Корените на лицемерството на Дора Бакојани во нејзината аргументација за „заштитата на правата на српското малцинство“ можат да се пронајдат во нејзиниот „капитален успех“ во кариерата како министерка за надворешни работи на Грција во блокадата на зачленувањето на Македонија во НАТО и негирањето на постоењето на македонското малцинство во Грција. Улогата што Грција и самата Бакојани ја (из)играа со непочитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата за непопречување на зачленувањето на Македонија во меѓународните организации, секако не ѝ влева доверба на Србија во моќта на европските институции во заштита на српското малцинство во Косово. Односот на Грција спрема Македонија не влева доверба во гаранциите на Бакојани за никаква заштита на човековите права, ниту пак за придржување до принципите на Советот на Европа
Како актуелната европарламентарка од Грција и поранешна министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, уште еднаш ја потврди изреката „не верувај им на Грците ни дарови кога носат“
Едно од „традиционалните“ пријателства меѓу државите во регионот каде што тој збор повеќе е синоним за долгогодишни заемни политички интереси, односно меѓу Србија и Грција, сега е доведено во сериозно искушение. За аналитичарите тоа значи и почеток на еден регионален домино-ефект. Имено, деновиве, актуелната европарламентарка од Грција и поранешна министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, спроведувајќи одредени политики, навидум во интерес на регионалната стабилност и меѓународна институционална кохезија, направи потег на тектонско нарушување во насока кон влошување на српско-албанските односи (не само во Косово туку и во насока на силен негативен удар на грчко-српските односи).
Со оглед на тоа што Македонија е во географски „сендвич“ на гореспоменатите држави што се во нашето опкружување, а поаѓајќи од фактот дека нашите билатерални односи со државите од регионот се од витално значење и за нашите евроинтеграции, но и за регионалната стабилност (во контекст на актуелните безбедносни регионални раздвижувања), тогаш логично е да се осврнеме кон одредени можни импликации врз Македонија, во овој контекст.
Ставот и изјавата на Дора Бакојани
Актуелната европарламентарка од Грција и поранешна министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, како известителка пред Советот на Европа за исполнување на условите од страна на Косово за прием во оваа најстара европска организација, пред разгледувањето на подготвениот извештај пред Комитетот на министрите на СЕ, изјавила дека е во интерес на српското малцинство на Косово оваа држава да стане членка на организацијата, за да можат да ги бараат своите малцински права пред Европскиот суд за човекови права.
Србија, поаѓајќи од меѓународното право и Резолуцијата на ООН 1144, на секој начин докажува пред меѓународната јавност за статусот на Косово, кој е предвиден во тие меѓународни документи, па затоа оваа изјава на Бакојани е оценета како врвно лицемерство. Според Србија, Косово во СЕ е прекршување на принципите на кои почива Советот на Европа.
– Изјавата на главната известителка за т.н. Косово во Советот на Европа, Дора Бакојани, дека заштитата на српското малцинство на Косово и Метохија ќе биде подобра ако оваа држава стане членка на Советот на Европа е скандалозна и претставува врв на лицемерството и двојните стандарди. До вчера, Дора Бакојани говореше за три услови за нејзина препорака, од кои најважна е формирањето на заедницата на српските општини, што претставува обврска за Приштина веќе 11 години. А денес говори дека е доволно тоа што е запишано во катастар земјиштето на манастирот Дечани, што веројатно не е спорно веќе седум века – изјавил министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Овој пат измамата е за Србија, а за претходните измами со кои беше изманипулирана Македонија кога ќе стане збор?
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, меѓу другото истакнува дека препораката на Бакојани за прием на Косово во Советот на Европа е измама за Србија. На тој начин, дел од западната меѓународна заедница го прекршила своето ветување дека Косово нема да влезе во Советот на Европа додека не се формира заедница на српски општини. Тој нагласува дека станува збор за уште еден пример за прекршување на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, како и прекршување на сите принципи на кои почива Советот на Европа.
Дора Бакојани, пак, во интервју за медиум во Србија, рекла дека српската заедница и сите различни малцинства на Косово треба да имаат можност да се обратат до Европскиот суд за човекови права. Односно, дека тој суд, доколку Косово стане членка на Советот на Европа, ќе има право да ги наметне своите одлуки. Со самото тоа заштитата на српското малцинство и на другите малцинства ќе биде многу подобра, доколку Косово стане членка на Советот на Европа. Таа додала дека сосема е свесна дека и понатаму постои долг список на нерешени предмети поврзани со демократијата и човековите права во Косово, како и силен отпор на Приштина на разни фронтови.
Приемот на Косово во Советот на Европа, де факто претставува протерување на Србија
Пред да биде донесена одлуката за прием на Косово во Советот на Европа, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека постои можност неговата земјата да излезе од оваа организација, ако се случи тоа. Според Вучиќ, приемот на Косово во Советот на Европа, де факто претставува протерување на Србија.
– Ќе им биде многу, многу непријатно кога ќе ги слушнат сите детали за тоа како ја лажеле Србија за Советот на Европа и сите други приказни. Одете со тоа, а потоа ќе видиме дали Србија сака да остане или не, во Советот на Европа. Па да видиме, можеби повеќе ви се допаѓа Приштина во Советот на Европа отколку Белград и Србија – рече Вучиќ во гостување на медиум во Србија.
Тој оцени дека Советот на Европа е организација што одлучува „за ништо“. Покрај другото потсети дека Русија е исфрлена од СЕ, пред Косово да биде ставено на дневен ред, и додава дека влегувањето на Косово е де факто протерување на Србија од таа организација.
Импактот за Македонија
Корените на лицемерството на Дора Бакојани во нејзината аргументација за заштитата на правата на српското малцинство можат да се пронајдат во нејзиниот „капитален успех“ во кариерата како министерка за надворешни работи на Грција во блокадата на зачленувањето на Македонија во НАТО и негирањето на постоењето на македонското малцинство во Грција. Улогата што Грција и самата Бакојани ја (из)играа со непочитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата за непопречување на зачленувањето на Македонија во меѓународните организации, секако не ѝ влева доверба на Србија во моќта на европските институции во заштита на српското малцинство во Косово. Односот на Грција спрема Македонија не влева доверба во гаранциите на Бакојани за никаква заштита на човековите права, ниту пак за придржување до принципите на Советот на Европа. Добри познавачи на меѓународните односи, особено на „традиционалните врски“ меѓу државите во регионот, по малку иронично заклучуваат дека улогата што ѝ е доделена на Бакојани, да го внесе Косово во Советот на Европа и да го загрози, дури и да го наруши традиционалното пријателство на нејзината земја со Србија, е „долгот“ што Грција треба да го „плати“ за сите привилегии што ги доби во Преспанскиот договор со Македонија.
– За македонските граѓани е битно Србија да престане да ја поддржува грчката агенда и сите грчки културоцидни или етноцидни акти, поради фактот што „Грција го признава територијалниот интегритет на Србија“, односно не го признава Косово како независна држава. Сега, откако Бакојани го навестува грчкото признавање на Косово и поддршката на Косово за членството во Советот на Европа, оската Грција – Србија драстично ќе ослабне. Имено, во случај Косово да влезе во Советот на Европа, Србија би можела да го напушти членството во оваа меѓународна организација. Потоа, со антигрчкото и анти-ЕУ расположение, поради нивната непринципиелност, лицемерство и политика на два колосека, Србија ќе има уште повеќе слух за нелегалноста на Преспанскиот договор! – вели професорот по меѓународно право Игор Јанев.