Михаел Рот повеќе се самопромовираше отколку што понуди реално остварливи решенија

Германскиот пратеник Михаел Рот во македонското собрание презентираше план од шест точки за интеграција на земјите од регионот во ЕУ, вклучувајќи и на Македонија, за кој самиот вели дека не знае дали тој план ќе биде прифатлив за другите земји-членки на Унијата, меѓу нив и за неговата влада. Тоа практично значи дека ни презентира некакви лични ставови и размислувања, кои може да се толкуваат и како терање сопствена политичка кампања. И куп други европски политичари изминатиот период ја посетија Македонија, а за очекување е во следниот период тој број уште повеќе да се зголеми. Во вакви околности се поставува прашањето дали Македонија повторно ќе падне во замката на новите европски политички игри и интриги и дали пак ќе одработуваме во интерес на другите, притоа уништувајќи се и негирајќи се себеси како народ и како држава

ЕВРОПСКИ ПОЛИТИЧАРИ ВО КАМПАЊА ЗА СВОЈ РЕИЗБОР ВРЗ ГРБОТ НА МАКЕДОНИЈА

Кампањата за европските избори, кои ќе се одржат идната година, (не)официјално веќе започна од Македонија. Иако изборите за нов состав на Европскиот парламент и другите тела на Унијата се закажани за јуни 2024 година, високи европски политичари континуирано доаѓаат во земјава, директно порачувајќи ни што треба да направиме, а индиректно практично водат лична кампања за сопствен реизбор за престижните и високоплатени позиции во администрацијата на Брисел.
Пред македонските граѓани и пред јавноста овие странски емисари излегуваат со некакви свои претпоставки и ветувања, кои воопшто не се официјален став на Унијата, ниту пак став на земјите од каде што доаѓаат. Па така, се споменува 2030 година како некаков рок за проширување, иако во официјалните документи на Унијата такво нешто нема, туку пишува сосема нешто друго. Германскиот пратеник Михаел Рот во македонското собрание презентираше и план од шест точки за интеграција на земјите од регионот во ЕУ, вклучувајќи и на Македонија, за кој самиот вели дека не знае дали тој план ќе биде прифатлив за другите земји-членки на Унијата, меѓу нив и за неговата влада.
Тоа практично значи дека ни презентира некакви лични ставови и размислувања, кои може да се толкуваат и како терање сопствена политичка кампања. И куп други европски политичари изминатиот период ја посетија Македонија, а за очекување е во следниот период тој број уште повеќе да се зголеми. Не само поради фактот што во ноември завршува скринингот и се очекува дотогаш да се расчисти состојбата со уставните измени, туку уште повеќе поради фактот што наближуваат европските избори и на европските политичари им треба нешто опипливо за да покажат некакви резултати.
Од владини извори дознаваме дека во октомври се очекува во Македонија да допатува и извршната шефица на ЕУ, Урсула фон дер Лејен, во мисија на убедување за изгласување на уставните измени. Но токму Фон дер Лејен во своето годишно обраќање, кое многумина аналитичари го протолкуваа и како нејзин последен говор на оваа функција, имаше неколку двосмислени пораки на темата проширување, без притоа воопшто да спомене конкретни датуми.

Самиот факт дека Европската Унија е пред процес на целосно внатрешно реформирање, кој може да трае со години, но и пред избор на целосно нови структури во сите европски институции, е доволен показател дека на Европејците им се брза не поради нас, туку поради самите себеси. Дека пак се пробува врз грбот на Македонија да се придобие некој политички поен пред европските избори следната година. Впрочем и францускиот предлог, кој сега е наш најголем товар, беше така насила протнат во преговарачката рамка токму на последниот ден, односно на истекот на француското претседателство со Унијата, со цел да се прикаже дека нешто сепак се направило. И додека Макрон и Франција тогаш добија политички поени пред ЕУ, Македонија преку францускиот предлог доби јамка околу вратот, која сѐ повеќе ја затега. И сега на Европа ѝ се брза да се протуркаат уставните измени, при што европските политичари размислуваат најмногу за своите фотелји, без да им е грижа за последиците врз македонските граѓани и државата.
Во меѓувреме, во самите членки на ЕУ се интензивираат реториката и комбинаториката за тоа кои ќе бидат можните кандидати за претстојните европски избори. Некои од најпознатите имиња во Европската комисија, како што се Маргрете Весагер и Франс Тимерманс, веќе си заминаа, а неизвесно е дали Фон дер Лејен ќе продолжи понатаму со оглед на зачестените критики на нејзина адреса. Во вакви околности се поставува прашањето дали Македонија повторно ќе падне во замката на новите европски политички игри и интриги и дали пак ќе одработуваме во интерес на другите, притоа уништувајќи се и негирајќи се себеси како народ и како држава.
За политичките аналитичари нема сомнение дека европските политичари тераат кампања врз грбот на Македонија, ставајќи ги во преден план секогаш своите интереси.

