„Нашиот свет лав ‘ржи преку нашите македонски гори и долини и нѐ повикува сите да земеме оружје. Каде и да сте, побрзајте заедно со нашите оружја во нашите раце да ги спасиме тие невини жртви од ова валкано и зајадливо понижување. Сетете се дека нашите татковци ја пролеаја својата крв за грчката и српската слобода… Сетете се на настаните од претходната година и ќе видиме дека крвта од нашите…. сè уште стои на алексинаскиот и шипченскиот премин, чија крв тие не ја штедеа за нашата слобода… Македонци! Сега е време да ги убедиме нашите образовани предавници дека Македонија дури и по пет века ропство може да раѓа и да има во себе синови, херои!“
Повод: 202 години од раѓањето на македонската легенда Дедо Иљо Малешевски (2)
Македонија има голем број херои, но една од најголемите македонски легенди е Дедо Иљо Малешевски, познат и како Иљо Војвода. Во услови кога македонскиот народ нема своја држава, Иљо Малешевски како ајдутин се пројавува како заштитник на народот и предвесник на македонскиот револуционерен дух за слобода, а како војвода и учесник во Македонското (Кресненско) востание е претходник на македонските великани како што се Гоце Делчев и Даме Груев. Бидејќи ликот и делото на Дедо Иљо Малешевски имаат извонредно значење за македонската слобода и државност, весникот „Нова Македонија“ во две продолженија пишува за неговиот живот, но и придонесот за македонската современост.
Командант на сите доброволечки чети
Руско-турската војна го затекнала Иљо во болница. Со незалечени рани заминал за Свиштов, каде што се ставил на услуга на руската команда, која му го доделила чинот капетан и му доверила една т.н. волна чета. Одредот го одвел во Ловечко, каде што дејствувале во тилот на османлиските сили. При преминувањето на Балкан Планина бил во западниот одред на генерал Јосиф Гурко. По ослободувањето на Софија, Иљо бил поставен за командант на сите доброволечки чети и бил назначен во одредот на Јуриј Задерновски, дивизиски началник на 4-от Улановски харковски полк, кој имал задача да ги гони Османлиите во насока Радомир-Ќустендил. На 27 декември бил ослободен Радомир, на 2 јануари 1878 година – Дупница.
На 4 јануари 1878 добил наредба да се упати кон Ќустендил. На 8 јануари 1878 влегува со својата чета во селото Конјаво. Испратил неколку доброволци во Ќустендил да пуштат глас дека тој доаѓа како авангарда на руската војска и дека треба градската општина да преговара со него за предавање на градот без борба. Измамата на Дедо Иљо успеала и Привремената управа на градот Ќустендил испратила делегација во Софија при генералот Арнолди. Тој од своја страна во Ќустендил го испратил полковникот Задерновски со еден ескадрон на руска војска. На 11 јануари 1878 четата на Иљо, заедно со руските војници, влегла свечено во Ќустендил.
На 12 јануари, поради офанзивата на многубројната османлиска војска што пристигнувала од Крива Паланка, Иљо и руските сили биле принудени да се повлечат. На 17 јануари една силна руска единица, на чело со генералот Мајендорф, и четата на Иљо повторно го ослободиле Ќустендил. По наредба на командантот на градот, поручникот Н. Савојски, Иљо го разоружил населението по турските села.
По ослободувањето на Ќустендил, во почетокот на 1878 година, дедо Иљо Марков со 150 македонски доброволци учествувал во востаничкиот продор во Пијанец. Тој бил пречекан со големи почести од месното население. Го собрал оружјето од Турците и помагал во организирање на месната власт.
Македонци, нашата мајка стана и плаче со горчлив крик под турскиот оган и јатаган
Главните подготовки за подигнување на востанието биле водени од повеќемина видни Македонци – учители, трговци, свештеници итн. Најангажирани во подготовките биле охридскиот митрополит Натанаил Охридски и познатиот македонски револуционер и учител Димитар Поп-Георгиев Беровски, кој две години претходно бил главен водач на Разловечкото востание, познатиот македонски војвода од тој период Стефо Николов, познатиот македонски револуционер од тоа време поп Коста (Буфски) од селото Буф-Леринско и неколкумина македонски војводи.
