Фото: „Нова Македонија“

На 11-то парламентарно собрание, пред конституирањето на новото собрание, пратениците треба да си го постават прашањето: Што очекуваат граѓаните од нас (мене)? Но, за секој случај, пред почетокот на мандатот на пратениците од 11-от собраниски состав, добро би било на пратениците, од името на граѓаните, јасно и громогласно да им ја пренесеме пораката што треба да ечи низ целиот нивни мандат во Собранието…

КОН КОНСТИТУИРАЊЕТО НА 11-ОТ СОБРАНИСКИ СОСТАВ ВО НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА

Дваесет дена по одржаните избори новоизбраното собрание утре се состанува на конститутивна седница, од кога започнува да тече мандатот на избраните пратеници и на целиот собраниски состав. Денеска се навршуваат токму дваесет дена од успешно спроведените 11-ти парламентарни избори на 8 мај 2024 и, по прегласувањето на седум избирачки места, исполнети се сите услови за одржувањето на таа конститутивна седница, која ја свикува претседателот на Собранието од претходниот парламентарен состав. Овој пат обврската да го свика Собранието ја има собранискиот спикер со стодневен стаж Јован Митрески, но конститутивната седницата ќе ја води највозрасниот избран пратеник од новиот состав. Според новиот деловник на Собранието, кој стапува во сила со конститутивната седница, таа може да трае најмногу три дена до изборот на претседател на парламентот. Секако, претседателот на Собранието може да се избере и порано од тридневниот рок, со што завршува конститутивната седница.
Главно тоа е процедурата за конституирање на Собранието, што во тридецениското искуство на парламентарна демократија во Македонија се покажало дека не е само „обична формалност“. Всушност, суштината на парламентарната демократија е токму Собранието, а нејзината функционалност и принципиелност започнуваат со доследно законско спроведување на воспоставените процедури. Собранието е највисокото законодавно тело во државата, избрано од граѓаните на непосредни избори, и треба да ги одразува и застапува пред сѐ и над сѐ волјата и интересот на граѓаните. Во тој контекст на 11-то парламентарно собрание има сериозен предизвик да се наметне како во застапувањето на волјата и интересите на граѓаните пред политичките, партиските, па и личните интереси, кои многу брзо се „воспоставуваат како приоритетни“. Во практична смисла, пред конституирањето на новото собрание, пратениците треба да си го постават прашањето: Што очекуваат граѓаните од нас (мене)?
Од искуствата и покажаните (некогаш и повторени) застранувања и заобиколувања на процедурите, како своевидна регулатива на демократските процеси, во претходните парламентарни состави, пред почетокот на мандатот на пратениците од 11-от собраниски состав добро би било на пратениците, од името на граѓаните, јасно и громогласно да им ја пренесеме пораката што треба да ечи низ целиот нивни мандат во Собранието:
1. За почеток, да се почитува работната дисциплина, редовно и ажурно пратениците да си ја извршуваат својата работа, да дејствуваат посветено за она за што се избрани, а Собранието да биде достоен носител на власта. Единствен објектив низ кој пратениците ќе ја гледаат и извршуваат својата улога во Собранието – е волјата на граѓаните, која треба да ја искажат од говорницата и да ја спроведат преку својата работа!
2. Од пратениците се очекува да бидат посветени на својата задача, бескомпромисно да го дадат својот ангажман. Според досегашната перцепција во јавноста за работата на пратениците – граѓаните би го смениле на подобро мислењето доколку без изостаноци ја извршуваат својата собраниска работа, а не да се грижат единствено за патните трошоци и другите бенефиции… Повторно и секогаш, од пратениците се очекува да работат во интерес на граѓаните што ги избрале.
3. Собранието има контролно-надзорна функција кон другите два столба на власта: судската и извршната. Во контекст на таквата надлежност секако дека може да биде здрав коректор на судската власт, да ги преиспитува и претресува работите како контролен надзорен орган на власта. Исто така Собранието има и надлежност за надзор и контрола на работата на Владата.
4. Во однос на својата примарна законодавна функција на Собранието, овој собраниски состав има сериозен предизвик – да се стават на преиспитување низа закони што се донесени надвор од Уставот и во спротивност на законите, тие закони автентично да се толкуваат и ако треба да се направат измени и дополнувања, за да се стават во рамките на законот и Уставот. Еден од таквите закони што се во колизија со Уставот е Законот за употреба на јазиците, а сериозен предизвик за правдата претставува и Законот за амнестија од 2002 година и неговото автентично толкување од 2011 година…

5. Воспоставената практика во изминатите два собраниски состави на посегнување по европското знаменце за скратување на собраниската процедура и за закони што не се поврзани со усогласување со правото и законската регулатива на ЕУ, беше забележана и критикувана во последниот извештај на Европската комисија. Тоа треба да биде сериозно укажување за новиот парламентарен состав за прекинување на таквата практика, односно да не се ставаат европски знаменца на предлог-законите, да не се злоупотребува европското знаменце за да се кријат зад него сомнителни намери и да се протнуваат закони што немаат никаква врска со евроинтеграциите.
6. Собраниските комисии на некој начин се работни тела, „филтри“ каде што се преиспитуваат функционалноста и законската поставеност на предлог-законите. Преку нив се спроведува законодавната процедура. Но исто така тие имаат и надзорна надлежност, а во изминатиот период се чувствуваше нивна недоволна активност во тој надзорен сегмент. Затоа сега се поставува предизвикот комисиите да работат во полн капацитет, според сите свои надлежности, и да бидат извонреден коректор на судската и извршната власт. Надлежната собраниска комисија секако може да ги повика судиите и обвинителите да ја елаборираат нивната работа, да ги претресуваат работите како извонреден носител на корекција, односно контролно-надзорен орган над власта. Значи, собраниските комисии треба да функционираат во целост! Тоа е предизвикот на Собранието!
7. Запоставувајќи ги своите надзорно-контролни надлежности, долги години во јавноста преовладува перцепцијата дека Собранието ѝ е подредено на извршната власт. Многумина би рекле дека не станува збор само за перцепција туку за фактичка состојба. Затоа, приоритет на овој собраниски состав треба да биде – Собранието да престане да биде подизведувач на Владата! Собранието како независна власт треба да се препознае како независен носител на еден од столбовите на власта, а да не биде коизвршител на извршната власт. Тоа е особено важно за принципот на поделба на власта во демократијата да функционира.
8. Деловникот е своевиден „внатрешен устав“ со кој се уредуваат организацијата и функционирањето на Собранието. Тој е (треба да биде) прецизен и стриктен, без да остава простор за слободни толкувања и импровизации. Во минатото собраниската историја на Македонија има многу искуства токму на слободни толкувања и импровизации на Деловникот, и по сите измени што се правени. Минатиот парламентарен составна крајот од својот мандат го изгласа и новиот деловник, кој стапува во сила на конститутивната седница на актуелниот собраниски состав.

9. Претседателот на Собранието, првиот меѓу еднаквите, треба да биде пример за доследно спроведување на Деловникот и законите, да ја организира работата на Собранието, навремено да ги информира пратениците, да ги закажува седниците, да не калкулира… Претседателот на законодавниот дом треба да го претвори Собранието во вистински храм на демократијата, каде што ќе постои натпревар на идеи, каде што законите ќе добиваат поквалитетна форма во интерес на граѓаните и државата. Ова се вистинските предизвици на кои треба да одговори Собранието – придржување до принципите врз кои треба да функционира парламентот и да се врати кредибилитетот на законодавниот дом. Собранието не смее да биде „само формалност“ на демократијата!