Препознавајќи ја опасноста од метастазирачка криза на Блискиот Исток, од сите страни на светот пристигнуваат нови пораки од глобалните лидери за итен прекин на огнот. Со свои предлози се изјаснија и повеќемина аналитичари и независни набљудувачи, кои даваат и сопствени видувања за можниот излез од оваа криза, а кои треба да резултираат и со траен мир
Како најбрзо да се надмине ескалацијата на војната меѓу Израел и Хамас
Секојдневното продолжување на војната меѓу Израел и Газа носи нови човечки жртви, материјални штети и разурнувања, со ризик таа да експлодира во поширок конфликт во земјите од Блискиот Исток. Засиленото американско воено распоредување во регионот може да се смета како превентивно, но тоа исто така им сигнализира на лидерите на Израел дека може да ја вовлече Америка во оваа војна. Засега, опциите за постигнување брзо примирје меѓу завојуваните израелски сили и милитантните групи на Хамас се сведени на минимум. Досегашните обиди за посредување заради постигнување примирје завршија со неуспех. Од првите денови на кризата, Катар посредуваше зад сцената во преговорите со Израел, Хамас и Соединетите Американски Држави за договор за ослободување на Израелците и другите што се држат во Газа. Со посредство на дипломатските преговори се дојде блиску до финализирање договор за ослободување на сите цивилни жени, деца, постари возрасни лица и болни во замена за петдневен прекин на непријателствата и да се дозволи повеќе хуманитарна помош да влезе во Газа. Израел го поништи тој договор со започнување на својот копнен упад на северниот дел на Појасот Газа.
Препознавајќи ја опасноста од метастазирачка криза на Блискиот Исток, од сите страни на светот пристигнуваат нови пораки од глобалните лидери за итен прекин на огнот. Со свои предлози се изјаснија и повеќемина аналитичари и независни набљудувачи, кои даваат и сопствени видувања за можниот излез од оваа криза, а кои треба да резултираат и со траен мир.
Ослободување на заложниците и прекин на огнот
Неуспехот на Израел да понуди детални планови за повоена Газа укажува на степенот на дисфункција во израелското размислување. Посветеноста на израелското раководство за уништување на Хамас ја игнорира реалноста за тоа што е тоа движење. Хамас е и вооружена група што го користи тероризмот и е политичко движење што победи на изборите и управува со Газа повеќе од 15 години. Таа ја одржува идејата дека отпорот е дел од борбата за палестинско ослободување. Хамас не е надворешен нихилистички кадар во стилот на ИСИС; таа е длабоко вградена во структурата на палестинското општество, наведува претседателот на проектот САД/Блискиот Исток, Даниел Леви, во анализата за „Њујорк тајмс“. Тој препознава постоење на две важни идеи (на краток и на долг рок) што би можеле да го извлечат регионот од оваа војна.
– Со исполнување на барањето на Израел за ослободувањето на лицата што се држат во Газа и привремениот прекин на огнот, може да се изгради меѓународна динамика и надворешен притисок за да се стави крај на бомбардирањето на Газа. Соединетите Американски Држави ќе треба да се заложат за таков исход, работејќи заедно со Катар и регионалните држави. Посетата на директорот на ЦИА, Бил Барнс, на Израел и Катар сугерираше заживување на разговорите за пакетот за ослободување на заложниците, смета Леви.
На долг рок, посветеноста на израелската влада за уништување на Хамас станува невозможна. По настаните од 7 октомври станува јасно дека Израел не може да обезбеди безбедност за своите граѓани контролирајќи милиони Палестинци, на кои им се ускратени нивните права и слободи и живеат под систем на трајно структурно насилство и нееднаквост. Истовремено, Палестинците повеќе не можат да избегнуваат справување со дефицитот на легитимност во нивното раководство, кое нема кредибилитет, репрезентативност и стратегија за постигнување на посакуваната слобода. И Ослободителната организација на Палестина и нејзината подружница, Палестинската управа, треба да се обноват и прошират за да ја зголемат нивната инклузивност, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на застапеноста на Хамас во ПЛО. Обновените палестински национални политички структури ќе бидат клучна компонента во унапредувањето на поширокото решавање на израелско-палестинскиот конфликт по оваа војна. Нациите што излегоа против прекин на огнот можеби веруваат дека го бодрат Израел за праведна победа, но сегашниот курс на Израел само ја обезбедува неговата вечна нестабилност. Хамас не е егзистенцијална закана каква што Израел мисли дека е. Многупати е кажано дека она што му треба на Израел од неговите пријатели и поддржувачи е да се повлече од пропаста и претерано досегнување и екстремизам. Гаранцијата на Америка за израелската неказнивост и неподготвеноста значајно да се справи со палестинското страдање предолго ги промашува интересите на Израелците и Палестинците, се констатира во анализата на „Њујорк тајмс“.
Примена на меѓународното право
Масовните и брутални напади и киднапирања на Хамас извршени врз Израелците на 7 октомври ги прекршија најфундаменталните меѓународни правни принципи на човештвото. Истите тие принципи го регулираат правото на одговор на Израел и тие најдобро се исполнуваат преку итен прекин на огнот од сите страни, а не преку израелска копнена офанзива во Газа, смета Мери Елен О’Конел, професорка по меѓународни мировни студии на институтот „Крок“ на универзитетот „Нотр Дам“.
