Професорите со кои се консултиравме во врска со поставените прашања поврзани со Преспанскиот договор што не се однесуваат на идентитетските, историските, јазичните и други тежишни прашања што произлегуваат од договорот од Нивици, туку се однесуваат на дилеми во врска со трошоците што произлегуваат од него, децидно сметаат дека „кога се прави договор како Преспанскиот, сите обврски што произлегуваат од него треба да бидат на државниот буџет“
Ретроградното влијание на договорот од Нивици во континуитет
До февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија. Тоа значи дека граѓаните, кои досега не го сториле тоа, ќе мора да ги сменат личната карта, пасошот, возачката дозвола, сообраќајната дозвола, но и регистарските таблички. Дополнително, ќе треба да се сменат и активни договори со претпријатија за јавни паркиралишта, бидејќи старите повеќе нема да им важат. Трошокот за промената на документите е на секој граѓанин поединечно, па така, доколку треба да се променат повеќе документи, кои се со важност и по февруари 2024 година, сметката за тоа може да биде околу 4.000 денари по човек.
Предвидливи или скриени беа дополнителните трошоци за Македонија
од Преспанскиот договор
Дека овие обврски требаше да бидат со финансиски олеснувања, односно да се платат од буџетски пари, тврди и универзитетскиот професор Борче Давитковски.
– Кога се прави колективен договор како Преспанскиот, сите обврски што произлегуваат од него за граѓаните требаше да бидат на државниот буџет или пак, најскапите, оние што најмногу чинат, да можеше да се регулираат со налепници до нивното менување. Сега сите ќе мораат да ги менуваат регистарските таблички, а сето тоа можеше да се регулира со НМК-налепници – смета проф. д-р Давитковски, кој на Правниот факултет „Јустинијан први“ реализираше настава од областа на јавната администрација и административното право.
Според него, потребно е да се бајпасира за да не дојде до голем финансиски товар на граѓаните.
– Дополнително ќе се создава невиден метеж, сите ќе треба да ги менуваат документите. Ќе треба и дополнителни обврски за реажурирање договори за паркирање. Коректно беше само тоа што објавија една година однапред, за граѓаните навремено да бидат известени и дека имаат една година за тоа да го направат. Сега сите се запознаени дека при прва регистрација на возилото ќе треба да бараат и замена на табличките – смета тој.
Државата им ја префрли обврската на граѓаните
Граѓаните ќе треба да ги заменат сите лични документи, сообраќајна дозвола и регистарски таблички, доколку веќе не го сториле тоа. За да го направат тоа, според нашите пресметки, за еден човек ќе треба да се плати до 3.880 денари. Оваа сума може да варира во зависност од возраста на лицето, видот на постапката и документите што се издаваат. Но, во секој случај, износот пропорционално се зголемува, во зависност од бројот на членови и возила во семејството, кои се финансираат од еден заеднички домашен буџет.
– Треба да променам важечка лична карта, пасош сменив, а да платам и за регистарски таблички. Сопругата треба да промени лична карта, а синот да плати за регистарски таблички. Па сметајте колку пари ќе ни се излеат од семејниот буџет. Инаку, кога го менував пасошот вработените во МВР ми кажаа на документот горе да наведам дека го менувам поради уставни измени – вели Горан А. од Скопје.
Сметката за промена на документи може да изнесува околу четири илјади денари за едно лице што е сопственик и на автомобил. Во семејство со повеќе членови што треба да ги сменат документите трошокот е многу поголем.
– Кој во денешно време на оваа економска криза има четири илјади денари за едно лице да може да смени лични документи, а камоли за целото семејство? Крпиме крај со крај, едвај врзуваме и сега ни кажуваат дека мораме да менуваме буквално сѐ. Мене пасошот ми важи, зошто да морам да го менувам? Да, државата потпишала договор, меѓутоа тоа не е мој договор, јас не сум го барал. Финансиски едно четиричлено семејство што има едно возило и четири пасоши за менување не може да го издржи тоа со минимални плати и толкави сметки и трошоци за преживување – вели Тони Јовановски.
