на сувереноста на државата. Понатаму, во контекст на споменатите споредби, и апелацијата што ја поднесе Украина пред Меѓународниот суд на правдата, кај одредени кругови аналитичари, неминовно, ги разбуди сеќавањата за добиената пресуда на Македонија против Грција (за непочитување на Привремената спогодба со попречување на членство во меѓународни организации), од која несреќно се откажавме со Преспанската спогодба. Постои уште една паралела што се наметнува како споредбена паралела. Имено, тоа е манифестираниот ентузијазам на дел од земјите-членки на ЕУ, за прием на Украина (Молдавија и Грузија) во Унијата со забрзани процедури, но и молчаливата воздржаност на други земји-членки што настојуваат ентузијазмот да го сведат на едноставна декларативна „политичка поддршка“.
Но, во основа, како што нагласуваат соговорниците, и да нема основани елементи за компарација, не може а да не се констатира дека тие гореспоменати точки се болни. Затоа и какви било, па и најмалите асоцијации, предизвикуваат горчина, бидејќи во изминатите 17 години пред портите на ЕУ, Македонија не може да излезе од тој маѓепсан круг во дијаметар меѓу точките на „ентузијазам“ и „само политичка поддршка“.
ЕУ не сака да се споредуваат Украина и Македонија
Сепак, се чини дека ЕУ е начисто дека не сака да се прават споредби на македонската приказна (исполнета со услови и уцени од земјите-членки што ги злоупотребуваат европските вредности и меѓународното право), со препознаени елементи во актуелниот руско-украински конфликт. Евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, е убеден дека се работи за две крајно различни ситуации.
– Ја отфрлам целосно оваа паралела. Во Украина гледаме градови што се бомбардирани од руската армија. Има лидер што вели дека Украина не е држава. Имаме воена агресија од Русија против суверена држава, чиј територијален интегритет е доведен во прашање – кажа амбасадорот Гир на прес-конференција за македонските медиуми по повод руско-украинскиот судир.
Македонските експерти по меѓународно право сметаат дека, сепак, не може вака остро да се отфрлат споредбите кога се толку очигледни, но и заклучуваат дека претставниците на ЕУ на тој начин се обидуваат да ги одржат кредибилитетот и релевантноста на Унијата за поттикнување реформски процеси во земјите од Западен Балкан, кои сѐ позагрижувачки се намалуваат.
– Кога станува збор за споредбите на условите што ги поставува посилната страна, како во руско-украинскиот, така и во македонско-бугарскиот случај, отфрлањето на европретставниците не може да ги промени фактите на очигледна сличност. Секако, не може да се одрече драстичната разлика што во руско-украинскиот случај изнудувањето за исполнување на тие услови се прави со воени дејства. Но експанзионистичката агресија, сепак, е доминантно присутна од страна на Бугарија во македонско-бугарскиот случај. Бугарија е земја-членка на ЕУ, која со уцените спрема Македонија ги прекршува принципите на Унијата и на меѓународното право. А ЕУ сака да се прави дека не го гледа тоа, па и преку отфрлањето на споредбите меѓу двата спора, со изговор дека нема воен конфликт меѓу Македонија и Бугарија, пред сѐ дека двете земји се сојузници во НАТО. Но евидентни се намерите на посилните страни во двете ситуации. Во краен случај, според теоријата, воените дејства се продолжување на споровите, но со други средства. Реакциите, пак, на ЕУ во однос на двата спора уште еднаш покажуваат дека кога станува збор за меѓународното право, се однесува како правото да е секундарен, а силата примарен аргумент – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Сѐ се сведува на политичка одлука
Кога станува збор за иницијативата за брза европерспектива на Украина (со Молдавија и Грузија), иако без конкретни ветувања од ЕУ, Божиновски смета дека Унијата со тоа му порачува на Западен Балкан дека, всушност, не постои мерит-системот (на кој се инсистира за проширувањето), туку сѐ се сведува на политичка одлука. На тој начин, ЕУ покажува дека нема веќе релевантност да ги придвижува процесите на Балканот.
Професорката по меѓународни преговори и медијација, Ида Мантон цени дека претставниците на ЕУ треба да соберат храброст да ги одбијат бугарските барања, за да покажат конзистентност со европските вредности и Копенхашките критериуми.
– Споредбите меѓу рускиот наратив кон украинскиот идентитет, историја и култура и бугарскиот наратив кон македонскиот јазик, народ и историја се премногу слични за пред нив да затвораме очи. Тие се исти во својата интенција. Обата го проектираат едностраното читање на историјата, во кое се гледаат себеси и својот идентитет како супериорен и база од која произлегле овие „понеавтентични варијации“. Резултат на овие наративи е понижување на Украина и на Македонија и тие се опасни за цела Европа. Разлика постои само во методологијата. Додека Русија посегна воено да ги постигне своите замислени цели, Бугарија тоа го прави злоупотребувајќи ја својата политичка предност. ЕУ ги одбива руските наводи за идентитетот на Украинците, ги одби руските интенции и ја казни Русија за нејзините акции. За да покажат конзистентност со европските вредности и Копенхашките критериуми, претставниците на ЕУ треба да соберат храброст да ги одбијат бугарските барања, кои предизвикуваат тензии и ја разнишуваат стабилноста на Балканот, но и ја разјадуваат врската меѓу ЕУ и Западен Балкан, и тоа додека се на функција, не откако ќе ја изгубат политичката функција, како што беше случајот со Михаел Рот. Неуспехот на ЕУ да ги одбрани европските вредности во овој случај се гледа многу јасно во намалената поддршка што ЕУ ја ужива меѓу македонските испитаници – вели Ида Мантон, професорка за меѓународни преговори и медијација.
Мантон предупредува дека некорисното двоумење и немањето стаменост во одбраната на идеалите од страна на ЕУ, заради внатрешни ситни политички математики, доведоа до оваа кревка ситуација.
– Војната во Украина ѝ покажа на Унијата дека мора да биде силна во одбраната на нејзините идеали и да преземе цврсти чекори кога овие идеали се ставени под прашалник. Храброста и решителноста на ЕУ во Украина треба да се пресликаат и на Балканот, а особено во случајот со Македонија, што не е воопшто тешка дилема за решавање. Македонската дипломатија со изјавите дека ЕУ не е актер во спорот создава неконструктивна заблуда и е во спротивност со очигледните факти и сопствени интереси. Ние имаме многу работи што треба да ги решаваме со Бугарија за да изградиме доверба и да создадеме услови за поконструктивни односи, но тоа треба да се случува надвор од процесот на пристапување и преговарачката рамка – заклучува Ида Мантон.