Дилемата пред која е исправена македонската јавност по истакнувањето на приоритетите на новата преодна влада е дали станува збор за влада што само ќе го подготвува теренот за избори и ќе се држи во рамките на законот или, пак, ќе ја продолжи програмата од претходната политичка влада. Ако станува збор за второто, тогаш клучното прашање е зошто власта инсистираше на техничка влада кога можеше да се направи обична рокада на премиерската функција, онака како што Ковачевски го наследи Заев откако тој се повлече од премиерската функција по поразот на локалните избори
Техничкиот премиер најави дека новата влада нема да се задржи само на организација на изборите
Изминатиот викенд македонските граѓани ја добија третата преодна влада, која во следните 100 дена треба да подготви амбиент во државата за одржување фер и демократски избори и во чиј легитимитет никој нема да искажува сомнеж. Мандатот на оваа преодна, или попозната како пржинска влада, е утврден во согласност со членот 43 од Законот за влада, во кој прецизно е наведено дека станува збор за влада чии ингеренции не треба да излегуваат надвор од форматот за организирање избори, а целта е спречување какви било малверзации во предизборниот период, кои во повеќе наврати го доведуваа под знак прашалник кредибилитетот на изборниот процес.
Но во завчерашното обраќање пред пратениците во македонското собрание, изложувајќи ја владината програма, техничкиот премиер Талат Џафери најави дека тие ќе ја продолжат програмата на досегашната влада со полн капацитет.
– Имајќи предвид дека оваа влада е предлог по преговорите на политичките партии и е продолжение на претходната влада, која работеше со усвоена Програма за работа на Владата 2022-2024, јас и владата што ја предводам се обврзуваме да продолжиме со целосно, ефикасно и успешно спроведување на усвоените политики. Владата на Република С. Македонија има мандат за реализација на истакнатите приоритети врз основа на стратегиските определби дефинирани на јасен и консензуален начин за целосна и забрзана интеграција и полноправно членство на државата во Европската Унија до 2030 година; за успешно функционирање и придонес за заедничката државна, регионална и европска колективна безбедност во рамките на НАТО-сојузот; за ефикасно спроведување на успешните политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и забрзувањето на растот и економскиот развој преку јасните индикатори во 2024 година, како и целосното продолжување на успешните политики, инструменти и одлуки за поддршка на социјалните, здравствените, образовните, културните и цивилните потреби и приоритети на сите граѓани – истакна Џафери.
На ова реагираше пратеникот Димитар Апасиев од Левица, потенцирајќи дека мандатот на преодната влада во согласност со Законот за влада е само да организира избори, а не да ги продолжува досегашните владини политики.
– Веќе за наредната недела имате закажано седници (комисиски) за административни службеници, вработени во јавен сектор, национални агенции, академии за судии, закон за трговски друштва, НБРМ, МАНУ, нотаријат, шуми… Што е ова, на овие државни институции, во контекст на идните избори!? Каква е таа техничка влада ако продолжува со редовна работа до самите избори – па нели е само за организирање избори – процедурално реагираше Апасиев.
Дилемата пред која е исправена македонската јавност по истакнувањето на приоритетите на новата преодна влада е дали станува збор за влада што само ќе го подготвува теренот за избори и ќе се држи во рамките на законот или, пак, ќе ја продолжи програмата од претходната политичка влада. Ако станува збор второто, тогаш клучното прашање е зошто власта инсистираше на техничка влада кога можеше да се направи обична рокада на премиерската функција, онака како што Ковачевски го наследи Заев откако тој се повлече од премиерската функција по поразот на локалните избори.
Универзитетскиот професор во пензија Борче Давитковски смета дека преодната влада не смее да излегува од рамките утврдени со законот и дека и програмата треба да ѝ биде така конципирана, без техничкиот премиер да се расплинува пошироко во таа програма.
– Си стои јасно, како во Изборниот законик, така и во Законот за влада, дека сега не може да има инвестиции, вработувања, да нема тендери и други работи што може да влијаат врз изборниот процес. Нормално, тие може да кажат дека ќе ја продолжат програмата од претходната влада, но не може во таков обем, туку она што само е во насока на организирање на изборите за да нема злоупотреби. Постојат ограничувачки елементи секако – појаснува професорот Давитковски.
Според него, со домашните политичари ништо не може да се земе со сигурност и тие постојано наоѓаат начини како да ги заобиколат законите.
– Слушам дека сега ќе интервенираат во Изборниот законик во врска со буџетското финансирање на предизборните кампањи на политичките партии, иако ОБСЕ/ОДИХР инсистираа да не се чепка во Изборниот законик барем шест месеци пред избори. Сѐ зависи како ќе се договорат меѓу себе. Минатиот пат се договорија да земат пари од буџетот за да си ги финансираат предизборните кампањи во медиумите, а сега не знам што ќе направат и што ќе им текне. Очигледно дека ќе прават некои ујдурми – потенцира Давитковски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски не може да направи разлика дали станува збор за преодна или политичка влада, бидејќи за него целата оваа рашомонијада, како што вели, е една обична бурлеска.
– Пржинската или техничката влада е бурлеска и доказ дека едноставно ние не знаеме да почитуваме и вреднуваме демократски принципи. СДСМ и ДУИ направија државата да изгледа како сточен пазар и се тргува со нејзините национални интереси како со добиток – посочува Пекевски.
Тој подолго време опстојува на ставот дека Македонија ваква каква што е сега е нефункционална држава и дека само за да остане на власт, владејачката СДСМ ќе направи сѐ, па дури и да ги продаде националните и државните интереси.
И другите соговорници сметаат дека техничкиот премиер говорејќи за приоритетите во владината програма, очигледно излегува надвор од законската рамка.
– Точно се знае што може, а што не може оваа преодна влада. Нема огласи за вработувања, нема тендери, нема делење средства на граѓаните, туку само контрола на институциите за да не се дозволат изборни манипулации. Ова треба да биде последна преодна влада и во иднина да не се губи непотребно време за нешто што не дава резултати – заклучуваат соговорниците.