Фото: Игор Бансколиев

Според прогнозата на метеоролозите, во следните денови ќе преовладува променливо време со повремени врнежи од снег и дожд, а поголемо затоплување се очекува некаде по празникот на жената

ЗИМАТА ПАК ПОКАЖУВА ЗАБИ

По релативно високите температури во текот на минатиот месец, март го дочекавме со нови снежни врнежи, кои беа послаби на пониските места и поинтензивни на планините. Но снежните врнежи и падот на температурите сигнализираа дека зимата сѐ уште е тука, знае да покаже заби и нема намера порано да си оди. Според метеоролозите, во почетокот на март во нашата земја ќе преовладува променливо време со повремени врнежи од снег и дожд што ќе потраат и во текот на претстојниот викенд, а поголемо затоплување се очекува по десетти март. Во следните два дена, времето во Македонија ќе биде стабилно со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Од петок попладне следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, а на планините и на повисоките места од снег. Пообилни врнежи се очекуваат в сабота, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Вчера во земјата беше облачно со повремени локални врнежи од снег и со слаб до умерен, а наместа повремено и засилен ветер од северен правец. Во западните и јужните делови имаше повремени врнежи од снег. Максималната температура достигна од 0 до 5 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Вчераутро најниска температура во земјава е измерена на Попова Шапка -10, во Маврови Анови се измерени – 6, Крушево -5, Берово -3, Крива Паланка, Претор, Дебар -2, во Охрид и Прилеп – 1, а 0 степени во Битола, Виница и Куманово. На другите места е секаде над нулата, а максимални 4 степени се измерени во Дојран и во Гевгелија, соопшти УХМР.
Поради обилен снег, сообраќајот на патниот правец Берово – Пехчево во текот на вчерашниот ден се одвиваше во отежнати зимски услови. Поради тоа, надлежните апелираат на задолжително поседување зимска опрема. Во другите предели од Пијанечкиот Регион најмногу снег има на планината Голак во Делчево.

– По должината на овој патен правец, снегот е најизразен кај месноста Крива Круша, во близината на Пехчево. Поради ова, апелираме до сите што сообраќаат на овој патен правец на поседување на задолжителната опрема и почитување на сообраќајната сигнализација – истакнаа од „Македонија пат“.
Новите врнежи од дожд и снег ќе влијаат на подобрување на водостојот на реките и езерата во Македонија, а поволно ќе се одразат и на претстојната сеидба на земјоделските површини, нагласуваат метеоролозите. Во изминатото деноноќие најмногу снег паднало во Маврови Анови – 46 сантиметри, во Крушево снежната покривка е 40, во Ѓуриште 24, во Пожаране 21 сантиметар. Во Берово има 16 сантиметри снежна покривка, во Претор 10, во Битола 8, а во Крива Паланка два сантиметра.

Најмногу дожд во текот на ноќта меѓу понеделникот и вторникот наврнал во Демир Капија, каде што се измерени 20 литри на квадратен метар, во Струмица 16 и во Гевгелија 14 литри на квадратен метар. По нив, според мерењата на УХМР, следуваат Скопје – Петровец со 13, Скопје – Зајчев Рид со 10, Тетово и Куманово со 9, Крива Паланка со 6, Охрид со 5, Штип и Дојран со 4 и Прилеп со 3 литри на квадратен метар.
И во следните денови нѐ очекува променливо облачно и посвежо време. Во следните два дена, времето ќе биде стабилно со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Повеќе сончеви периоди ќе има в четврток, кога минималната температура ќе се движи од -8 до -2, а максималната од 5 до 12. Од петок попладне следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, а на планините и на повисоките места од снег. Температурата ќе се движи од -8 до плус 12 степени. Пообилни врнежи се очекуваат в сабота, кога ќе има облаци на целата територија на Македонија и повремени врнежи од дожд и снег. Температурата в сабота се прогнозира од минимални – 5 до -2 и максимални од 3 до 9 степени. В недела времето ќе биде променливо со облаци и сонце и врнежи од снег и дожд со температури од -3 до 11 степени. Истото време нѐ очекува и в понеделник со ноќни температури од -3 до 3 и дневни од 3 до 10 степени, информираат од УХМР.
Поголемо затоплување се очекува по Осми март, поради топлиот воздушен бран што ќе пристигне од северен правец. Метеоролозите во Србија прогнозираат повисок пораст на температурата од 12 март, кога се очекува пролетно време со 18 Целзиусови степени. Топлото време се очекува да ја зафати и нашата земја, прогнозираат метеоролозите.