Фото: Игор Бансколиев

Извештај на СЗО за Македонија

Светската здравствена организација (СЗО) во најновиот извештај за Македонија констатира дека земјава напреднала во намалувањето на антимикробната резистентност и во користењето на електронското здравство во одговорот на ковид-19, но проблем и натаму претставуваат катастрофалните здравствени трошоци.
Во извештајот на СЗО, меѓу другото, се наведува дека земјата почнала да презема координирани чекори за намалување на нерационалната употреба на антибиотици и за зајакнување на системот за надзор на антимикробна резистентност. Како што наведуваат од СЗО, антибиотиците се лекови што спасуваат животи, но нивната злоупотреба придонесува за појава на мултирезистентни организми, кои се закануваат да ја намалат нивната ефикасност.
Според податоците од извештајот, електронските здравствени интервенции одиграле клучна улога во одговорот на Македонија на пандемијата на ковид-19 од почетокот на 2020 година.
– Се воведе дигитален регистар на здравствени работници, беше изработен модул за телемедицина, со што се овозможи преглед на пациенти на далечина преку користење ИТ-технологии, редовно се применуваа телефонски консултации во примарната здравствена заштита, а се овозможи и издавање е-рецепти за пациенти со хронични заболувања. Овие е-здравствени интервенции го подобрија пристапот до основните здравствени услуги, особено за ранливите и недоволно опслужените групи – се вели во извештајот на СЗО. Според него, иако пристапот и до јавно финансирана здравствена заштита е подобрен во последниве години, катастрофалните трошоци за здравствена заштита и натаму претставуваат проблем, особено за посиромашните домаќинства.
Катастрофалните трошоци, според СЗО, се должат главно на приватни плаќања за лекови. Високото ниво на приватни трошоци, вклучувајќи и неформални плаќања, ја намалува веројатноста групите граѓани со ниски приходи да ги добијат потребните здравствени услуги. СЗО во овој извештај го пофалува напредокот на Македонија во, како што нагласува, многу сложени околности. Од оваа здравствена организација нагласуваат дека е важно да се напомене оти постигнувањата на Македонија се остварени во многу сложени околности, а особено во услови на глобална пандемија.
Македонија, според СЗО, била погодена од пандемијата посилно отколку многу други земји, особено за време на вториот и на третиот бран.
– Новите извештаи даваат важни информации и податоци за здравствените системи во овие земји на концизен и достапен начин – вели д-р Наташа Азопарди Мускат, директорка за национални здравствени политики и системи во СЗО/Европа, притоа додавајќи дека со истакнување на напредокот и предизвиците, извештаите ќе ги поддржат земјите во понатамошното следење на здравствените системи со текот на времето, истовремено поставувајќи ги во поширокиот контекст на Европскиот Регион на СЗО.
Новите 14 извештаи биле претставени завчера, на 72-та седница на Регионалниот комитет на СЗО за Европа во Тел Авив, Израел. Секој извештај содржи најнови информации за земјата во однос на организацијата на здравствениот систем, стратегиите за финансирање и финансиска заштита, пристапот до ресурси и услуги, подобрувањето на здравјето на населението, стратегиите за антимикробна резистентност и напредокот кон исполнување на Европската програма за работа на СЗО.