Европските денови на правдата се предизвик да се анализира и да се истражи какви се околностите на овој план во и околу Македонија. Зашто има голем број примери од минатото што покажуваат како (не)правдата се прекршува токму врз грбот на Македонија пред очите на Европа и на целокупната меѓународна заедница. Во таа насока, предизвиците на Македонија во остварување на правдата се на повеќе нивоа, и тоа да се избори за рамноправен третман и еднаква правда на меѓународно-политички план, но и за спроведување на законите на внатрешен план за сите граѓани еднакво. Во серијалот текстови за тоа до каде е правдата во и околу Македонија ќе разговараме со истакнати правници, судии, извршители, нотари, адвокати…

ОД УТРЕ СЕРИЈАЛ ТЕКСТОВИ ПО ПОВОД ЕВРОПСКИТЕ ДЕНОВИ НА ПРАВДАТА

По повод одбележувањето на Европскиот ден на правдата, 25 Октомври, македонското министерство за правда организира одбележување со отворени денови во судовите, средби со адвокатите, нотарите, извршителите, медијаторите, каде што граѓаните ќе имаат можност одблиску да се информираат и да добијат совети. На ниво на Европа, исто така има серија активности во текот на целата недела со фокус на владеењето на правото и достапноста на правдата за граѓаните во поширока смисла на зборот. Но какви се околностите на овој план во и околу Македонија.
На Македонија, како земја-кандидат со статус на условно започнат процес на отворање на преговорите за членство во Европската Унија, особено ѝ се обрнува внимание во преговарачкиот процес да се посвети на преговарачкото поглавје 23, кое се однесува на судството и фундаменталните права, односно одржување и заштита на владеењето на правото преку независно и непристрасно судство. Често се нагласува дека ова поглавје прво се отвора и последно се затвора во преговарачкиот процес. Наспроти ваквите „предупредувања“ и очекувања за Македонија од ЕУ во (сѐ уште фактички незапочнатиот) преговарачки процес за полноправно членство, досегашниот претпристапен евроинтеграциски пат на Македонија е исполнет со предизвикот на нетипични (не)правди во однос на почитувањето на нејзините универзални човекови права, наведени во Декларацијата на ОН, како и во основачките акти на Европската Унија. Има голем број примери од минатото што покажуваат како (не)правдата се прекршува врз грбот на Македонија пред очите и на Европа и на целокупната меѓународна заедница. Во таа насока, предизвиците на Македонија во остварување на правдата се на повеќе нивоа, и тоа да се избори за рамноправен третман и еднаква правда на меѓународно-политички план, но и за спроведување на законите и правдата на внатрешен план за сите граѓани еднакво. Податоците за граѓанската доверба во судството од осум отсто говори дека предизвикот на планот „правда“ е исклучителен европски, но и домашен приоритет.
По повод Европскиот ден на правдата, „Нова Македонија“ од утре почнува со серијал текстови со согледувања од правен и од политички аспект за актуелните предизвици во сегментот на правдата за и во Македонија. Ј.П.