– Во вакви околности, кога воопшто не се знае во кој правец ќе се движи Унијата со оглед на најавените длабоки внатрешни реформи, кога не се знае какви нови кадри и структури ќе бидат избрани, кои ќе бидат нивните ставови и приоритети, ризично е да се прават нови болни отстапки од страна на Македонија. Попрагматично и подипломатски е да се почека додека не се искристализираат состојбите во Унијата, а во меѓувреме интензивно да се работи на внатрешни реформи, владеење на правото, борба против корупцијата итн – велат аналитичарите.
Од друга страна, она што изминатиот период многу често е предмет на различни политички толкување е посочениот датум, до 2030 година, како некаква временска одредница за членство во ЕУ. И дел од Европејците и домашните политичари, кои се поддржувачи на уставните измени, ја споменуваат 2030 година како некаков краен рок за зачленување, што воопшто не е точно и претставува класична политичка манипулација со граѓаните.
Според познавачите на околностите во Унијата мора прецизно да се читаат документите на Унијата и точно да се пренесуваат пораките за да не се создава забуна.
– Впечатливо е како сега се фразира датумот 2030 година. Во неодамна донесената декларација јасно пишува дека ЕУ и државите од регионот треба да бидат подготвени за проширување до 2030 г. Тоа не значи дека 2030 е определена како целна година за проширување. Тоа значи овие земји да направат реформи дотогаш, овие од ЕУ да решат што треба да решат, па после ќе видиме како ќе одиме понатаму. Прво тоа да го расчистиме зошто многу лесно се игра со зборови. Значи се вели – ЕУ да биде подготвена за проширување. Па ние не ветивме членство, еве што ветивме, ние да бидеме подготвени – вели Малинка Ристевска Јорданова, експертка за Европската Унија.
Според познавачите, со ваква формулација растегливоста на рокот до 2030 може да биде и до 2040, 2050… односно сѐ дотогаш додека Унијата не процени дека и членките и кандидатките се подготвени за такво нешто.

Дискутабилни и нејасни се и нафрлените тези од германскиот министер Рот, за одлучување со квалификувано мнозинство, со што на некој начин ќе се елиминира можноста од идни блокади и вета, што секако би било во интерес на Македонија за да се спречат идни уцени и вета од Бугарија. Но бидејќи ЕУ е сепак голема структура и има сложен систем на одлучување, нејасно е каде би се користел моделот на квалификувано мнозинство, а каде ќе остане принципот на едногласност во одлучувањето.
Во моментов има големи промени и во ЕУ, но и во светот генерално. Ние, за жал, ги немаме во нашиот видокруг тие моменти, меѓународни, кои може да создадат или поповолна или понеповолна клима за Македонија, тврдат познавачите.
Тие се сепак скептични и не можат да замислат дека која било членка на ЕУ би се откажала од моќта што ја има со досегашниот начин на одлучувањето, поконкретно за нив е незамисливо Бугарија да се откаже од таа значителна моќ при одлучувањето. Тоа практично значи дека Македонија долгорочно би можела да остане заложник на Бугарија, до целосно нејзино идентитетско и национално обезличување, доколку во меѓувреме самата не се избори за подобра позиција и статус, користејќи ги механизмите на меѓународното право и повикувајќи се исклучиво на Копенхашките критериуми.
Токму Бугарија изминатиот период, особено по францускиот предлог, и најмногу ја злоупотребува целата ЕУ, искористувајќи ја како параван за остварување на своите хегемонистички и асимилаторски политики кон Македонија.