Од 22 до 28 јануари ќе се одвиваат формалните подготовки за техничката Влада во Собранието, соопшти кабинетот на претседателот на Парламентот по првата средба со координаторите на пратеничките групи.
– Во периодот од 22 до 28 јануари на пленарна седници ќе се реализираат следниве процедури: констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрнаие, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици-министри и дополнителни заменици-министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5. За сите активности и прецизни рокови ќе информираме навремено – посочуваат од Собранието.
Од Кабинетот на Џафери информираат дека седница за пратенички прашања нема да има до крајот на овој мандат на Собранието.
– Првата седница за пратенички прашања ќе се одржи по сто дена мандат на влада избрана на парламентарните избори – се наведува во информацијата од координативната средба.
На денешната координативна средба не присуствувале претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на албанската опозиција, која најави бојкот на Собранието поради тоа што не е прифатен нивен кандидат за член на Државната изборна комисија.
Засега исто така нема информација кога ќе бидат поднесени измените на Изборниот законик во Собранието.
Во Собранието денеска има и седница на Комисијата за локална самоуправа на која на дневен ред е Презентација на извештаите од оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа и Законот за градот Скопје.
Утре (10 јануари) во посета на Собранието е Абдулах бин Мухамед Ал Шеикх, претседател на Собранието на Кралството Саудиска Арабија, Меџлиси ал Шура, кој ќе има средба со Џафери. Закажани се и седници на комисиите за култура и за европски прашања.
За четврток (11 јануари) засега е закажана само седница на Комисијата за здравство.
Првата нова пленарна седница во 2024 година е закажана за 16 јануари. На дневен ред се повеќе точки со пристигнати нови материјали.