Парафразирајќи го Второто соборно послание на Свети апостол Павле до Коринтјаните 5: 21, Македонија којашто не знаеше за грев, но нејзините неуки политичари направија злостор и грев, треба повторно да се крене од пепелот, повторно да стане Македонија, повторно да искуси правда божја: Северна Македонија да умре, Македонија да живее! Денес, шест години по заминувањето на Македонија, сѐ уште се двоумам: дали тоа се случи прерано или навреме. Но, во едно сум сигурен – време е за обединување на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ. Време е, ќе повторам по илјадити пат, идната влада да го направи следното: прво, повлекување од потпишаниот билатерален Договор со Бугарија. Второ, да почне, и тоа да трае најмалку една година, едногласно, потпомогнато од сите: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата, да говори за неправедните, понижувачки, нелогични, бесмислени членови и ставови на договорот со Грција. Трето, да започне со департизација на институциите, подобрување на внатрешната кохезија и градење доверба кон Владата и кон ЕУ. Четврто…
Бројките што се среќаваат во настаните, творбите – научни и уметнички, верувањата, животите на луѓето, народите: ќе дојдат и ќе заминат, означувајќи, случајно или намерно, нешто значајно, универзално, одговор на клучни прашања или, пак, нешто безначајно и апсурдно. Во романот „Контакт“, Карл Сејган (Carl Sagan) сугерира дека творецот на универзумот испишал порака длабоко во цифрите на бројот пи, укажувајќи на постоење на „интелигенцијата што му претходи на универзумот“. Романот „Контакт“ навестува дека, според моето мислење, Сејган е сепак повеќе агностик отколку деклариран атеист, копнеејќи за помирување меѓу науката и религијата. Во научнофантастичната трилогија на Даглас Адамс „Автостоперски водич низ галаксијата“, на компјутерот „Длабока мисла“ му требаат 7,5 милиони години да одговори на „големото прашање за животот, вселената и сè преостанато“. Неговиот одговор: 42, е апсурден и едноставен, но не многу корисен бидејќи никој, по 7,5 милиони години, дури ни компјутерот „Длабока мисла“, не го знае прашањето на коешто се однесува одговорот. Во популарната култура бројот 42 стана класична референца што ги исмева обидите за барање едноставни одговори на сложени прашања.
Во Македонија бројот 26 зазема особено место. Во 2018 година, на дваесет и шестгодишна возраст, неколку месеци пред да наполни 27 години, Македонија се ракуваше со синот на титаните Хрон и Реа, еден од четворицата браќа што владеат со светот: богот Ад – богот на подземјето, на „темното царство“. „Душите мирисаат во адот“ – напиша Хераклит, кој „како огнен столб стоеше во водата“ (Клетников). Зошто душите мирисаат во адот? За Хераклит душата, во принцип, е оган: „Оган во ѕвездите“. И што ќе се случи ако огнот се полее со вода? Многу чад. Меѓутоа, „ако сè стане чад, ноздрите ќе ги препознаат“ (повторно Хераклит) изгаснатите души. Оттука, сетилото за мирис, според Хераклит, ќе ги препознае сите злодела: смрдеата, реата на оние што продадоа и предадоа сè што е македонско. Но не само сетилото за мирис: видовме пустош, слушнавме вресоци, вкусивме понижување и го допревме дното. „Смртта ни дава крилја“, пееше Џим Морисон – смртта на Македонија треба нам, на Македонците, да ни даде крилја да ја поништиме срамната и понижувачка додавка Северна. И тоа треба да биде нашиот завет – не на тековните, не на идните властодршци (тие се водени од моќта, големото его и можеби од лукративни побуди), туку наш – на Македонците.
