На Арачиново во декември 2020 година му беше доделена неповратна еднократна помош од половина милион евра за справување со тешкотиите во работењето, настанати поради ковид-кризата. Една година подоцна, Арачиново доби уште половина милион евра од буџетот за реконструкција на патната инфраструктура.
Она што веќе ја прелева чашата на незадоволство кај администрациите на другите локални самоуправи и граѓаните од другите општини низ државата е тоа што тие истакнуваат дека редовно ги плаќаат даноците, за разлика од некои други локални самоуправи, а токму оние неплаќачите се и редовно и вонредно поддржани од централната власт. Тие сметаат дека треба да постојат критериуми и механизми според кои локалната самоуправа ќе добива поддршка
(Де)балансиран пристап на централната власт кон стратегијата за еднаков регионален развој
Реакции во јавноста предизвика последната одлука на Владата да додели уште еден милион евра за Општина Арачиново, за регулација на одводен канал, во период кога со години другите општини во земјава се заборавени од централната власт.
Негодувањата се уште поголеми и затоа што државата изминатите две-три години во неколку наврати ѝ додели сериозни државни пари на оваа општина, иако се покажуваат како точни резултатите (од истражувањето на невладината организацијата „Центар за граѓански комуникации“) за наплата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година дека Арачиново е единствената општина што воопшто не наплаќа данок на имот. Владата во декември 2020 година ѝ даде неповратна еднократна помош од половина милион евра на оваа општина за справување со тешкотиите во работењето настанати поради ковид-кризата. Една година подоцна, Арачиново доби уште половина милион евра од буџетот за реконструкција на патната инфраструктура.
Она што веќе ја прелева чашата на незадоволство, особено кај администрациите на другите локални самоуправи и граѓаните од другите општини низ државата, е тоа што тие редовно ги плаќаат даноците, а државата, односно централната власт постојано заборава на нивните потреби. Тие сметаат дека треба да постои механизам според кој оние што покажуваат нелојалност, па и финансиска, кон својата држава треба да увидат дека ако не ги плаќаат давачките, нема да има ниту развој на нивната општина, во спротивно, дополнително се стимулираат да продолжат со ваквите практики. Дотолку повеќе што со ваквото однесување на дел од граѓаните се прекршува и основното уставно начело, дека сите сме еднакви пред Уставот и законите.
– Ова е веќе скандалозно. Живеам во Долно Соње и половина век немаме водовод и канализација, а државата не мрдна со мал прст да ни помогне. Нека дојде некој да види како живееме во 21 век без вода. Секој трети ден викаме цистерни да ги полниме бунарите. Почнаа, демек, да прават водовод и го оставија. А ваму, оние што не плаќаат ги наградуваат. Изгледа дека во оваа држава треба да престанеме да ги плаќаме даноците, да не плаќаме струја, за државата да ни помогне – иронично вели Сотир Јанкуловски, жител на Соње.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, коj ги следи овие состојби, смета дека последниот пример со Арачиново е само уште една потврда дека државата покажува симптоми на асиметричност на својот третман кон локалните власти, селективност, па дури и системска дисфункционалност… Аналитичарот е извонредно критичен на оваа појава, која веќе фаќа континуитет, и предупредува дека постојат конкретни индикатори за тоа „како да е испарцелизирана територијата на Македонија и дека во одредени региони воопшто не важат позитивноправните прописи на државата“. Аналитичарот јавно си го поставува прашањето дали навистина е допуштено де факто функционирање на „партиски територии на кои не може да се примени владеењето на правниот систем“!?
– Несомнено, и во Арачиново има некој што плаќа, да не генерализираме, но тоа треба да си го реши Општината. Ако не се наплаќа данокот, тогаш не треба да има ниту интервенции и поддршка од државата – вели Пекевски.
Според него, постојат начини како може една општина што не работи домаќински да се дисциплинира и државата ги има сите механизми на контрола.
– Општината може да се стави под ингеренции на друга општина, и тоа е многу едноставно. Ако можеше државата да го укине Советот на Општина Тетово, тогаш нема причина да не може да ја укине Општина Арачиново. Ова покажува дека ние во суштина го губиме прерогативот на држава, а дека постојат низа показатели дека се работи за партиска поделба на територии, каде што едни се привилегирани, а други не – констатира Пекевски.
Тој смета дека токму енергетската криза исфрлила на површина многу работи што се знаеја, но се туркаа под тепих.
– На сите им е јасно ова што се случува во Арачиново, но сега дојде голема енергетска криза и на површина испливуваат сите овие недоследности и не се сомневам дека ќе излегуваат сè повеќе и повеќе вакви работи, што од една страна е добро, бидејќи во секоја криза има и добри елементи, дека повеќе нема да се толерираат вакви работи. Ниту на ЕВН ќе му се исплатува, ниту, пак, на „Водовод“. Едноставно, оние што не плаќаат ќе бидат исклучени и тоа е тоа – истакнува Пекевски.
Тој уште објасни и дека во оваа скопска општина се смениле повеќе локални власти од различни партии, но дека ништо не се сменило во однесувањето.
– Не функционира правото. Таму се сменија повеќе власти, но ништо не се промени. Не смее државата да покажува знаци дека едни граѓани се привилегирани, други не – констатира Пекевски.
На крајот, Пекевски заклучува дека таквиот однос на државата кон оние што не плаќаат данок влијае и врз нејзиниот имиџ надвор.
– Ако апострофираме како светот гледа на нас, не треба да се чудиме зошто никој не нè сака и зошто сите се изживуваат со нас. Тоа е затоа што нашата таканаречена држава не постапува соодветно врз лојалните граѓани, а им дава невидени бенефиции на оние што не ја почитуваат – завршува Пекевски.
За исклучената струја поради неплаќање, министерот најде привремено решение
Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека, во координација со градоначалникот на Арачиново и раководството на ЕВН, најдено е привремено решение за прашањето за снабдување со електрична енергија на жителите на оваа општина.
– Ова решение е привремено, но со надеж дека ќе биде долгорочно, доколку сите страни ги почитуваат договорот и законите во државата. Да вложиме максимални напори да заштедиме струја, да го заштитиме семејниот буџет и да не ја влошиме состојбата со енергетската криза – напиша Бектеши на Фејсбук, без да објасни што е договорено.
Претходно некои од жителите на Арачиново излегоа на протест пред управната зграда на ЕВН во Бутел, барајќи компанијата веднаш да ја приклучи струјата за нивното населено место. Тие ја обвинија компанијата за неажурност во решавање на проблемот.
Од ЕВН, пак, велат дека не е безбедно да испратат екипи на терен, бидејќи трпат вербални и физички напади од локалното население. Оттаму додаваат дека годишно губат по шест милиона евра поради нелегалните приклучувања и кражбите на струја токму во Арачиново. Оваа скопска општина е единствената во земјава што не наплаќа ниту данок на имот, а во исто време државата постојано финансиски ѝ помага, што предизвикува револт кај другите граѓани во земјата, кои сметаат дека на арачиновци премногу им се прогледува низ прсти.