Како понатаму? Дали е можно да се поведе постапка за геноцид на Македонците водејќи се од петте „дејства извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“? Дали повикување на второто дејство: „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“, е доволно за поведување судска постапка? Дали насилното ревидирање на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја што го прават договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ не предизвикува сериозни ментални и духовни повреди на Македонците, што се манифестираат и со физички повреди? Тоа што денес нам, на Македонците, ни се случува, за многумина е (културен, идентитетски) геноцид без разлика дали некогаш воопшто ќе се води судска постапка
Вилијам Шабес (William Schabas) зборува за сеприсутната „мистика на геноцидот“ и го користи терминот „ужасниот Г-збор“, додека, пак, Војин Димитријевиќ во 2010 година објави есеј со наслов „Геноцид – тој магичен збор“. Тргнувајќи од потребата за проактивен одговор на дипломатската офанзива однадвор и понизниот и заплашувачки пристап одвнатре, но и од нужноста Македонија достоинствено и подготвено да одговори на неправдите, денес ќе пишувам за правното, историското, социјалното и фигуративното значење на терминот геноцид.
Полскиот адвокат Рафаел Лемкин (Rafael Lemkin) го предложи терминот геноцид во неговата книга од 1944 година „Владеење на оската во окупирана Европа“, комбинирајќи ги грчкиот збор γένος (genos, „раса, народ“) и латинскиот суфикс caedo („чин на убивање“). Лемкин (1900 – 1959) е Евреин роден во Русија, којшто работи во Полска како угледен правник, адвокат и државен обвинител. За разлика од многу членови на неговото семејство, тој успеа да избега од нацистичките погроми во 1940 година, прво во Шведска, а потоа да замине во САД, каде што ја објави книгата во која за првпат се појавува овој неологизам. Според Димитријевиќ, главна инспирација на авторот не е холокаустот, туку масакрот на Асирците во Ирак (1933 година) и масовното ликвидирање на Ерменците во Отоманската Империја од 1915 до 1917 година.
Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид (Convention on the Prevention and Punishment of the Crime of Genocide), којашто беше прифатена од Генералното собрание на ОН на 9 декември 1948 година, стапи во сила на 12 јануари 1951 година. Според овој меѓународен договор, за постоење на геноцид важно е делото да е извршено „со намера за целосно или делумно уништување на национална, етничка, расна или религиозна група како таква“, а тој чин може да биде: „(1) убиство на членовите на групата, (2) сериозни повреди на физичкиот или менталниот интегритет на членовите на групата, (3) намерно подложување на групата на услови за живот што треба да доведат до нејзино целосно или делумно уништување, (4) мерки насочени кон спречување раѓања во групата и (5) присилно пренесување деца од една во друга група“ (чл. II). Самиот чин на геноцид, планирањето на неговото извршување, директното и јавното поттикнување на геноцид, обидот и соучесништвото се казниви (чл. III). „Лицата што ќе извршат чин на геноцид или кој било друг чин наведен во член III ќе бидат казнети без разлика дали управуваат со државата, извршуваат функции или се обични поединци“ (член IV). Според nullum crimen sine lege, до 12 јануари 1951 година, никој не можеше да биде осуден за геноцид, без разлика какви страшни злосторства извршил врз припадниците на некоја етничка (или друга, во смисла на Конвенцијата) група со намера да ја уништи, меѓутоа и никој што веќе извршил такви злосторства пред 12 јануари 1951 година не може да биде суден или осуден за геноцид (така на Адолф Ајхман не му се судеше за геноцид во 1961 година). Првиот човек што некогаш е осуден за геноцид е градоначалникот на градот Таба во Руанда во септември 1998 година, додека првиот човек осуден за геноцидот во Сребреница е Р. Крстиќ, генерал на Армијата на Република Српска, во август 2002 година. По Крстиќ, за истиот геноцид беа осудени уште неколку лица, вклучувајќи ги Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, нагласувајќи дека никој од нив не е осуден за геноцид „во Босна“, односно во другите градови и региони на Босна. Сепак, треба да се спомне мислењето на Шабес – еден од најголемите светски експерти за геноцид, дека правниот термин геноцид е политички оптоварен, па оттука, не треба да се користи за да се опише секое злосторство кое вклучува масовни убиства. Според неговото мислење, во строга правна смисла, единствени вистински „геноциди“ во поновата историја се ерменскиот геноцид, холокаустот на Евреите и Циганите и геноцидот во Руанда.
