Фото: МИА

Во рамки на работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска во Бундестагот имаше средби со Михаил Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи, и со Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за ЕУ прашања, при што била реафирмиран германскиот ангажман и поддршка на европскиот пат на Македонија.

Како што соопшти МНР, во фокусот на разговорите беше европското досие на нашата држава и неопходноста од одлучни чекори од страна на ЕУ во однос на евроинтегративните процеси на државите од Западен Балкан, со оглед на новите геополитички ризици кои го демнат и регионот.

– Со отворањето на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија, ЕУ ќе ја демонстрира својата геостратешка насока и следствено ќе ја зацврсти заедничката европска безбедносна архитектура – порача Османи.

Од соговорниците е добиена потврда за конзистентното германско ангажирање и поддржување на европскиот пат на Македонија со цел задржување на кредибилитетот на Европската Унија во регионот.

Во изјава од Берлин шефот на дипломатијата оценува дека ова е важна работна посета на Германија каде што разговарале за предизвиците наметнати од војната во Украина и блокираната европска перспектива на регионот, како извор на системска ранливост.

– Ги нформирав германската Влада и германскиот Бундестаг за чекорите кои ги презеде Република Северна Македонија за да постигне стопостотна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ и со тоа покажа зрелост, но и доследност како партнер на Европската Унија, но и НАТО-член во регионот, а секако ја информирав Владата и Парламентот за текот на разговорите со Република Бугарија. Притоа констатирајќи дека е време Република Бугарија да покаже стратешко лидерство со цел да се прекине овој токсичен круг на односи којшто се провлекува со години и остава трајни последици помеѓу граѓаните од двете страни на границата, а секако и ЕУ да презема стратешко лидерство кон регионот заради тоа што овие историски моменти го наметнуваат токму тоа – вели Османи.

За време на работната посета на Берлин, Османи, попладнево, ќе има средба и со државната министерка надлежна за Европа, Ана Лирман.