Изјавите-бомби на политичарката Едита Тахири аналитичарите ги толкуваат како политички неодговорни, национално и територијално експанзионистички, пресметани за одредена цел во новите прераспоредувања на геополитичката мапа, вклучувајќи и на Балканот, но наедно тие изјави на Тахири се толкуваат и како „закани за територијалниот интегритет на Македонија и како одраз на уплавот од претстојните потези на Трамп кон Косово“. Кај идеолошки либералните политичари на Косово, според нашите соговорници, постојат „стравувања и политичка нервоза во Косово за неговата натамошна судбина по доаѓањето на републиканецот Трамп на претседателската позиција во САД“…

Запаливите политички изјави на врвната политичарка од Косово Едита Тахири ја позиционираат Македонија во средиштето на ново балканско воено жариште

Информативниот портал на албански јазик „Папараци“ од Приштина пред неколку дена објави: „Едита Тахири, која е и поранешна раководителка на преговарачкиот тим на Косово во дијалогот со Србија, предупреди дека можните промени на границите во Балканот би биле ‘добри за Албанците’, бидејќи, како што рече, ‘тоа ќе ја обедини трагично поделената албанска нација’. Тахири на Фејсбук напиша и дека ‘почнале шпекулациите за мировните преговори, предводени од Трамп’. ‘Шпекулациите на проруските и просрпските аналитичари ја афирмираат идејата за промена на границите, вклучувајќи и на Балканот, поточно меѓу Косово и Србија. Сепак, американскиот претседател многу добро знае оти нема да има промена на границите само на еден дел од Балканот туку дека ќе се менуваат во целиот Балкан, преку мир или војна’“, порача Тахири.
– Ако се променат границите во Балканот, тогаш ќе се менуваат во целиот Балкан, а не само на еден негов дел, било преку мир, било преку војна! Можните промени на границите на Балканот би биле добри за трагично поделениот албански народ, бидејќи ќе доведат до негово обединување – рече Едита Тахири од Косово.
На оваа нејзина изјава, која е флагрантна закана и за територијалниот интегритет и на Република Македонија, треба да ѝ се обрне соодветно сериозно внимание, бидејќи Тахири не е случајна политичарка, која политичките експертите на Балканот ја нарекуваат „експертка за дезинтеграција на држави“! Имено, таа беше преговарачка во раните фази на Лондонската мировна конференција за дезинтеграција на поранешна Југославија во 1992 година. Едита Тахири е високопозиционирана и влијателна политичарка од Косово, поранешна вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Косово, со долгогодишни обемни и развиени активности и контакти на меѓународната сцена.

Изјави со заканувачки национално- експанзионистички содржини, во пакет, и
зачестуваат

Изјавата на Едита Тахири мора да се земе предвид заедно со изјавата на Елвис Хоџа, влијателниот политички советник на косовскиот премиер Албин Курти, кој е и идеолог и член на Претседателството на неговата владејачка партија Самоопределување во Косово. Хоџа има кажано уште пред две години: „Седумстотини илјади Албанци во Македонија се 14 пати повеќе отколку што има Срби во Косово. Тоа значи: ако има заедница на српски општини во Косово, тогаш прва на удар ќе биде С. Македонија, ќе има и заедница на албански општини и во неа“. Елвис Хоџа имаше објавено на својот фејсбук-профил и мапа на „заедницата на општини со албанско население во С. Македонија“, наведувајќи дека таа мапа е на Гзим Острени, поранешниот воен лидер на ОНА и близок соработник на Али Ахмети.
Во тој контекст важни „коцкички во политичко-територијалниот мозаик“ на Балканот и Македонија се и последните изјави на еден од лидерите на Алијансата за Албанците, министерот за здравство Арбен Таравари, кој напиша на Фејсбук дека „Балканот е буре барут“ и „ако се земе парче земја од Косово“, тогаш, според него, „тоа може да биде причина за почеток на голема војна“. Во својата објава на социјалната мрежа еден од челниците на коалицијата „Вреди“ ги анализираше настаните што се случуваат во светската политика по доаѓањето на власт на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поврзано со состојбите во Балканот, особено во Косово. Таравари смета дека „претседателот Трамп целосно ги менува ставовите и постапките на САД“.
„Балканот секогаш има буре барут. Ако се запали тоа буре, со себе ќе го понесе не само овој континент туку и целиот свет. Се нарушува старата рамнотежа и прашање е како ќе се одрази тоа врз Косово?! Сите актери треба да знаат дека ако се донесе неправедна одлука за Косово, тогаш тоа ќе остане запишано во историјата како малата земја што го предизвика големиот судир. Сите ние ќе бидеме дел од судирот, кој би можел да се нарече и трета светска војна“, посочи Арбен Таравари преку Фејсбук.
Натаму, и Билал Касами, лидер на Беса, од коалицијата „Вреди“, како и градоначалник на Тетово, на 17 февруари 2025 година во својата честитка по повод 17 години од независноста на Косово како држава, наведе: „Градот Тетово отсекогаш бил блиску до суверено Косово на секој чекор, делиме не само заедничка историја туку и иднина, која ќе ја градиме заедно, со повеќе соработка, развој и напредок“. Касами не дообјасни каква „заедничка историја со Косово“ има градот Тетово, кој се наоѓа во Република Македонија, ниту каква „заедничка иднина ќе се гради“. Касами во неколку околности, при посети на косовскиот премиер Курти во Тетово, веќе го има означено овој град како „Дарданско Тетово“ (косовски политичари и интелектуалци сѐ повеќе во официјална комуникација не го користат изворниот српски топоним и назив Косово туку Дарданија), но и како „главен град на сите Албанци“. Едита Тахири сега говори за „обединување на сиот албански народ при променети граници на Балканот“, а Билал Касами за „Тетово главен град на сите Албанци“ и, со ова, некако сам по себе се наметнува впечатокот како да се Тахири и Касами „две виолини“, кои „музицираат“ според истите „ноти“ на „големоалбанска симфонија“…