– Во рамките на меѓународното право, две групи правила имаат посебна примена. Тоа се човековите права и законот со кој се уредува употребата на сила, кој се состои од правила за прибегнување кон оружена сила и правила за спроведување сила, исто така познати како право за оружен конфликт, право за војна или меѓународно хуманитарно право.
Меѓународното право за човекови права се наоѓа во широко усвоените договори и ги штити основните права, како што се правото на живот и слободата од произволен притвор. Таа бара Хамас да го прекине огнот и да ги ослободи заложниците. Исто така, постои добро воспоставено право според законот за човекови права што му дозволува на Израел да користи ограничена сила за да ги спасува државјаните што ги држи Хамас – вели О’Конел.
Покрај Повелбата на ОН, две правила на општото меѓународно право исто така го ограничуваат прибегнувањето кон сила. Начелото на неопходност бара секоја употребена сила, дури и во самоодбрана, според членот 51, да биде како последно средство и да има разумна шанса да ја постигне законската воена цел. Ако може да се исполнат барањата на неопходноста, тогаш принципот на пропорционалност налага употребената сила да биде пропорционална на претрпената повреда. Овие принципи ги применува Меѓународниот суд на правдата од случај до случај, пишува Си-ен-ен.
Без оглед на тоа дали една држава прибегнува кон сила законски според Повелбата на ОН, секоја употреба на сила мора да ги следи принципите за спроведување сила. Законите за спроведување сила се кодифицирани во повеќе сложени договори, од Женевските конвенции од 1949 година до изјавата за воени злосторства во Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд. Најважните норми се супериорни во однос на договорите, а ги обврзуваат сите борци во оружените конфликти. Тие не дозволуваат отстапување и ги вклучуваат принципите на цивилна дистинкција, неопходност, пропорционалност и хуманост. Ова подразбира дека се забранува намерно или неселективно целење на цивили или на оние што повеќе не учествуваат во борбите. Милитантите на Хамас знаат дека ги ставаат во опасност невините животи на заложниците и тие имаат јасна должност да ги ослободат заложниците. Цената за цивилите во овој конфликт е толку висока што принципот на хуманост бара прекин на сите борби.
Со тековниот конфликт постојат ризици војната да се претвори во поширок регионален конфликт и долготрајни прашања за управување, доколку Израел успее да го разбие Хамас, предупредува Том Бауман од НПР, кој го покрива Пентагон. Тој ги поставува овие основни прашања: „Вие го уништувате Хамас, но кој управува со Газа? И дали создавате повеќе милитанти со вашата тактика?“
САД имаат итна одговорност да ги решат овие грижи и да го вратат почитувањето на меѓународното право, се заклучува во текстот на Си-ен-ен.
ЕУ-принципи за Газа
Со своевиден план за постигнување мир на Блискиот Исток излезе и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која предложи пет „основни принципи“ што ќе ја „дефинираат“ иднината на Појасот Газа откако ќе заврши војната меѓу Израел и Хамас.
Принципите, кои се вкотвени во перспективата на решение за две држави, вклучуваат крај на владеењето на Хамас над густо населената енклава и укинување на строгата блокада наметната од Израел и Египет од 2007 година.
Овие ЕУ-принципи за постигнување трајно примирје тргнуваат од ставовите на Европската Унија и Соединетите Американски Држави, кои го сметаат Хамас за терористичка организација, со која се прекинати сите официјални контакт со групата.
Планот принципи за Газа предложени од Фон дер Лејен се: нема безбедно засолниште за терористите, нема влада предводена од Хамас, нема долгорочно израелско безбедносно присуство, нема принудно раселување на Палестинците и нема постојана блокада.
– Сето ова може да изгледа премногу амбициозно, бидејќи војната сè уште беснее. Но не смееме да штедиме напор да ја одржиме надежта. Да најдеме трајно решение, засновано на две држави, кои живеат една до друга во мир и безбедност – признава Фон дер Лејен.
Европската Унија усвои заедничка позиција со која го поддржува правото на Израел на самоодбрана „во согласност со меѓународното право“ и повикува на „хуманитарни коридори и паузи“ за да се забрза испораката на итна помош, како храна, вода и гориво во Газа.
Шефицата на Европската комисија најави дополнителни 25 милиони евра хуманитарна помош за Газа, со што вкупното финансирање за оваа година ќе достигне 100 милиони евра. Брисел се обидува да воспостави и „поморски коридор“ од Кипар за да го дополни преминот Рафах, единствената маршрута во моментов достапна за да се донесат резерви од храна, лекови и друга хуманитарна опрема за жителите на Газа.
Според Жозеп Борел, шефот за надворешна политика на ЕУ, израелско-палестинскиот конфликт не треба да се опише како „верски“ или „етнички“ спор, туку како национален проблем на „две лица што имаат еквивалентно право да егзистираат на иста земја“.
– Нема воено решение за конфликтот. Без политичка стратегија, никој не може да победи во битката против тероризмот. Дури и ако Хамас биде уништен во Газа. Ова нема да го реши проблемот со Газа, а не пак проблемот со Западниот Брег. Затоа, претераните реакции се секогаш разбирливи, но никогаш не се ефикасни – изјави тој.
Борел го повика Израел „да не биде заслепен од гнев“ и предупреди дека „игнорирањето на човечките загуби на крајот може да има контраефект“ против земјата, пренесе „Еуроњуз“.
Подготвил: Митко Јовановски