Професорот по меѓународно право Игор Јанев со интересен предлог како граѓанинот како индивидуа има можност да го отфрли понижувањето чиј корен е Договорот од Нивици

Имајќи предвид дека Договорот од Преспа станува целосно компромитиран и по повеќе основи од меѓународното право, Преспанскиот договор е ништовен, а не се ниту спроведува од една од потписничките, професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, потсетува дека постои еден институт таканаречен „приговор на совеста“, што ќе им овозможи на граѓаните да го прекинат омаловажувањето од страна на домашните институции што прифатиле обврска, (врз основа на билатерален меѓународен договор, кој е целосно правно компромитиран, да биде пренесен пропис во внатрешното право), што притоа создаваат и обврска за граѓаните на Македонија! Имено, со таканаметнатата норма однадвор (ратификувана во нашиот парламент), апсолутно се компромитираат човековите индивидуални и колективни права на македонските граѓани!

Идентитетски инженеринг – со промена на личните документи на граѓаните

Ова што сега се прави со целосната промена на документите, според професорот, е класичен вовед во идентитетскиот инженеринг со кој се менува македонскиот идентитет, но и се влијае врз чувството на секој поединец. За да не се случи тоа, професорот изнесува свое видување како да се спречи тоа.
– Јас никогаш не би прифатил нови документи со „северна“, бидејќи можам да се повикам на „приговор на совеста“ (односно етичка одговорност поврзана со одбивање учество во наметнување нелегитимен национален идентитет). Имено, принципот што нема универзална применливост, не е морален принцип! „Приговорот на совеста“ ми дава право јас како поединец да го отфрлам наметнатиот или однадвор инсталираниот (со договорот или спогодбата) идентитет, со кој сметам дека се врши етноцид или културен геноцид – објаснува професорот Јанев.
Попластично говорејќи за институтот „приговор на совеста“, професорот Јанев посочува на примерите што најчесто се користат во армијата, а кои се широко распространети.
– Кога за служење војска, на пример, има „приговор на совеста“ (пр. не сакам да носам пушка и сл.), тогаш и кај мене има приговор на совеста да бидам национално преименуван во она што не сум или не се чувствувам национално дека сум – истакнува професорот Јанев. С.Т.