Едита Тахири – „пуленката од политичката школа на Демократската партија од САД“

Во политичката и образовна биографија на Едита Тахири се наведени информации дека таа дипломирала на универзитетот „Харвард“ во САД, магистерка е на науки за јавна администрација во „Џон Ф.Кенеди“. Таа е и докторка по политички науки на Универзитетот во Приштина, во соработка со универзитетот „Џон Хопкинс“ од Вашингтон, САД. Оттука, Тахири е еден од најбитните регионални албански политичари и „американски пулени“ на Балканот, лансирана од таборот на Демократската партија на САД!
Имајќи предвид дека формации од Косово во 2001 година воено ја нападнаа Македонија, за од тој соседен центар да се издејствува разбивање на унитарниот карактер на Македонија како држава, се наметнува прашањето дали споменатите (идентични како некогаш) изјави на Едита Тахири се дел од обидите да се искористат за нерешените прашања со Србија, за да се изнудат подобри позиции и преку закани со „прекројување“ на границите и на државите, каде што има албанско малцинство, пред сѐ Македонија, да се инволвира во големата политичка игра (што сега е во тек во светот, Европа и секако на Балканот)?
Ова не е првпат Едита Тахири да се „расфрла“ со вакви „политичко-територијални бомби“ од Косово, со погледот вперен на Балканскиот Регион, особено накај Македонија. На 1 мај 2023 година во контекст на тогашните преговори меѓу косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ, а поврзано со меѓународниот став дека треба во Косово да се основа асоцијација на српските општини од северот, Тахири имаше изјавено дека „српската асоцијација ќе повлијае врз границите во Балканот и оти ќе ги инспирира и Албанците во С. Македонија“. „Моделот на асоцијација на општини со српско мнозинство, за кој ќе преговараат косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ утре, на 2 мај 2023 година во Брисел, ќе повлијае врз судбината на границите во Балканот, бидејќи ќе ги инспирира сите малцинства во регионот и уште повеќе Албанците во С. Македонија, оти тие не се малцинство таму, туку сочинуваат половина од населението“, кажа тогаш Тахири. (?!)
Зошто велиме дека ваквите закани на Тахири се соодветни „политичко-територијални бомби“? Тоа се зборови не на некои косовски „политички маргиналци“, туку на еден од најважните и највлијателни политичари воопшто во Косово во изминативе 24 години. Како потписничка на Декларацијата за независност од 2008 година, Едита Тахири е еден од лидерите на Косово и дел од главните протагонисти на политичките промени во Косово уште од 1999 година до денес. Таа е поранешна вицепремиерка, задолжена за национална безбедност и надворешна политика, како и поранешна министерка за надворешни работи на Косово и негова мировна преговарачка. Сега е претседателка на реформистичката партија Демократска алтернатива на Косово.
Во Косово се зголемени стравувањата и политичката нервоза каква ќе биде натамошната судбина на Косово откако на кормилото на САД дојде лидерот на Републиканската партија Доналд Трамп. Бездруго, вакви стравувања и политичка нервоза се преочигледни во изјавите и заканите за „нови граници на Балканот“ на Едита Тахири, „одгледана“ и „едуцирана“ во „демократската политичка школа“ на САД. Р.Н.М.