Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја окарактеризира предлог-декларацијата по повод 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република поднесена од пратеничката група на СДСМ како навреда за македонскиот народ и македонската држава.
– Ако ја имате прочитано тогаш знаете дека таа декларација е толку бедно напишана што е навреда за македонскиот народ и за македонската држава и во принцип кога поднесувате таква декларација треба да ја дадете на сите пратенички групи и тие да дадат свои сугестии. ВМРО-ДПМНЕ има своја декларација во рамки на Парламентот поднесена за Гоце Делчев, која од страна на Владата на ДУИ и СДС беше одбиена – рече Мицкоски во изјава за медиумите дадена при денешната посета на Прилеп.
За предлог-декларацијата, како што посочи, имале многу забелешки коишто ќе ги доставеле доколку биле прашани.
Предлог-декларацијата поднесена од пратеничката група на СДСМ е на дневен ред на собраниската седница закажана за вторник.