Денешното продолжение е четврто во пакетот написи за феноменот „сообраќај на патиштата“ во Македонија. Целта на написите е мобилизирање и фокусирање на сите општествени чинители за децидно и решително спроведување на мерките и активностите за поголема безбедност на сообраќајот на патиштата. До стигнување на целта, која значи висока безбедност и сигурност на сите учесници во сообраќајот – има патишта и има решенија. Особено во делот од превенцијата, на која е неопходно интензивно да се поработи. Помеѓу другите активности, пожелни се повеќе кампањи за поголема безбедност во сообраќајот, со учество на ценети и познати јавни личности во нашето општество, за да се потенцира нужноста, за секој учесник, од доследно практикување во почитувањето на прописите во сообраќајот. Значајно би било кога во медиумите, особено во електронските, би се посветувал уште поголем простор за безбедноста во сообраќајот
Народната мудрост и на Балканот е надалеку позната. Една од изреките што лесно се паметат, а уште полесно може да се практикуваат е „подобро да се спречи отколку да се лечи“. Така е и со општествениот феномен наречен „сообраќај“. Во тој контекст апелираме на мобилизација на што поголем дел од општеството во превенцијата од сообраќајните незгоди во Македонија, кои, како што е видливо од бројките што ги пренесовме во три продолженија, последниве години многу се зголемија и достигнаа загрижувачки, би рекле и опасни по општеството, размери.
Сите може и треба да се обидеме да дадеме што поголем придонес во остварувањето на целта. А, целта не би требало да биде поголемо казнување на прекршителите, туку поголема безбедност во патниот сообраќај во Македонија, со посебен фокус на намалување на: бројот на сообраќајни незгоди во патниот сообраќај, на последиците по учесниците во нив, на бројот на загинати и повредени…
Семејството како што е фактор на превенција така е и фактор на ризик. Семејствата и поединците се базата во создавањето дисциплина за почитување на правилата и безбедност во сообраќајот. Образованието (од градинките, преку основните и средните училишта, до високообразовните установи), пак, треба да го дополни она што ќе го пропушти семејството, бидејќи, за жал, пројавувањето на општата некултура се рефлектира, пред сѐ, во сообраќајот. Во оваа комплексна материја се вклучуваат голем број општествени чинители, како што се институции, медиуми, организации…
Според мене, на крајот доаѓаат Министерството за внатрешни работи (МВР), кое го спроведува почитувањето на правилата и безбедноста во сообраќајот, вклучувајќи и санкционирање на прекршителите на прописите, потоа обвинителствата, како и судовите што се задолжени за процена и за одлучување за казни спрема прекршителите.
Потребно е синхронизирано учество, но и поделба на одговорноста, за намалување на многубројните девијантни поведенија на учесниците во сообраќајот. Во нашите повеќенеделни темелни истражувања и анализи на податоците за сообраќајните незгоди утврдивме дека најчесто, како што поминуваат годините, во многуте ставки и категории што ги споредувавме, бројките стануваат сѐ поголеми. Ценам дека е неопходно заострување, и тоа значително, на казнените одредби кон прекршителите на прописите и безбедноста во сообраќајот. Подобро да се спречи отколку да се лечи.
Помеѓу другите активности, пожелни се повеќе кампањи за поголема безбедност во сообраќајот, со учество на ценети и познати јавни личности во нашето општество, за да се потенцира нужноста, за секој учесник, од доследно практикување во почитувањето на прописите во сообраќајот. Значајно би било кога во медиумите, особено во електронските, би се посветувал уште поголем простор за безбедноста во сообраќајот.
