Фото: Маја Јаневска-Илиева

Списокот на поведенија на Џафери што влегуваат во делот на основано суспектни со кои ги прекршил Уставот и законите е прилично долг

Техничкиот премиер Талат Џафери ќе биде забележен како еден од носителите на највисоки државни функции што со своето поведение, според експертите со кои се консултиравме, вршејќи ја службената должност, ги прекршил Уставот, законите, деловниците за работа на Собранието и Владата, при што јавноста, медиумите, но и надлежните институции регистрирале флагрантни материјални докази за таквото негово работење.
Забележан е и примерот во меѓународната јавност каде што од позицијата собраниски спикер Џафери го прекрши Уставот пред очите на европарламентарците кога говореше на албански во Европскиот парламент, иако во членот седум од Уставот јасно е запишано дека македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се службени за меѓународна употреба!
Многупати досега наши соговорници, универзитетски професори и аналитичари ни укажувале за јавноста дека кога му се дава предност на јазик што не е македонски при вербално или писмено обраќање во јавноста, не само што се крши законот туку се крши и Уставот.
– Македонскиот јазик е прв јазик и јазик во меѓународната комуникација. Токму имам предвид за населението над 20 отсто, тие јазици се регулираат со закон. При давање предност на друг јазик, а да не е македонски, не само што се крши законот туку и Уставот – изјави неодамна Елка Јачева Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Натаму, потсетуваме дека под покровителство на Собранието, додека претседател на истото тоа беше токму Талат Џафери, се испечати и мандатниот извештај во 200 примероци на албански јазик, што предизвика вчудовидување и негативни реакции во јавноста.
Со заминувањето од македонското собрание и стапувањето да ја извршува улогата на технички премиер во Владата, Талат Џафери продолжи со кршење на законите и Уставот. Не само обраќањата туку и сите објави на социјалните мрежи (неговите т.н. постови) прво се на албански, а потоа на македонски и на англиски. Има дури и такви објави што се напишани само на албански јазик, како на пример неговата прва објава од конститутивната седница на техничката влада.
Склоноста кон самоволие и кршење на позитивноправните прописи Џафери ја демонстрира и во приватните поведенија. На пример, потсетуваме на чинот кога среде скопскиот плоштад се паркираше со службеното возило за да пие кафе!?
Списокот на поведенија на Џафери што влегуваат во делот на основано суспектни дека тој ги прекршил законите и Уставот на Македонија е прилично долг. Но она што секогаш ќе буди траурни сеќавања за дела што не застаруваат се воените злосторства на ОНА, за кои според командна одговорност токму е одговорен поранешниот командант на УЧК, Талат Џафери. Ако тој успее да ја избегне одговорноста за сите поведенија на индивидуално прекршување на законите во состав на неговиот мандат како политичар, нашите соговорници сметаат дека кривичната одговорност во никој случај не би можел да ја избегне како поранешен воен командант на ОНА, бидејќи воените злосторства, како дела, никогаш не застаруваат. П.Р.