Договорот со Грција ја распна Македонија. Распетието, воведено од Персијците 300 г. пр. н.е. и усовршено од Римјаните 100 г. пр. н.е., е најболната смрт што човекот ја изумил – тука терминот „мачење“ е најрелевантен. Парафразирајќи ги Псалмите (21: 14 – 18): Македонија се разлеа како вода; сите нејзини суштествени белези се разнебитија, срцето нејзино стана восок, што се топи во нејзините гради. Силата нејзина се исуши како цреп, јазикот ѝ се залепи за непцата, во смртоносен загриз се најде таа. Безбројните кучиња, однадвор и одвнатре, ја опколија, цела чета злочинци се свртеа околу неа; ѝ ги пробија душата и срцето, рацете и нозете. Се ништеа сите нејзини материјални и духовни дела, се соголи таа, се броеја сите нејзини коски, а тие гледаа, ја презираа и глодаа; ги разделија меѓу себе нејзините материјални духовни алишта и за нејзините добра фрлаа ждреб. Но распнувањето не беше залудно. Парафразирајќи го Второто соборно послание на Свети апостол Павле до Коринтјаните 5: 21, Македонија којашто не знаеше за грев, но нејзините неуки политичари направија злостор и грев, треба повторно да се крене од пепелот, повторно да стане Македонија, повторно да искуси правда божја: Северна Македонија да умре, Македонија да живее!
Денес, шест години по заминувањето на Македонија, сѐ уште се двоумам: дали тоа се случи прерано или навреме. Но, во едно сум сигурен – време е за обединување на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ. Време е, ќе повторам по илјадити пат, идната влада да го направи следното: прво, повлекување од потпишаниот билатерален Договор со Бугарија. Второ, да почне, и тоа да трае најмалку една година, едногласно, потпомогнато од сите: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата, да говори за неправедните, понижувачки, нелогични, бесмислени членови и ставови на договорот со Грција. Трето, да започне со департизација на институциите, подобрување на внатрешната кохезија и градење доверба кон Владата и кон ЕУ. Четврто, да се обврзе дека македонските претставници во билатералниот скрининг ќе бидат транспарентни – дека нема повторно да има нови „преземени обврски“ за коишто јавноста се запознава откако обврските веќе се преземени.
Кога сме кај бројките, еве колку зад секој пратеник во Собранието на Македонија гласале граѓаните, врз основа на шесте политички партии присутни во Собранието (според резултатите на ДИК од 9 мај 2024 година – текстот е пишуван во утринските часови на 9 мај), подредени по опаѓачки редослед: Левица 11.221 граѓанин, движењето ЗНАМ – За наша Македонија 9.254 граѓани, Коалицијата за европска иднина – СДСМ 8.510, коалицијата ВЛЕН 8.230 граѓани, коалицијата Твоја Македонија ВМРО-ДПМНЕ 7.432 граѓани и коалицијата Европски фронт 7.236 граѓани. Разликата меѓу првиот и последниот 11.221 – 7.236 = 3.985, или речиси 4.000 граѓани, уште еднаш потврдува дека Македонија има потреба од изборен модел со една изборна единица.
На крајот од романот „Ресторанот на крајот на универзумот“ – вториот дел од трилогијата „Автостоперски водич низ галаксијата“, еден од јунаците и несреќни протагонисти на трилогијата, го наоѓа прашањето: „Што ќе добиете ако помножете шест со девет?“ поврзано со одговорот 42. Но прашањето е погрешно! Шест помножено со девет е 54, не 42! Па затоа, бидејќи нема едноставни одговори и во духот на романот „Контакт“, копнеам за помирување меѓу Македонците, за општествен и духовен мир, без дивеењата со кои се соочуваме и живееме катадневно веќе со години, за Македонија со повеќевековно минато и долгорочна просперитетна иднина. Едноставни одговори нема, промена на Уставот не решава ништо, обединување на македонските партии ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЗНАМ околу македонството е нашиот единствен излез.
Бројот 80 е поврзан со единствениот, уникатен, најголем, прв македонски издавачки бренд „Нова Македонија“ – оваа година ќе се одбележи неговиот осумдесетти јубилеј. „Нова Македонија“ не смее и не треба никогаш да згасне, да оди во заборав. Вложувам во „Нова Македонија“ купувајќи секој ден, понекогаш неколку примероци, така, всушност, вложувам во Македонија, во македонството. Од денешна перспектива, приватизацијата на државниот гигант „Нова Македонија“ беше, од една страна, благослов – инаку денес ќе беше срамното и понижувачко „Нова Северна Македонија“, но, од друга страна, проклетство – во чинот на приватизацијата се насетуваше разнебитувањето на Македонија, на македонството, на сè што е македонско! Оттука, повикувам, купувајте и читајте „Нова Македонија“.