Децата и социјалните мрежи: И родителска грижа и државна одговорност
- Тинејџерите се особено ранлива категорија. Тие сè уште ги формираат своите морални, етички и општествени вредности и често немаат капацитет критички да ги филтрираат содржините со кои секојдневно се соочуваат на интернет. Затоа, разумните рестрикции не треба да се гледаат како цензура, туку како механизам за заштита – слично на ограничувањата што постојат за алкохол, тутун или за други содржини несоодветни за малолетници
- Од Франција до Данска, од Шпанија до Грција, сè поголем број европски држави отвораат сериозна дебата за ограничување на пристапот на децата и тинејџерите до социјалните мрежи. Возрасни лимити, задолжителна родителска согласност и построги системи за верификација на возраста стануваат дел од новите законски решенија што ги предлагаат владите
Додека поддржувачите на мерките за ограничување на пристапот на децата и тинејџерите до социјалните мрежи предупредуваат на сериозни и видливо штетни последици од неконтролираното онлајн присуство врз менталното здравје и развојот на децата, критичарите се сомневаат во нивната практична применливост. Сепак, станува сè појасно дека односот на децата со дигиталниот свет одамна ја надмина рамката на приватното семејно воспитување и прерасна во политичко, општествено и јавно-здравствено прашање.
Што актуелно се случува во врска со овој предизвик во поединечни држави на ЕУ?
Шпанија:
Шпанскиот премиер Педро Санчез најави дека веќе следната недела во законска процедура ќе биде вклучен предлог-закон со кој би се забранило користење социјални мрежи за деца под 16 години. Истражување на „Ипсос“ покажува дека дури 82 проценти од граѓаните поддржуваат забрана за деца под 14 години, што укажува на силна јавна поддршка, иако сè уште не е извесно дали предлогот ќе обезбеди парламентарно мнозинство.
Италија:
Се разгледува воведување ограничувања за деца под 15 години, со посебен фокус на регулирање на феноменот на т.н. деца инфлуенсери. Предлогот предвидува задолжителна верификација на возраста преку национален дигитален идентификациски систем, усогласен со идните регулативи на Европската Унија. Целта е јасна: поголема заштита на малолетниците од експлоатација и несоодветни содржини.
Грција:
Грчката влада е на чекор до воведување забрана за социјалните мрежи за деца под 15 години, по моделот на Австралија. Паметните телефони веќе се забранети во училниците, а новата апликација „Киц волет“ им овозможува на родителите директна контрола и верификација на пристапот на децата до интернет. Овој пристап ја комбинира државната регулација со родителската одговорност.
Германија:
Германија засега ја анализира темата и планира објавување сеопфатен извештај во 2026 година. Во меѓувреме, голем број граѓански петиции бараат забрана за социјалните мрежи за деца под 16 години, а прашањето веќе е на дневен ред и во парламентот. Германскиот пристап ги одразува комплексноста на проблемот и потребата за темелна анализа.
Франција:
Франција веќе донесе закон со кој се забранува пристап до социјалните мрежи за деца под 15 години. Се очекува неговата целосна примена да започне пред почетокот на новата учебна година, по одобрувањето од Сенатот. Францускиот пример покажува дека политичката волја може да се преточи во конкретна регулатива.
Данска:
Данска најави ограничувања за користење одредени социјални мрежи за деца под 15 години, мотивирана од загриженоста за нарушен сон, намалена концентрација и зголемен психолошки притисок кај младите. Законот, сепак, им остава простор на родителите да одлучат дали ќе дозволат пристап од 13-годишна возраст, настојувајќи да воспостави баланс меѓу заштитата и семејната автономија.
Разумните рестрикции не треба да се гледаат како цензура
Она што е заедничко за сите овие дебати е сознанието дека децата и тинејџерите се особено ранлива категорија. Тие сè уште ги формираат своите морални, етички и општествени вредности и често немаат капацитет критички да ги филтрираат содржините со кои секојдневно се соочуваат на интернет.
Затоа, разумните рестрикции не треба да се гледаат како цензура, туку како механизам за заштита – слично на ограничувањата што постојат за алкохол, тутун или за други содржини несоодветни за малолетници. Во дигиталната ера, одговорноста за безбедното детство не може да биде оставена само на поединецот; таа мора да биде споделена меѓу родителите, институциите и општеството во целина.
И во Македонија сè погласни се граѓанските иницијативи што повикуваат на воведување ограничувања за користење на социјалните мрежи. Мислењата кај родителите остануваат поделени во врска со мерките. Едни сметаат дека рестрикциите се неопходни за заштита на децата од штетни содржини, онлајн насилство и зависност, додека други предупредуваат дека забраните тешко се спроведуваат и дека клучот лежи во едукацијата и активната родителска контрола. Н.М.

