На состанокот одржан на 8 септември во Рилскиот манастир, свикан од Натанаил, на кој присуствувале и Димитар Поп-Георгиев Беровски и војводата Дедо Иљо Малешевски, било решено да се повикаат сите чети што дејствувале недалеку од демаркациската линија да се приближат до Горна Џумаја. На повикот се јавиле повеќе чети и во Горна Џумаја се одржало советување со војводите за востанието.
Пред почетокот востанието Иљо испратил проглас во кој било истакнато: „Македонци, нашата мајка стана и плаче со горчлив крик под турскиот оган и јатаган. Крвта на нашите родители е пролеана, синови и браќа викаат да се крене оружје против петвековните поробувачи и насилници, нашите малтретирани мајки, жени и сестри, кои се под неподносливото и нечовечко турско однесување, плачат над нашите уништени домови и го чекаат нашиот одговор. Македонски и бугарски херои! Нашиот свет лав ‘ржи преку нашите македонски гори и долини и нѐ повикува сите да земеме оружје. Каде и да сте, побрзајте заедно со нашите оружја во нашите раце да ги спасиме тие невини жртви од ова валкано и зајадливо понижување. Сетете се дека нашите татковци ја пролеаја својата крв за грчката и српската слобода… Сетете се на настаните од претходната година и ќе видиме дека крвта од нашите…. сè уште стои на алексинаскиот и шипченскиот премин, чија крв тие не ја штедеа за нашата слобода… Македонци! Сега е време да ги убедиме нашите образовани предавници дека Македонија дури и по пет века ропство може да раѓа и да има во себе синови, херои! Малешевски Планини, Македонски востанички комитет“.
Востанието започнало на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година со нападот на Кресненските анови во кои била сместена турската војска. Во нападот учествувале 400 востаници и многу селани од околните села. При самиот напад на турскиот гарнизон на востаниците им се предале 109 турски војници.
Кресненското востание било прв судир помеѓу македонското револуционерно движење и Бугарија. Очигледното мешање во политиката на востанието и водењето на борбата и спроведувањето на своите планови на бугарските комитети довеле до големи недоразбирања и судири со македонските востаници и револуционери.
Во почетокот на јули 1879 година престанале сите востанички дејства, но со доаѓањето на Османлиите во Горна Џумаја започнало бегство на населението од Џумајската каза и од внатрешноста на источна Македонија. Околу 25.000-30.000 христијани заминале во Бугарија и тоа била една од првите поголеми миграции на населението од Македонија во Бугарија. На местата на избеганото население почнале да се доселуваат муслимани од Бугарија.
Подоцнежни години
И покрај поодминатата возраст, со својата чета учествувал во Српско-бугарската војна од 1885 година. Неговата четата била дел од Радомирскиот одред, кој бил под команда на Димитар Поп-Георгиев Беровски. Се борел кај Брезник, Сливница, Врање, Краиште и с. Извор. Поради своето учество во војната на бугарска страна, српската влада му ја одзела пензијата доделена од кнезот Михајло Обреновиќ Трети. Во 1890-тите години, кога почнува активно дејствување на македонската револуционерна организација во Македонија и Одринско, Иљо Војвода со интерес ги следел настаните и им помагал на револуционерите што поминувале низ Ќустендил. Дедо Иљо Војвода дава вредни совети за изградба на Македонската револуционерна организација.
Уште додека бил жив, Дедо Иљо станал легенда, а неговата храброст и јуначки дела се испеани во многу народни песни. За покажаната храброст во војните е одликуван со повеќе ордени од страна на српската, руската и бугарската власт. Умрел во Ќустендил во 1898 година. Погребан бил со највисоки почести во присуство на голем број пријатели и приврзаници. Целиот град излегол да се прости со последниот прочуен ајдучки војвода. Д.Ст.
Дедо Иљо Малешевски е опеан во македонската народна песна „Ајде, ред се редат“:
Ајде, ред се редат, мале, Ајде, ред се редат, Кочански сејмени, мила мале, Кочански сејмени. Ајде, ќе го барат, мале, Ајде, ќе го барат, Иљо арамија, мила мале, Иљо арамија. Ајде, не ми било Иљо, Ајде, не ми било, Покрај Крива Река, мила мале, Покрај Крива Река. Ајде, тук ми било Иљо, Ајде, тук ми било, Во Солуна града, мила мале, Во ладна меана. Ајде, го служела, мале, Ајде, го служела, Мома Македонка, мила мале, Мома Македонка.