Зборот „геноцид“ беше долгоочекуваниот збор што овозможи слични настани во минатото да се означат со него – неможноста за утврдување кривично дело не ги спречи граѓаните, мислителите и истражувачите да зборуваат, пишуваат и дебатираат колоквијално, професионално или литературно за геноцидот. Но, не само во минатото туку и за настаните што се одвиваат денес а можат да се окарактеризираат со терминот „геноцид“. Напорите на усташите за истребување на Србите во Хрватска, сепак, според Димитријевиќ, се геноцид, иако повеќе за нив не може да води судска постапка. Тоа што денес се случува во Газа за многумина е геноцид, без разлика дали некогаш воопшто ќе се води судска постапка. Неодамна, студентите на Факултетот за општествени науки на Универзитетот во Љубљана, порачувајќи „Fuck NATO“, ја окупираа зградата на факултетот барајќи прекин на сите врски со израелските универзитети и мир во Газа. За настаните во Словенија, одговарајќи на прашањето „И зошто НАТО?“, Светлана Слапшак ќе рече: „Крајната последица од сето ова е целосен очај на младите. Можеби никогаш порано лицемерството, лагите и лудилото не биле толку јасно владетели на светот … Сочувството за несреќните од другата страна на светот вклучува сè: од дволичноста и конформизмот на универзитетот до перверзиите на капитализмот на умирање … Светското јавно мислење никогаш не било толку глуво на сочувството и на оние што го имаат, а инаку никогаш не било на страната на младите, особено на младите што размислуваат“.
Тргнувајќи од тоа дека Договорот со Грција требаше да реши „еден апсурден спор што ги оспорува универзалните човекови права за (национално) самоопределување, како и принципот јус когенс на перемпторното (обичајно) право, кој едноставно не е подложен на дерогирање со никакви меѓународни договори, ниту со ‘доброволно откажување’ од нив под меѓународен притисок“ (Јасминка Павловска), Договорот е всушност ништожен, нелегален и бесмислен, и „преставува преседан и срам во меѓународното право, што никогаш не требаше да се случи ниту со изговорот за големата слика на реалполитиката и геополитиката“ (Јасминка Павловска). Како понатаму? Дали е можно да се поведе постапка за геноцид на Македонците водејќи се од петте „дејства извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“? Дали повикување на второто дејство: „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“, е доволно за поведување судска постапка? Дали насилното ревидирање на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја што го прават договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ не предизвикува сериозни ментални и духовни повреди на Македонците, што се манифестираат и со физички повреди?
Тоа што денес нам, на Македонците, ни се случува, за многумина е (културен, идентитетски) геноцид без разлика дали некогаш воопшто ќе се води судска постапка. Ричард Никсон ќе биде запомнат, меѓу другото, и по одговорот во интервјуто со Дејвид Фрост: „Па, кога претседателот го прави тоа … тоа значи дека тоа не е нелегално … по дефиниција.“ Напишана по масакрот во кампусот на Државниот универзитет во Кент, на 4 мај 1970 година, песната „Охајо“ на Нил Јанг веднаш прерасна во химна на движењето против Виетнамската војна: „Лимени војници и Никсон доаѓаат / Конечно сме сами / … / Четворица мртви во Охајо“. Ги убиваме сопствените внуци и нивните деца, ги убиваме како поддршка на политиките за натамошната демакедонизација на Македонија и создавање нова „лабораториска нација“. Не молчете, qui tacet consentire videtur – кој молчи тој се сложува. Сега е време кога треба да се зборува, да се пишува и да се дејствува.