Неопходно е да се одржуваат што повеќе настани како што беше јавната расправа во републичкото собрание на седми февруари, во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на темата „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива за зајакнување на безбедноста во сообраќајот“. Претставници од многу општествени чинители истакнаа дека се потребни законски интервенции што ќе обезбедат поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот. На продолжението (прво) на таа осумнаесетта седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието, која се одржа на 20 февруари, според пренесеното во медиумите, Комисијата усвои десет заклучоци од споменатата јавна расправа од седми февруари. Ценам дека сите заклучоци се особено важни, а особено оние во следните пет точки, кои ги цитирам во продолжение:
1. Намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај преку издигнување на одговорноста и свеста на сите учесници во сообраќајот и преку елиминирање на неказнивоста на сторителите.
2. Репресивна закана како превенција: Заострување на казнената политика преку изменување и дополнување на Кривичниот законик, Законот за прекршоците, Законот за безбедност во сообраќајот, Законот за јавните патишта, Законот за извршување на санкциите и нивно меѓусебно усогласување најдоцна до крајот на 2025 година.
5. Судовите својата работа да ја темелат на почитување на законските начела со посебен акцент на непристрасноста, да ги применуваат законските одредби во целост и изречените казни да бидат во согласност со тежината на прекршокот и да се имаат предвид мерките што може да се применат да се спречи можноста од повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот.
8. Превентивни мерки со акциски предлог-план за нивно реализирање и се препорачува Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата да ги засили своите активности во насока на издигање на јавната свест, притоа истакнувајќи ја личната одговорност на секој поединец што на кој било начин учествува во сообраќајот.
10. Медиумите да ја имаат предвид важноста на едукативните програми и содржини како превентивни мерки за спречување насилно однесување во сообраќајот и во сите области од секојдневното живеење.
На споменатата јавна расправа на седми февруари министерот за правда Игор Филков информира дека министерствата за правда и за внатрешни работи, потоа судии од Одделот за прекршоци во Кривичниот суд во Скопје и универзитетски професори работат на интензивна имплементација на новите законски измени во Законот за прекршоците, како и во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во контекст на овој процес, формирана е работна група за дополнување на законските решенија, со посебен фокус на намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
Од јавната расправа на седми февруари за одбележување е и дел од говорот на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека е неопходно да се воспостави систем на казнивост што ќе функционира доследно и кoнтинуирано и ќе важи еднакво за сите. Министерот додаде дека еден од проблемите во сообраќајната безбедност е огромниот расчекор помеѓу бројот на пријавени и осудени прекршители. Овој систем на компромиси и полуправда мора да биде разбиен и да се воведе систем на ефективна контрола и строги санкции, особено за рецидивистите.
– За тоа е потребна институционална вмреженост, која овозможува навремена и ефикасна размена на податоци. Токму затоа како влада работиме на итна дигитализација и интероперабилност на системите за сите податоци да им бидат автоматски достапни на институциите за да не може никој да избега од одговорност. Ова не е само административна промена, туку суштинска реформа што ќе донесе вистинска ефикасност и транспарентност на системот. Но, ако сакаме вистина, ефикасност, треба да погледнеме и во себе, помеѓу другото – кажа Тошковски на јавната расправа што се одржа на седми февруари.
Значително може да се намалат „црните“ статистики ако се примени дел од следниве предлог-мерки: издигање на нивото на превенција, заострување и дополнување на казнената политика, при што во посакуваните цели спаѓаат и нулта толеранција кон прекршителите и елиминација на потенцијалната можност за „фаќање врска“… Нужни се и пoголема едукација на децата за безбедноста во сообраќајот, подобра сообраќајна сигнализација и патна инфраструктура, повеќе да се земаат предвид психијатриско-психолошките аспекти при градењето систем за поголема безбедност во сообраќајот.
Да се потсетиме, како што укажа директорката на Психијатриската болница Славица Арсова на јавната расправа одржана на седми февруари, дека проблемите се системски, но и покрај тоа што се зборува за подобрување на системот, доколку луѓето што се дел од тој систем не ги применуваат законите како што треба, системот нема да профункционира и насилството пак ќе дојде.
Живко Здравковски