Фото: Игор Бансколиев

Оцените за основаноста или неоснованоста на должината на периодот потребен за да се изречат пресудите, исто како и објаснувањата за причините на одолжувањата на постапките, се различни, во зависност од позицијата на оценувачите. За јавноста, исто како и за оштетените, тоа, речиси по правило, е цела вечност, одговорните во правосудството секогаш имаат свои објаснувања, а експертите констатираат дека проблемот со неказнивоста и со задоцнетата правда е многу сериозен

СЕ НАВРШУВААТ ТРИ ГОДИНИ ОД АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ С. ЛАСКАРЦИ

Неколку дена пред тригодишнината од автобуската несреќа кај скопското село Ласкарци, семејствата на загинатите и повредените сѐ уште ја чекаат правдата од Основниот кривичен суд во Скопје. И доколку времетраењето на овој судски спор, донекаде, може да се оправда со тешкотиите во работењето на правосудните органи поради пандемијата, неброено многу „претпандемиски“ судски случаи сѐ уште ја чекаат својата завршница. Оцените за (не)оправданата должина на периодот потребен за да се изречат пресудите, исто како и објаснувањата за причините на одолжувањата на постапките, се различни, во зависност од позицијата на оценувачите. За јавноста, исто како и за оштетените, тоа, речиси во правило, е цела вечност, одговорните во правосудството секогаш имаат свои објаснувања, а експертите оценуваат дека проблемот со неказнивоста и со задоцнетата правда е многу сериозен.
Конкретно, за предметот поврзан со автобуската несреќа кај Ласкарци, во која, на 13 февруари 2019 година, животите ги загубија 16 од 51 лице, кои во автобусот на компанијата „Дурмо турс“ патувале на релацијата Скопје – Гостивар, од Основниот кривичен суд Скопје уверуваат дека има поместувања во случајот.
– Предметот во почетната фаза се водел со забрзан интензитет, со оглед на тоа што станувало збор за притворски предмет. Но со оглед на пандемијата на ковид-19, протоколот за работа на судовите во услови на пандемија, како и на фактот дека Апелацискиот суд Скопје ја укина мерката притвор и ја замени со поблаги мерки за обезбедување присуство, дел од насрочените расправи во текот на 2020 година беа одложувани единствено заради изолација на судечкиот совет и странките во постапката, иако судот инсистираше на забрзано темпо. Во текот на 2021 година, предметот се води според предвидениот интензитет, со што беа сослушани сите предложени и прифатени сведоци, оштетени и вешти лица. Преостанува само да се изведе и супервештачењето, со што доказната постапка ќе биде затворена и предметот ќе премине во фаза на завршни зборови и пресуда – објаснија неодaмна од судот.

Во меѓувреме, судот, по претходно изведените спротивставени вештачења на одбраната и на обвинителството, имаше проблеми со обезбедувањето на супервештачењето, бидејќи од три овдешни факултети ги информирале дека не можат да одговорат на задачата. Предметот сега е во Бирото за судски вештачења и, според последното објаснување од судот, нема законски рокови во кои оттаму би требало да се изјаснат.
Со тоа, предметот во кој неколку лица од компанијата се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за соучество во истите дела, и покрај над сто одржани рочишта, сѐ уште е во првостепена постапка, што, според упатените, е недозволиво долго кога станува збор за сообраќајна несреќа.
Некои од членовите на семејствата на загинатите, во неколку пригоди, настапија со претпоставки дека со предметот се одолжува за да дојде до застареност и обвинетите да се ослободат од кривичното гонење.
Дури и шефот на државата Стево Пендаровски изрази сомневање во регуларноста на постапката за овој случај. Тој во неодaмнешното обраќање на одбележувањето на 15-годишнината од формирањето на академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ се осврна на недовербата на граѓаните во правосудството, посочувајќи го токму примерот со автобуската несреќа кај Ласкарци.
– Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека довербата на граѓаните во правосудниот систем е на исклучително ниско ниво. Тоа го потврдуваат и голем број извештаи на релевантни домашни и меѓународни институции. Не е мал бројот на граѓани што во изминативе три децении се соочиле со неправедни пресуди или со одложена правда. Еден од последните примери за тоа се семејствата на жртвите од автобуската несреќа во Ласкарци, кои сѐ уште ја чекаат правдата. Ваквата правна неизвесност е една од причините за заминување на нашите граѓани во земјите со поразвиена култура на почитување на законите – потенцира Пендаровски минатиот декември пред судиите и обвинителите.
За причините за, според многумина, долготрајната постапка во случајот, кој го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски, „Нова Македонија“ се консултира и со невладината коалиција „Сите за правично судење“, од каде што потврдија дека, меѓу другите, го мониторираат и судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци.

– Должината на траењето на судските постапки неретко зависи од повеќе фактори, меѓу кои и постапувањето и дејствата преземени од странките во постапката (обвинителството и одбраната), како и начинот на менаџирање односно водење на судските постапки како од страна на судовите, така и од страна на индивидуалните судии. Често комплексните предмети содржат поголем број докази што се изведуваат во текот на постапката, за кои е потребен соодветен временски период за нивно изнесување и образложување пред судот. Овие докази може да бидат како од материјален, така и од вербален карактер, што би значело – обезбедување лица во текот на постапката што ќе ги дадат своите искази пред суд. Странките во постапката, па и судот, не секогаш можат да го обезбедат присуството на овие лица, поради што и може да дојде и до застој, односно одложување на постапките до нивно обезбедување. Од друга страна, пак, стратегијата во согласност со која судовите постапуваат во судските предмети неретко знае да биде идентично важен фактор за динамиката на едно судење. На пример, приоретизирањето на некои предмети (во согласност со условите предвидени во закон) на сметка на други или, пак, несоодветната процена за тоа кога на дел човечки ресурси (во случајов судии поротници) им престанува ангажманот поради пензионирање и сл., може да биде од влијание за должината на постапката, особено во услови кога истата таа мора да започне одново токму поради оваа околност. На ова се надоврзуваат и честите одложувања во судските постапки што се директна последица на (не)преземените дејства од страна на странките или, пак, во одредени случаи судот во постапката. Така што станува збор за комплексно прашање на кое влијаат повеќе фактори, кои зависат од случај до случај и се разликуваат на индивидуално ниво. Што се однесува до кривичниот предмет за тешката сообраќајна несреќа, познат во јавноста како предметот „Ласкарци“, сметаме дека долгото траење на првостепената судска постапка се должи меѓу другото и на фактот што во конкретниот предмет станува збор за предмет со повеќе обвинети лица и голем обем предложени како материјални така и вербални докази, за кои очигледно е потребно и подолго време за нивно изведување – објаснија од коалицијата „Сите за правично судење“.

Во очекување, конечно, да се посочат одговорните и да се изрече пресудата за трагедијата кај Ласкарци, меѓу другите, се случија и несреќата со македонскиот автобус во Бугарија и пожарот во тетовската болница, при што, во секоја од нив одделно, имаше уште поголем број жртви. Разврската и за овие случаи ќе се чека исто како што се чекаат и пресудите за многубројните предмети поврзани со криминал и корупција на највисоките нивоа на власта, чие исходиште, според голем број анализи и видувања, е исто така во културата на неказнивоста и на задоцнетата правда.
– Проблемот со неказнивоста, како и задоцнетата правда, е многу сериозен и не само што ја попречува борбата против корупцијата туку е генератор на корупција – објасни во една пригода актуелната претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска. Д.М.М.