Фото: Игор Бансколиев

Прашањето што се наметнува е дали тој високодемократски западен свет, кој на предизборните дебати секогаш нудеше решенија и визии за проблемите, почна да поприма од балканските манири и предизборните соочувања да ги претвора во лични дисквалификации и оцрнување на противникот, со единствена цел по секоја цена да се дограби до власта

Западот поприми „каубојски манири“
во политичкото дебатирање

Завршните претседателски дебати отсекогаш се сметале како клучни моменти што можат да го решат исходот на изборите и од тие причини гласачите се тие што сакаат да слушнат аргументирана и цивилизирана дебата од која ќе можат да извлечат заклучок кому на крајот ќе му го доверат својот глас.
И додека ваквите дебати беа препознатлива одлика на европските развиени демократии, се чини дека последните години и тие паѓаат на тестот на високата демократска култура, па завршните предизборни дебати низ Европа, но и во САД, почнуваат да се претвораат во обично телевизиско шоу, во кое предничат навреди, обвинувања, упаѓања во збор и еден куп дисквалификации на политичкиот опонент, со единствена цел тој да се прикаже како лош и несоодветен кандидат. Во таквиот настап има сè освен суштинска дискусија за прашањата што директно ги засегаат граѓаните.
Токму тоа го покажа последната дебата меѓу претседателските кандидати во Франција, Емануел Макрон и Марин Ле Пен, која преовладуваше со остри зборови и меѓусебни обвинувања, нејсвојствени за земја што претендира да биде иден предводник на Европската Унија.
Францускиот претседател Макрон и Ле Пен се расправаа за трошоците за живот, за Европа, за климатските промени и имиграцијата, но дебатата особено се разжести по прашањето за Русија, кога актуелниот француски претседател остро ја нападна својата екстремно десна противкандидатка Ле Пен поради нејзините врски со Русија, сомнежите во ЕУ и нејзиното непознавање на економските бројки.
– Кога зборувате за Русија, вие се обраќате кон својот банкар, тоа е проблем – обвини Макрон, на што Ле Пен луто возврати дека тој е „нечесен“.
Ова е само мал сегмент од палетата навреди што ги разменија двајцата противкандидати, една чудна реторика што говори дека ниту Франција повеќе не е она што била кога станува збор за политичката култура.

И не само Франција, демократските принципи и основната култура на политичко однесување при таквите дебати тешко може да се забележат и во многу други европски држави, почнувајќи од Грција, каде што некои од кандидатите почнаа да ги избегнуваат телевизиските дуели заменувајќи ги со вербална војна преку медиумите. Во Италија, политичките дуели се сведоа на навреди и меѓусебни обвинувања за соработка со мафијата, а ваквите „манири“, без оглед што веќе неколку години е дел од европското друштво, ги продолжи и Хрватска, каде што нивото на дебата меѓу лидерите на најголемите партии во земјата е паднато на најниски можни гранки, речиси на уличен жаргон.
Неколкуте претседателски дебати во САД меѓу актуелниот претседател Бајден и неговиот противкандидат Трамп исто покажаа дека земјата што се сметаше за некаков пример како треба да изгледа телевизиското соочување меѓу политичките кандидати повеќе нема таков капацитет, а тамошните претседателски дебати повеќе личат на телевизиско реално шоу, отколку на суштинско спротивставување на изборните програми.
Гледано од овој аспект, последната телевизиска дебата во земјава меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски беше сосема пристоен дијалог во однос на она што во моментот се случува во Европа, па и во САД.
Прашањето што се наметнува е дали тој високодемократски западен свет, кој на предизборните дебати секогаш нудеше решенија и визии за проблемите, почна да поприма од балканските манири и предизборните соочувања да ги претвора во лични дисквалификации и оцрнување на противникот, со единствена цел така да се освои власта.
Поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски објаснува дека тонот на дебатите меѓу кандидатите го диктираат две клучни работи.

