Фото: „Нова Македонија“

Реформата во администрацијата, колку и да се смета за „административна процедура“, податлива за политички манипулации и сфера погодна за партиски компензации, сепак е клучна во евроинтегративниот процес, што ја диктира целата динамика во преговорите. Иако од политички причини е неизвесен почетокот на преговорите со Европската Унија, сите политички субјекти во Македонија треба да дејствуваат според извесноста дека преговарачкиот процес започнува со кластерот „фундаментални вредности“, чиј дел е и администрацијата, кој прв се отвора, но последен се затвора

Парадоксот на реформите на јавната администрација: Создадени 56 нови
институции во последниве шест години

Само еден брз преглед на интернет-пребарувачите на наслови од текстови за реформските процеси во Македонија наведува на заклучокот дека јавно искажаните заложби на политичките експоненти во Македонија за реформите на јавната администрација се всушност добро алиби за работите да течат по старо, односно во обратна насока. Насловите, извадени од изјави на оваа тема, најчесто се во контекст дека „реформите на јавната администрација се важен критериум за нашите евроинтеграции“, „неопходно е намалување на администрацијата“, но и дека во извештаите на Европската комисија редовно не се забележува напредување на тој план. Во една анализа на состојбите со администрацијата пред две години беше откриено дека од 250 до 300 државни органи се без адреса и се невидливи со својата работа за граѓаните. Неодамна, пак, заменик-министерот на Министерството за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски, откри еден парадокс во реформите на јавната администрација, дека во последните шест години се создадени уште 56 нови институции.
– Клучната работа што Европа ја бара од Македонија во делот на реформата во јавна администрација е реорганизацијата, која не се случува. Но затоа, во овие шест години, за секој помал проблем или за секој партиски војник имаме нова институција. Не само што не се скратени тие што постоеле туку се создадени 56 нови институции во последниве шест години, од кои 16 се органи на државната управа – изјави во медиумско гостување заменик-министерот на Министерството за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски.
Неодамна, пак, и евроамбасадорот Дејвид Гир повторно порача дека на земјава ѝ е неопходна стручна, независна и професионална јавна администрација и нагласи дека „без тоа, нема раст и развој“.
– Не може да се каже дека нема резултати во однос на реорганизацијата, но системот има и слабости, кои се секако нотирани, а евидентно е и премногу силно партиско влијание во одредени делови од администрацијата… Има големи слабости во системот, тие се идентификувани во нашиот извештај за земјата, но ние тесно соработуваме со државната служба во насока на градење на нејзиниот капацитет, зашто без ефективна државна служба, нема никаде да стигнеме. Ги следиме многу одблиску реформите во јавните администрации. Ова е есенцијално, зашто станува збор за спроведување на реформите, на значителната помош што ја обезбедуваме и на подготовката на земјата да управува со работи како што се структурните фондови – уште еднаш евроамбасадорот Гир дипломатски ги истакна парадоксалните слабости во реформите на јавната администрација.

Од друга страна, министерот за финанси Фатмир Бесими, пак, тврди дека бројот на администрацијата, особено во последните две години, се намалува. Оваа информација, секако, е во спротивност со онаа на заменик-министерот за информатичко општество и администрација за зголемувањето на бројот на институциите во изминатите шест години. И, секако, не е во корелација со зголемувањето на интензитетот на огласи за вработување во јавната администрација пред распишување на изборите.
Пред шест месеци, пак, беше презентирана и стратегијата за реформи на јавната администрација за 2023-2030 година. Тогаш министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу рече дека стратегијата била подготвувана низ транспарентен и консултативен процес, со вклучување на сите засегнати страни. Според него, приоритетните цели, деполитизирана и професионална јавна администрација, и следствено на тоа – воспоставувањето кохерентен систем на плати и реорганизации и оптимизирани институции со зајакнат интегритет ќе придонесат кон постигнување на визијата на стратегијата.
– Ова подразбира финализирање на предлозите на законските решенија што претставуваат правна основа за да се оди понатаму. Граѓаните мора да имаат доверба во администрацијата и во институциите и да почувствуваат дека истите тие постојат и работат за нив и за нивните барања. Во делот на дигиталната трансформација може да се види унапредување, но важно е да се овозможи и унапреди простор администрацијата да работи во средина со дигитални можности и да биде оспособена да ги применува, со што ќе се постигне и зголемен квалитет на услугите кон граѓаните и бизнис-заедницата – рече на претставувањето на стратегијата министерот Алиу.
Аргументи за резерви во оптимизмот за спроведување на новата стратегија за реформи во администрацијата се пронаоѓаат во извештајот на Заводот за ревизија за ефикасноста на спроведување на претходната стратегија. Во минатогодишниот извештај Заводот за ревизија констатирал само 52 отсто реализација на предвидените активности во стратегијата за реформи во администрацијата. Во последниот извештај ревизорите забележуваат и недостиг од документација за стратегијата во архивите на Министерството за информатичко општество и администрација, недоволна кадровска екипираност, односно чести кадровски промени. Лицата што управувале со реформските процеси не се веќе дел од оваа институција…
– Во нашиот политички амбиент некако е вообичаено секое ново коалицирање за учество во Владата да значи дека новиот потенцијален коалициски партнер има и мегаломански барања. Таквите барања најчесто се реализираат со нови околу 1.000 вработувања во администрацијата, а не е исклучено и со формирање нови институции. Таквата реалност личи на политички цинизам – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.

Реформата во администрацијата, колку и да се смета за „административна процедура“, податлива за политички манипулации и сфера погодна за партиски компензации, сепак е клучна во евроинтегративниот процес, што ја диктира целата динамика во преговорите. Иако од политички причини е неизвесен почетокот на преговорите со Европската Унија, сите политички субјекти во Македонија треба да дејствуваат според извесноста дека преговарачкиот процес започнува со кластерот „фундаментални вредности“, чиј дел е и администрацијата, кој прв се отвора, но последен се затвора.


Давитковски: Да не се партиските игри, нема да знаеме колку државни органи имаме

Актуелните партиски превирања во македонското предизборје резултираа со разрешувања од страна на техничката влада, на директори на јавни претпријатија, кадар на фракција од една партија. Професорот по управно право Борче Давитковски во овие случувањата детектира и некои од парадоксите на јавната администрација во Македонија.
– Според одредени податоци (за кои веќе не сум сигурен дека се релевантно ажурирани), јавниот сектор во Македонија има(ше) 1.325-1.326 институции, што и така е преобемна бројка за државниот буџет. Но, секој нов закон или преработен закон отвора простор за создавање нови институции, нови државни органи. Еве, сега со новиот закон за македонски јазик, треба да се отвори и нов инспекторат, како некаков пандан на инспекторатот според Законот за употреба на јазиците. Оваа паралела е само најнов пример, а за постоење на такви незнајни институции откривме и со последните разрешувања од Владата на директори на јавни претпријатија. Да не беа партиските игри, немаше ни да знаеме за постоењето на некои институции… За вистински реформи на администрацијата, потребен ни е нов закон за организација на органите на управата, кој се носи со двотретинско мнозинство, со кој ќе биде одредено колку органи на управа имаме. Сегашната состојба со реформите на администрацијата е голема иронија на државата и на државниот буџет – смета професорот Давитковски.