Македонскиот јазик, неговата примена и меѓународно признавање, сѐ уште и денес е исклучително важен елемент за сувереноста на македонската држава, националниот идентитет на македонскиот народ и белег на неговата државотворност. Предизвикот на новиот закон за македонски јазик е да ги одрази сите овие признаци на македонскиот јазик во современото опстојување на државата Македонија, како на внатрешен, така и на меѓународен план

СЕДУМДЕСЕТ И ОСУМ ГОДИНИ ОД ГРАМАТИКАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ОД КРУМЕ КЕПЕСКИ ЗА СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА

Денеска, 26 јануари 2024 година, во македонското собрание на пленарна седница ќе се расправа и одлучува за усвојување на новиот предлог-закон за употреба на македонскиот јазик. Коинцидентно, на 26 јануари 1946 година е излезена од печат првата Граматика на македонскиот јазик, одобрена за учебник во средните училишта, на која како автор е потпишан Круме Кепески. Со решение од Министерството за просвета на Македонија, број 343 од 24 јануари 1946 година, била одобрена за користење во образованието оваа, на своевиден начин, прва официјална Граматика на македонскиот јазик во македонската држава. Всушност првата печатена македонска граматика во слободна Македонија, верифицирана и влезена како учебник во училиштата е исто на Круме Кепески, издадена во 1945 година, веднаш по стандардизирањето на јазикот.
Секако, граматиката на македонскиот јазик и неговите говори била изучувана долг период во минатото. За прва печатена граматика на македонскиот јазик се смета „Слогница речовска“, издадена во 1880 година во Софија од македонскиот преродбеник и револуционер Ѓорѓија Пулевски, а основните постулати на македонскиот стандарден јазик се смета дека се поставени од Крсте Мисирков, во неговото дело „За македонцките работи“, издадено во 1903 година.
Македонскиот јазик, неговата примена и меѓународно признавање, сѐ уште и денес е исклучително важен елемент за сувереноста на македонската држава, националниот идентитет на македонскиот народ и белег на неговата државотворност. Предизвикот на новиот закон за македонски јазик е да ги одрази сите овие признаци на македонскиот јазик во современото опстојување на државата Македонија, како на внатрешен, така и на меѓународен план.
Како што се истакнува во воведот на Граматиката на Круме Кепески од 1946 година: „Една од најглавните црти и белези на народноста е јазикот. По него најлесно се познаваат народите“.


Воведот на Граматиката на македонскиот јазик од 1946 година

УВОД
Народ и јазик
Јазикот како белег на националната индивидуалност.
Еден ден се сретија на гарата со куфери в раце Трајко и Ордан.
– Добар ден, Ордане!
– Добар ден, Трајко! Каде си кинисал?
– За Велес.
– Ами ти каде ќе одиш?
– На гости во Скопје.
– Тогаш заедно ќе патуеме.
Прашање:
1. На кој јазик зборуат Трајко и Ордан? Во ова сочинение Трајко и Ордан зборуат на македонски јазик.
2. Ами од која народност се тие? Тие се Македонци.
3. Што е народ? Народ се вика голема група од луѓе кои живеат заедно на едно место, имаат исти обичаи, зборуат на ист јазик, имаат економски врски и ист менталитет т.е. психолошки особини.
4. Македонскиот народ има ли ги тие црти? Да, затоа е признат како одделен народ и член во големата група на славјанските народи, а живее во заедница со Срби, Хрвати, Словенци и Црногорци во федеративна народна република Југославија.
5. Како ќе го познаеме најлесно еден странец, припадник на еден народ: Русин, Албанец, Турчин или Англичанец? По носијата, лицето и јазикот.
Една од најглавните црти и белези на народноста е јазикот. По него најлесно се познаваат народите.
Секој народ си има свој јазик како средство со кое си ги искажуе своите мисли, чувства или желби. Македонците си имаат свој јазик – македонски, Србите – српски, Русите – руски, Французите – француски итн.