Јануари е месец богат со празници, најчесто верски. Другите месеци можат да му завидуваат за таквата состојба и улога на јануари, кој е и прв месец од секоја година. Зошто е така не знам, можеби улогата е дело на случајноста или можеби во прашање е нешто друго.
За да си најдам одговор и да ја задоволам мојата љубопитност, преку телефон му се јавив на мој пријател, кој е искрен верник, голем познавач на ваквата материја, и му го поставив следново прашање: „Пријателе, да не биде дека ти се јавувам како натрапник само кога имам потреба, од тие причини, како прво, сакам да ти ги честитам новата 2024 година и другите празнични белези, како Бадник и особено православниот Божиќ, да си посакаме да имаме добро здравје потоа сѐ друго. Пријателе, ти се јавувам за една друга работа, ти си човек познавач на верата и верските обичаи, мислам дека можеш да ми помогнеш да решам едно мое мало и небитно непознавање. А тоа е следново – зошто во овој период од годината, односно во јануари има повеќе датуми за празнување од кој било друг месец, дали тоа е резултат на случајност или станува збор за програмиран распоред верски, научен, историски или не знам што?“

По кратко размислување, пријателот ми рече: „Не знам која е вистината за ваквата концентрација на многу датуми за празнување во јануари, повеќе од кој било друг месец од годината. Постојат варијации од објаснувања, едно од нив е следново. Во поврзаноста меѓу природата и човекот нема ништо случајно, тоа се однесува и за сите други живи суштества што дејствуваат во одредени временски периоди. Од памтивек луѓето работеле за сопствениот опстој. Не секогаш било лесно да се обезбеди храна за семејство или за поголема група луѓе. Исто така луѓето секогаш се приспособуваат на природните климатски околности, па така околу пролет одредени просторни површини се обработуваат, земјата се ора и се сее за тој простор да роди шаренило од земјоделски производи. Во текот на летото се негуваат, се полеваат нивите и полињата за родот да биде квалитетен и богат. Во текот на есента се вршат жетви и берење на плодовите толку потребни за опстанок на човекот. Така, поголемиот дел од времето на секоја година луѓето работат за да обезбедат доволно храна, со која ќе можат да го пречекаат студениот период, тоа е зимата.
Кога Господ Бог го создаваше светов, шест дена работеше, седмиот го остави за одмор. Исто така и човекот, единаесет месеци работи за дванаесеттиот да се одмори. Тоа не значи дека во тој период ништо не се работи, се вршат поправки на делови од домот во кој се живее и, што е важно, човекот има време да им се помоли и заблагодари на Севишниот и природата за тоа што тие му го дариле. Затоа со крајот на декември и почетокот на јануари почнува секоја нова година, одма потоа доаѓа Бадник, верски празник што го најавува Божиќ, еден од значајните верски празници за православните христијани со кој е врзано и раѓањето на Божјиот син Исус. На половината од јануари, според стариот календар, се празнува таканаречена Стара нова година – Василица. Неколку дена потоа нѐ пречекува Водици, на крајот од јануари го славиме Свети Атанас. Во овие празнични денови христијанските храмови се полни со верници, сите исполнети со една помисла да имаме спокој и благосостојба за луѓето од целиот свет.

Тоа е моето објаснување за ваквата календарска набиена состојба од празнични денови. Господине, на крајот сакам и јас да ви ги честитам празничните денови што поминуваат, да си посакаме разбирање со блискиот свој, да имаме мир во душите и да престанат војните што нѐ следат и во ова нова година“.
Така заврши разговорот со пријателот. Ги спомена и војните што се во тек, во кои се случуваат крајно грди работи. Немав време да го прашам пријателот дали знае нешто и за војните? Историјата ни потврдува дека војните со векови станаа неразделив дел од човековото постоење. Ако крстоносните војни се водеа од љубопитност, се случија и такви што имаа конкретна цел, војни во кои се војуваше триесет години, имаше и такви во кои луѓето се колеа и убиваа цели сто години, и тоа на тлото на Европа. Се случуваа обични војни, тоа се граѓанските војни, кои исто така се немилосрдни и крволочни, бидејќи во нив се убиваат луѓето што се познаваат, живеат на иста улица, во исто село или град.
За разлика од граѓанските војни, има и такви што се нарекуваат светски војни. Во една таква, во Првата светска војна беа убиени над дваесет милиони луѓе, во Втората светска војна бројката се искачи на над седумдесет милиони убиени луѓе.
Зошто војните секогаш нѐ следат е прашање за кое исто така немам одговор. Немам ниту човек кому би му се јавил да ми објасни зошто човекот во своето постоење ги влечка со себе војните и изгледа како војните да се дел од луѓето. Дали за таквите состојби вината треба да ја бараме во самиот човек?