Инаку, обврската за промена на регистарските таблички на возилата со MK, произлегува од одредбите на Законот за возила. Со цел добивање таблица со ознака NMK, сопствениците на возилата треба да поднесат барање за промена на регистарски таблички. Сопствениците на возила што имаат таблички со ознаката МК мора да ги заменат со нови заклучно со 12 февруари 2024 година, а доколку возачите не го испочитуваат рокот и бидат фатени дека возат со незаменети таблички, им следува казна од 100 евра.
Промената на регистарските таблички на автомобилите со нова ознака НМК според пресметките на Радио Слободна Европа вкупно ќе ги чини граѓаните 11 милиони евра. МВР ги набавило табличките по 470 денари, а граѓаните ќе ги платат по 1.200 денари.
Владата: Имаме антикризни мерки!
Владата во координација со надлежното Министерство за внатрешни работи информира дека издавањето и промената на документи што се користат надвор од државата за движење, транспорт и комуникација, како што се пасош и лични карти, возачки дозволи, регистрации со новото име на државата е постапка чија примена за спроведување е во согласност со Преспанскиот договор и уставното име на државата.
– Во врска со справувањето со големите предизвици од светската економска и енергетска криза и ублажување на ценовниот шок за граѓаните, Владата на Северна Македонија, континуирано, а особено во кризните 2020, 2021 и 2022 со низа мерки и проекти ги штити стандардот на граѓаните и ликвидноста на економијата. Конкретно, претходните две години цената на струјата и парното се субвенционирани со вкупно 289 милиони евра, со што е спречен ценовен шок во услови на глобална криза. Дополнително на ова за да се заштитат граѓаните и стопанството од оваа криза беа донесени два пакета антикризни мерки. Од април минатата година цената на струјата е субвенционирана со 80 проценти на реалната берзанска цена за сите 600.000 домаќинства и за 72.000 компании. Донесовме мерки и за школите и за компаниите што произведуваат основни прехранбени производи, со цел да спречиме понатамошен раст на цените и да влијаеме кон намалување на цените. За 2023 година во буџетот во посебна програма предвидени за справување со енергетска криза и за мерки за поддршка вкупно се предвидени 13,836 милијарди денари или 225 милиони евра. Според податоци на Светска банка, во регионот издвојуваме највисока буџетска поддршка, дури 5 отсто од БДП за справување со кризата. Вкупниот пакет за поддршка на домашната економија за 2022 со два пакета антикризни мерки изнесува над 760 милиони евра – велат од Владата.
Колку чини замена на документите и на табличките
Во продолжение се наведени сумите потребни за изработка или за замена на личните документи, како и за промена на регистарските таблички.
1. Замена на лична карта – 190 денари
2. Возачка дозвола во редовна постапка (280 денари за образецот, 110 денари административна такса) – вкупно 390 денари
2.1 Возачка дозвола во редовна постапка, кога дозволата не е важечка (280 денари за образецот, 170 денари административна такса) – вкупно 450 денари
2.2 Возачка дозвола во итна постапка (840 денари за образецот, 110 денари административна такса) – вкупно 950
3. Сообраќајна дозвола (200 денари за образецот, 110 денари административна такса) – вкупно 250 денари
4. Регистарски таблички за моторно возило (1.200 денари за образецот, 50 денари административна такса) – вкупно 1.250 денари
5. Издавање патна исправа
5.1 Пасош за деца до четири години (1.500 денари за образецот, 100 денари административна такса) – вкупно 1.600 денари
5.1.1 по итна постапка (4.500 денари за образецот, 100 денари административна такса) – вкупно 4.600 денари
5.2 Пасош за лица од четири до 18 години (1.500 денари за образецот, 200 денари административна такса) – вкупно 1.700 денари
5.2.1 по итна постапка (4.500 денари за образецот, 200 денари административна такса) – вкупно 4.700 денари
5.3 Пасош за лица од 18 до 27 години (1.500 денари за образецот, 200 денари административна такса) – вкупно 1700 денари
5.3.1 по итна постапка (4.500 денари за образецот, 200 денари административна такса) – вкупно 4.700 денари
5.4 Пасош за лица над 27 години (1.500 денари за образецот, 300 денари административна такса) – вкупно 1.800 денари
5.4.1 По итна постапка (4.500 денари за образецот, 300 денари административна такса) – вкупно 4.800 денари
Даниела Трајковска Здравеска Софија Саздовска