Комплетиран владиниот тим што ќе ја предводи државата во следните 100 дена

Целата процедура околу изборот на новата техничка влада, според предвидените законски рокови, треба да заврши на 28 јануари, односно в недела, кога се очекува на политичката сцена во земјава да стапи третата техничка влада.
Во таа насока, вчера претпладне премиерот Димитар Ковачевски лично ја достави во Собранието својата оставка, со што во оставка е целата Влада до изборот на техничката влада.
– Имавме неформална средба со министрите, на која им се заблагодарив за напорната работа во овие изминати две години. Денеска, како што кажав, ќе го направам тоа што е предвидено според законот – рече Ковачевски, депонирајќи ја оставката во собраниската архива.
Тој изрази и убедување дека и по изборите на 8 мај, повторно ќе ја предводи следната влада.
– Ова е нешто што е предвидено според законот, на 9 мај владата повторно ќе ја предводам јас и ова парламентарно мнозинство, кое ќе обезбеди полноправно членство на Република С. Македонија во ЕУ до 2030 година – истакна Ковачевски.
Оставката на Ковачевски е првиот формалноправен чекор кон формирање техничка влада, а во таа насока е и оставката на првиот човек на Собранието, Талат Џафери, кој треба да биде идниот технички премиер.
Талат Џафери ќе биде третиот премиер на тeхничка/преодна влада според моделот што првпат беше воведен за изборите во 2016 година, како обврска од Пржинскиот договор од 2015 година. Прва техничка влада е преодната влада предводена од Емил Димитриев, избрана на 18 јануари 2016 година и распуштена на први јуни 2017 година, а бидејќи имаше две одложувања на изборите, техничката влада на Димитриев функционираше цели 16 месеци. Техничката влада предводена од Оливер Спасовски функционираше осум месеци. Изборите што првично беа закажани за април 2020 година, беа одложени поради ситуацијата предизвикана од ковид-19 и потоа поместени во јули. Двете технички влади ја надминаа определената временска рамка од сто дена, поради што државата трпеше штети поради целосниот застој на сите внатрешни процеси.


Кандидати за министри и заменик-министри на ВМРО-ДПМНЕ

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ завчеравечер ги потврди своите кандидати за техничката влада, со што заврши неколкунеделната сага за тоа дали опозициската партија воопшто ќе учествува во техничката влада.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и член на ИК, Тимчо Муцунски, ги соопшти имињата на кандидатите, притоа образложувајќи ја причината за нивно за учество во техничката влада.
– Ова се петте кадровски решенија со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе го даде својот максимум за одржување фер и демократски избори, што практично е и улогата на техничката влада. Причината поради која ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да учествува во техничката влада е затоа што во Македонија никогаш не било полошо, се наоѓа во тешка ситуација, заглавена во криминал и корупција – рече Муцунски.
Според одлуките на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, за министер за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, адвокат, магистер по кривично право и криминологија.
Ѓоко Велковски е предложен за министер за труд и социјална политика, ресор во кој работел повеќе години на различни работни позиции, а бил и генерален секретар на Град Скопје од 2021 до 2023 година. За дополнителен заменик-министер за финансии е предложена Елена Петрова, економистка со над 25-годишно работно искуство во Управата за јавни приходи. За дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, меѓународен секретар на партијата, советник во Советот на Град Скопје, магистер по меѓународни односи на универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД и во моментов докторанд на Правниот факултет на УКИМ. Цветан Трипуновски е предложен за дополнителен заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој е земјоделски инженер со работно искуство во Министерство за земјоделство, поранешен директор на Државниот земјоделски инспекторат и на државната фитосанитарна лабораторија. Претседател е на партиската комисија за земјоделство, а во претходната техничка влада исто така беше на позицијата дополнителен заменик-министер за земјоделство.
Инаку, лидерот на партијата Христијан Мицкоски најави дека пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат присутни на собраниската седница в недела, на која ќе се гласа техничката влада, но дека ќе гласаат воздржано.


Ротација на вицепремиерските места, преостанатиот владин состав останува ист

Во техничката влада останува актуелниот владин состав предводен од Талат Џафери, промена ќе има единствено на позицијата прв вицепремиер. Имено, на местото на министерот за политички систем Артан Груби сега ќе седне Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања. Ротацијата на Груби и Маричиќ следува по одлуката за технички премиер да биде поставен кадар на ДУИ, со што министер од редовите на СДСМ доаѓа на местото на прв вицепремиер.
Уште кон крајот на минатиот месец, СДСМ ги утврди кандидатите за министри во техничката влада. Притоа, најбитната промена е во МВР, каде што дополнителен заменик-министер со врзан потпис ќе биде Митко Бојмацалиев, шеф на кабинетот на Спасовски. Во Министерството за труд и социјала, пак, актуелната министерка Јована Тренчевска ќе остане во ресорот како дополнителна заменичка со право на вето.
Славица Грковска останува вицепремиерка за политики за добро владеење, додека Фатмир Битиќи за економија. Нема промена ниту во другите министерства, така што министри за култура, екологија, земјоделство, транспорт и за одбрана остануваат Бисера Костадиновска Стојчевска, Каја Шукова, Љупчо Николовски, Благој Бочварски и Славјанка Петровска.
Нема промени ниту во ресорите раководени од кадри на ДУИ, па Бујар Османи, Крешник Бектеши, Јетон Шаќири и Фатмир Бесими остануваат министри за надворешни работи, економија, образование, финансии. И Фатмир Меџити, Кренар Лога и Азир Алиу од Алијанса за Албанците остануваат министри за здравство, правда и администрација, а Ристо Пенов од ЛДП за локална самоуправа.


Законски процедури и крајни рокови за изборот на новата техничка влада

Според она што е предвидено во законот, на процедурата за изгласување на техничката влада ѝ претходат неколку постапки. Најпрво, откако Владата ќе достави информација дека поднесува оставка, претседателот на Собранието е должен да го извести претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Во меѓувреме, собранискиот спикер Џафери ќе го овласти потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, да ја води седницата и потоа ќе поднесе оставка. Собранието, откако ќе ги констатира оставките, ќе предложи нова точка – избор на претседател на Собранието. Претседателот на државата Стево Пендаровски треба да му го довери мандатот на Талат Џафери за премиер на техничката влада, по што ќе почнат да течат роковите.
На 27 јануари, односно в сабота претпладне, Џафери треба да достави до Собранието програма и состав на владата, а седницата за избор треба да биде свикана на 28 јануари. За да се комплетира техничката влада, ќе биде свикана уште една седница на која треба да се гласа за дополнителните заменик-министри и за верификација на мандатот за пратеник.

Подготвил: Сашо Таневски