Пресудата против Салих Мустафа, кој е прогласен за виновен за извршување воени злосторства, произволно притворање, тортура и убиства и кого Судот го осуди на затворска казна од 26 години, повторно ја отвори и дилемата за четирите хашки случаи и воените злосторства во Македонија. Домашната и меѓународната експертска јавност бара судска разврска и на случаите „Водството на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“
ПРЕСУДАТА НА ХАШКИОТ СУД ЗА ЗЛОСТОРСТВА ПРОТИВ ЧОВЕШТВОТО НА КОСОВО КАКО ПОВОД
Состојбата на Косово дополнително зовре по изрекувањето пресуда во случајот „Специјализираниот обвинител против Салих Мустафа“, пресуда против која негодуваа припадниците на поранешната УЧК, како и некои од актуелните косовски политичари. Меѓутоа, според експертите, пресудата претставува пресвртница во работата на Специјалниот суд за воени злосторства за Косово во Хаг, бидејќи е прва пресуда на овој трибунал во случај за воени злосторства. Нејзината правна и историска важност е дека се повторува начелото дека правдата можеби е бавна, но никој не може да избега од неа.
Салих Мустафа е прогласен за виновен за извршување воени злосторства, произволно притворање, тортура и убиства и Судот го осуди на затворска казна од 26 години. При изрекувањето на пресудата, Судскиот совет истакна дека обвиненијата во овој случај се однесуваат исклучиво на индивидуалната кривична одговорност на обвинетиот Мустафа и неговата вмешаност во наводните воени злосторства при притвор, сурово постапување, тортура и убиства на жртвите.
Антонио Апостолски, акредитиран адвокат за жртвите и обвинетите при Специјалниот суд за воени злосторства за Косово во Хаг, вели дека во моментов најпознат случај што го суди овој суд е против Хашим Тачи. Според Апостолски, поранешниот косовски претседател е обвинет за злосторствата што се извршени од март 1998 година до септември 1999 година и се случиле на неколку локации низ Косово, како и во Северна Албанија.
Во контекст на активностите и работата на Специјалниот суд за воени злосторства за Косово во Хаг, Антонио Апостолски вели дека специјалниот обвинител водел активни истраги и против државјани на Република Македонија за воени злосторства на територијата на Косово.
– Сепак, додека не се поднесе обвинение и тоа не стане достапно до јавноста не може да се претпостави против кои лица ќе биде поднесено обвинение. Доколку има докази и доколку се утврди индивидуална или командна одговорност, секако дека ќе биде поднесено обвинение – вели Антонио Апостолски.
Не треба да се заборави дека воени злосторства против човештвото се извршени и на територијата на Македонија од страна на некогашните припадници на ОНА, која потоа се трансформира во политичка партија. Сите овие воени злосторства се уредно документирани и со нив беше запознаен и Хашкиот трибунал, кој четирите таканаречени хашки случаи за воени злосторства во Македонија ги врати да ги процесира и судски да ги гони македонското правосудство. Сепак до ден-денес од неразбирливи, мистериозни противправни околности овие случаи, меѓу кои се „Водството на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“, сѐ уште чекаат судска разврска, односно стојат затворени во судските фиоки. Во меѓувреме правните експерти се категорични дека случаите за воени злосторства против човештвото никогаш не застаруваат и правдата мора да ги стигне сторителите. Во таа насока македонската и меѓународната јавност очекуваат процесирање, кривично гонење и судска разврска и на четири хашки случаи што се однесуваат на воени злосторства во Македонија. Доколку домашните правосудни органи не ги поведат овие случаи, од политички или други причини, постои можност тие да бидат отворени пред меѓународните судови, бидејќи станува збор за најтежок вид кривично дело, како што се злосторствата против човештвото. Д.Ст.