Ковачевски-Мишел: Силна поддршка за исполнување на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ
Европскиот предлог за отпочнување на преговорите за Северна Македонија ги вклучува сите македонски позиции и забелешки и дека преговорите може да почнат веднаш по негово одобрување. Предлогот предвидува чист македонски јазик, еднаков со останатите јазици на земјите членки на ЕУ, потенцираа на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Како што информира владината прес-служба, на средбата од страна на претседателот на Европскиот совет Мишел уште еднаш беше потенцирана поддршката и заложбата на Европската Унија за почеток на преговорите со Северна Македонија, посочувајќи дека ова се клучни моменти за напредокот на нашата држава од економски, политички и социолошки аспект.
Премиерот Ковачевски истакна дека поддршката на Европската Унија во процесот на интеграција на Северна Македонија е од особено значење за државата во исполнувањето на основата стратешка цел, а тоа полноправното членство во ЕУ.
При тоа премиерот Ковачевски на средбата потенцираше дека во изминатите денови предлогот од француското претседателство беше дискутиран на консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите, како и со опозициските партии.
Во рамки на посетата, претседателот на Европскиот совет Мишел ќе присуствува на денешната владина седница, а потоа со премиерот Ковачевски ќе одржат заедничка прес-конференција за медиуми.