Фото: Игор Бансколиев

Топлотниот бран ја поклопи Македонија, во котел следните десетина дена

До крајот на месецот нѐ очекува екстремно топол период, а дневната температура во Македонија ќе надмине 40 Целзиусови степени. Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека Македонија ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса, со дневни температури над 35 Целзиусови степени, наместа и над 40 степени, поради што ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури, а УВ-индексот ќе има многу висока вредност – 10.
Според УХМР, како што извести Министерството за здравство, портокаловата фаза во која се наоѓа Македонија се очекува да трае во следните десетина дена, а ќе бидат зафатени сите региони во Македонија: Скопскиот, Осоговско-Малешевскиот, Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот.

Мерки и препораки за заштита

Поради најавите за високи температури, лекарите препорачуваат во најтоплиот период од денот да се избегнуваат физички активности, а највнимателни да бидат повозрасните граѓани, хронично болните и бремените жени.
Македонската влада во согласност со Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението донесе препораки за намалување на ризиците од високите температури. Во согласност со усвоеното, Владата препорачува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лицата на возраст над 60 години чии работни ангажмани не е можно да се спроведат преку онлајн работа.
Со оглед на тоа што одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област. Во согласност со добиените информации, Владата одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките. Владата му препорачува на приватниот сектор да го организира работното време за заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Сите правни субјекти што вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници. Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7 до 17 часот, така што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11 часот.
Владата и надлежните органи информираат дека постојано ќе ја следат состојбата поврзана со временските температури, за навремено преземање соодветни мерки за заштита на граѓаните.
Исто така македонската влада, по предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги задолжи корисниците, односно стопанисувачите со државни шуми, во согласност со Законот за шумите, да прогласат забрана за движење во шумите, по добиена претходна согласност од надлежното министерство. Оваа забраната важи и за движења во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер. На подрачјето на Водно, каде што нема забрана за движење, се предвидени редовни контроли.

Во најтоплиот период од денот да се избегнуваат физички активности

Лекарите препорачуваат во наредниот период да не се излегува надвор без потреба, а доколку нешто е итно, тоа да се заврши рано наутро или во попладневните часови, кога има одредено ублажување на жештината. Во најтоплиот период од денот да се избегнуваат физички активности, да не се спортува и колку што може да се седи во климатизирани простории. Кога е најтопло, највнимателни да бидат повозрасните граѓани, хронично болните и бремените жени.
– Ако во кој било момент се почувствува зашеметеност, слабост, вознемиреност или интензивно чувство на жед и главоболка, секој да побара помош, да се засолни на сенка и посвежо место и да се напие негазиран минерален пијалак за рехидратација – препорачува докторката Анита Димовска од Брза помош Скопје.
Продолжениот топлотен бран го зголеми бројот на повиците до Брзата помош, а во овој период има по околу пет колапси дневно. Д.Ст.


Светот се подготвува за екстремни горештини, неопходно е и ние

Топлотниот бран, освен во Македонија, продолжува да се шири низ Европа и светот, каде што се очекува да бидат измерени нови рекордно високи температури. Оваа недела европскиот континент би можел да ја забележи највисоката температура досега на италијанските острови Сицилија и Сардинија, каде што се предвидуваат максимални 48 Целзиусови степени, објави Европската вселенска агенција. Од другата страна на Атлантски Океан, американската Национална метеоролошка служба предупреди дека се очекува широкораспространетиот топлотен бран да го достигне врвот во јужните и западните држави, при што повеќе од 80 милиони луѓе ќе бидат погодени од предупредувања за прекумерна топлина или предупредувања за топлина во текот на неделата. Долината на смртта во Калифорнија достигна речиси рекордно ниво од 52 Целзиусови степени. Во исто време, Јужна Калифорнија се бори со голем број шумски пожари. Јапонија издаде предупредување за топлотен удар што погоди десетици милиони луѓе, бидејќи речиси рекордно високите температури погодија неколку дела од земјата, додека други области беа погодени од силен дожд. Претседателот на Јужна Кореја вети дека целосно ќе го промени пристапот на земјата кон екстремните временски услови предизвикани од климатските промени, бидејќи бројот на загинати од поплавите и одроните се искачи на 40. Во кинескиот град Санбао беше измерена рекордна температура. Градот се наоѓа во провинцијата Синџијан на северозападот на Кина, каде што температурата била 52,2 Целзиусови степени. Според информациите, се очекува рекордната жештина да трае најмалку уште пет дена.


Топлотен удар за граѓаните на Европа

Топлотниот бран што донесе екстремни временски услови во Јужна Европа ќе се задржи во наредниот период
ПРЕДВИДУВАЊЕ ЗА МАКСИМАЛНИ ТЕМПЕРАТУРИ ВО ТОПЛОТНИОТ БРАН (˚Ц)

Поради топлотниот бран што ја зафати Европа, се очекува температурите да надминат 40 Целзиусови степени во делови од Франција, Грција, Хрватска и Турција. Шпанија со денови се бори со температури до 45 Целзиусови степени во поголемиот дел од земјата.
Во Италија, рекордната температура (за Европа) од 48,8 Целзиусови степени беше регистрирана во близината на Сиракуза, Сицилија, во август 2021 година. Но, според синоптичарите, таа може да биде надмината во наредните денови. Во десет града, меѓу кои Рим, Фиренца и Болоња, е издадено црвено предупредување.
Влијанието на екстремните летни горештини е ставено во фокусот на истражувањето оваа недела. Во компаративното истражување, репер ќе бидат големите горештини во Европа од минатото лето, при што починале над 61.000 лица. Институтот „ИСГлобал“ во Барселона соопшти дека Италија има најмногу смртни случаи (18.010) што може да им се припишат на горештините, додека Шпанија има 11.324, а Германија 8.173.