КОГА ГРЦИЈА ЕКСПЛИЦИТНО СО ГОДИНИ ГО КРШЕШЕ преспанскиот ДОГОВОР, НИКОЈ НЕ РЕАГИРАШЕ, СЕГА АТИНА ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА ГО СПАСУВА ОНА ШТО Е МЕЃУНАРОДНОПРАВНО НЕЛЕГАЛНО
Заклетвата на новата претседателка на Македонија, проф. Гордана Силјановска-Давкова, според мислењата на неколку странски професори по меѓународно право, најавува пресврт во надворешната политика. Имено, според нив, неупотребувањето на задолжителната придавка пред идентитетот (задолжителна додавка според Преспанската спогодба) од страна на претседателката претставува отворено прекршување на овој договор. Но соговорниците наедно споменуваат дека уште веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, првата страна, односно Грција, до ден-денес не направила никаков чекор за негово почитување и да го стави во функција: од ратификувањето во грчкиот парламент (заедно со нератификувани два протокола), па до спроведувањето на своите обврски на терен. Со таквите потези (непостапувања), токму Грција е првата страна што го третирала Договорот од Преспа како – нефункционален!
Според соговорниците, претседателката Силјановска го искажала ставот дека „не ја признава НЕЛЕГАЛНАТА додавка“ (од нелегалниот договор), со која македонскиот идентитетот се редефинира!
Грција нема да ја тужи Македонија пред Меѓународниот суд за правда во Хаг
Соговорниците подвлекуваат дека Атина нема што да оспори, бидејќи суштински и нема основ да оспори нешто од договор што самите „де факто“ со своето непочитување го третирале како нефункционален и со таквиот третман го ставиле вон/надвор од правниот промет. Тие додаваат и дека „Грција нема правни институции во кои можат што било да направи“, додавајќи дека „тоа што грчката амбасадорка си замина, си е нивна работа“!
Нашиот соработник од Белград, проф. Игор Јанев ни го повтори својот цврст став за ова прашање.
– Наше суверено право се правото на самоидентификација и правото на самоопределување на народот, но и идентитетот на државата! Во таа смисла, државното име е предмет „во нашиот двор“! Токму така, „во нашиот двор“ ние можеме да ги уредуваме предметите од внатрешната јурисдикција – по наша волја.
Никој нема право да ни ги ускратува правото на национален идентитет и правото самите слободно да си го одредиме националниот идентитет! Тие права се неприкосновени и неотуѓиви и никој не смее да интереферира во истите тие – вели Јанев.
Професорот Јанев кратко појасни дека овде „станува збор за најосновните права, кои нелегално ни се ускратени со Договорот од Преспа“, при што со споменатиот договор „се ставија цела држава и нација во потчинета состојба од страна на Грција, но и од страна на повеќе други држави“, а згора на тоа „ни се наметна нелегално деградиран статус во ООН“!
Во еден таков контекст, поддржувајќи го ставот на новата Претседателка, проф. Јанев издвои дека “Ова испуштање на обврзувачка деноминација е нејзино лично право! Ова право е неприкосновено!
– Од друга страна ова лично, индивидуално, неприкосновено право, е во директна колизија со Договорот од Преспа. Но, кога диспозитивното право е во колизија со императивното право, предност има императивното право, т.е. jus cogens ! – истакна професорот Јанев.