Економските експерти во своите анализи и истражувања што се во функција на подобрување на економските состојби, во кои истражуваат опции за динамизирање на растот и зголемување на БДП, за реиндустријализација, за подобрување на конкурентноста и „реално зголемување на вработеноста во реалната економија“, посочуваат и на одреден многу интересен предлог: непродуктивниот и неискористен контингент на работници во администрацијата или државните јавни претпријатија каде што има превработеност да се пренасочи во реалниот сектор! Но дали ќе се најде храброст да се пристапи кон поголема реформа/реорганизација/преквалификација, со што би се направил двочекор напред: намалување на администрацијата и добивање човечки ресурси на пазарот на трудот!
Предлог на експертите за активирање на
непродуктивниот контингент на работници во државната администрација и во јавните претпријатија
Македонија продолжува да го губи неповратно најважниот фактор за развојот на една национална економија, а тоа се човечките ресурси, односно квалификуваната работна сила. За само една година активното население во земјата е намалено за 11.815 лица. Или, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2021 година вкупното активно население, според училишната подготовка и полот, изнесувало 819.893, додека минатата година тоа достигнало 808.078 лица. Од нив, 692.034 се вработени, а 116.045 лица се невработени. Иако има намалување на стапката на невработеност за 0,7 отсто, односно во 2022 година таа изнесува 14,4 отсто, состојбата со пазарот на трудот изгледа многу неповолно на страната на понудата, затоа што многу домашни компании од земјоделската дејност, преработувачката индустрија, градежништвото, трговијата и хотелиерството се соочуваат со недостиг од работници. Намалувањето на стапката на невработеност се должи пред сѐ на зголемениот одлив на квалификувани работници од земјата, кои заминуваат на работа во странство. На овој начин, невработеноста за една година номинално се намалила за 10.353 лица, но тоа што загрижува е што овие лица не се вработиле во некои од домашните компании. Тоа го покажува и бројот на вработени во 2022 година. Поточно, лани бројот на вработени во земјата изнесувал 692.034 лица, што е за 1.460 работници помалку во однос на 2021 година, кога бројот на вработени бил 693.494 лица!
Домашните компании и бизнис-заедницата во земјата предупредуваат на алармантната состојба на домашниот пазар на трудот, која е последица на дејствувањето на многу неповолни фактори во изминатите години. Поради пропустите во образовната политика во изминатите години се форсираше висока продукција на високообразовани кадри, но нискоразвиената економија не можеше да им обезбеди соодветни работни места, според нивните интереси и професионални амбиции. Во исто време, партиите применуваа популистичка политика на вработување на своите членови и симпатизери во јавните претпријатија и институции. За разлика од трудоинтензивните дејности за кои тешко може да најдат слободен работник, интересот за вработување во јавната администрација е сѐ уште висок. Тоа го потврдуваат и статистичките показатели, кои покажуваат „стабилна“ вработеност во државниот сектор, за разлика од земјоделството, градежништвото или преработувачката индустрија, кои бележат помала вработеност во последните години.
Под притисок на компаниите од дејностите што се соочуваат со недостиг од работници, од Владата на Македонија најавија мерки за забрзување на преквалификацијата на невработените лица, а не ја исклучија и можноста за увоз на работници од странство. Од Стопанската комора на северозападна Македонија минатата недела побараа да се забрза процесот за либерализација на пазарот на трудот, преку зголемување на квотите за увоз на работна сила.
– Состојбата со пазарот на трудот во Македонија е многу алармантна, бидејќи нашите млади заминуваат во странство. Приоритет на Владата треба да ѝ биде да го либерализира пазарот на трудот со земјите од регионот, што е веќе започнато со некои земји. Бараме тоа да се направи и со Косово и да ги елиминира бариерите што го спречуваат регрутирањето работна сила од други земји – изјави Менди Ќура, претседателот на СКСЗМ.
Пред да се направи тоа, мора да се искористат сите капацитети што ги имаме во земјава. Според процените на бизнис-секторот и на надлежните министерства, во Македонија годишно недостигаат околу десет илјади работници, главно со занаетчиски вештини, но и високообразовани кадри од техничките науки и информатиката. Досегашните мерки за подобра ангажираност на неискористената работна сила, преку преквалификација и дообуки, се недоволни. Но економските експерти посочуваат и на одреден неискористен контингент на работници во администрација или државните јавни претпријатија каде што има превработеност, непродуктивност, неефикасност во работењето… Но ниедна власт досега не наоѓа храброст да пристапи кон поголема реформа и реорганизација, со што би се ослободиле од непродуктивните административци и, во интерес на државата и граѓаните, да направи мала и ефикасна администрација, а на вишокот административци да им гарантира преквалификација и вработување во реалниот сектор. Тоа се прави плански, координирано помеѓу власта, работодавците и синдикатите, заедно со бизнис-секторот во стопанските комори, каде што сите заедно со еден заеднички план и програма ќе учествуваат во еден значаен сегмент на реформските процеси на државата, кои кога-тогаш мора да започнат.
Голема недоумица предизвикува размислувањето што засега единствениот излез се бара во увоз на работна сила (?!), па дури и од Азија…
Од агенциите за вработување велат дека увозот на работници на краток рок е невозможно, затоа што е потребно да се донесат многу закони што ќе ги регулираат сите прашања со ангажирањето на странските работници и нивното интегрирање во социјалниот и здравствениот систем на Македонија. Проблемот е што многу од странските работници би ја користеле нашата земја како транзит кон западноевропските земји, што би можело да го загрози и движењето на македонските граѓани во шенген зоната.
Зголемувањето на квалитетот на човечкиот капитал ќе биде од клучно значење за насочување на Македонија кон поодржлив и поинклузивен економски раст и развој, како и справување со новите предизвици поврзани со продуктивноста, вклученоста на пазарот на трудот и стареењето на населението, како што смета министерот за финансии министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Инстант решение за овој децениски проблем не постои, но постојат политики со кои може да се дејствува кон негово долгорочно решавање. Развивање на приватниот сектор и отворање подобро платени работни места, придружено со реформи во јавниот сектор што ќе го поддржат е дел од овие политики и е дел од тоа решение, исто како и зголемувањето на продуктивноста на високостручните позиции, од кои многу се и во јавниот сектор- вели Бесими.
Проширувањето и унапредувањето на терцијалното образование и постдипломските студии исто така може да дадат добри резултати во решавањето на проблемот со заминувањето на стручни кадри, иако постои мислење дека ова би можело и дополнително да го поттикне одливот. Министерот за финансии заклучува дека Хрватска и Романија се добри примери каде што со континуирано унапредување на терцијалното образование се придонело кон задржување на кадрите во земјата.