– Прво, тука е личниот анимозитет помеѓу противкандидатите, а втор момент е длабочината на политичките разлики меѓу тие двајца кандидати. Ако таа разлика е голема, тогаш и тонот во рамките на дебатата ќе биде поостар и подлабок. На пример, Ле Пен го застапува националниот концепт, додека Макрон е глобалист. Тоа се големи разлики меѓу нив и затоа имаше вакво остро ниво на дебата – смета Боцевски.
Според него, главната причина зошто западниот свет порано имал поцивилизирани дебати е затоа што тогаш копјата се кршеле за прашања што не биле толку спротивставени.
– Порано можеби главната дискусија меѓу кандидатите била за тоа каква даночна политика ќе се води, каква социјална политика, едноставно немало толкави разлики како сега. Затоа тој тон тогаш беше посмирен и тие дискусии дејствуваа пристојно – објаснува Боцевски.
Правејќи споредба со случувањата кај нас, поранешниот вицепремиер смета дека Македонија можеби премногу го идеализирала тој западен свет.
– Ние малку и ја идеализираме таа цела ситуација со Западот. Таму се знае, победникот добива сè, додека оној што губи, губи сè. За да го сфатиме сето тоа, треба да живееме во тие општества, да го познаваме нивниот менталитет, нивното однесување, за да разбереме зошто и дебатата во овој момент поприма ваков тон и ваква острина. Кај нас сето тоа е поинаку и не може да се прават споредби – истакнува Боцевски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски лоцира три потенцијални фактора што влијаат врз спуштањето на нивото на политичката дебата.
– Ние сме навикнати на ваква дебата, но Французите не се. Според мене, се работи за неколку фактори во комбинација. Прво, многу е тесна трката и тие се под висока тензија, а ова им е последна шанса да направат некаква разлика и тие тензии ги тераат да бидат поостри и понегативни еден кон друг. Второ, низ цела Европа добиваат на сила антиестаблишмент-партии, односно партии на силната десница, кои се во основа нацистички партии, и тоа ја симнува реториката. И, трето, ова за Макрон е да се биде или не и тоа исто така ја подига тензијата и го спушта нивото на дебата. Мислам дека овие три фактора, во комбинација, го даваат овој исход на ниско ниво на дебатирање – заклучува Арсовски.


ПО ИЗБОРИТЕ ВО ФРАНЦИЈА И ВО СЛОВЕНИЈА

Втор мандат за Макрон, прв за Голоб

По одржувањето на вториот круг на претседателските избори во Франција, на 24 април, Емануел Макрон го доби мнозинството гласови на Французите за втор претседателски мандат. За официјален почеток на новиот мандат на Макрон, треба да се случи негова инаугурација, оставка на премиерот и формирање нова влада. Сега преостануваат неколку фази пред шефот на државата, доколку добие мнозинство во Националното собрание, на 19 јуни, да ги почне реформите што ги вети. Ако 27 април е датумот на прогласување на резултатите, 13 мај е тој на крајот на актуелниот мандат на Емануел Макрон. Церемонијата на инаугурација мора да се одржи помеѓу двата датума. Со оглед на тоа дека Макрон е реизбран, Уставниот совет ќе го утврди датумот на инаугурацијата, со што официјално ќе почне неговиот нов петгодишен мандат. Но, во јуни (12 и 19), Франција ја очекуваат парламентарни избори.
Истиот ден (24 април), во Словенија, Роберт Голоб и неговата партија, Движење за слобода, станаа убедливи победници на парламентарните избори. Според официјалните резултати, по пребројани над 99,7 отсто од гласовите, тие ќе можат брзо да формираат нова влада со само уште една или две партии. Во новиот состав на 90-члениот словенечки парламент, само пет партии го поминаа изборниот праг од четири отсто и добија пратеници. Во Словенија, 88 пратеници се избираат од листите на политичките партии и двајца од две национални малцинства. Ј.П.