Од недела почнува летното сметање на времето, а тоа значи дека ноќта меѓу сабота и недела стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час напред, што значи дека наместо два, ќе биде три часот. Летното сметање на времето почнува секој последен викенд во март и трае до последниот викенд во октомври, кога повторно настапува зимското сметање на времето. Многу истражувања што се правени од релевантни меѓународни институции покажуваат дека преминувањето на летно сметање на времето негативно се одразува на однесувањето и здравјето на луѓето, а некои анализи укажуваат и на економската (не)ефикасност од промената на стрелките на часовникот, која се прави секоја година во март и во октомври
ЛЕТНОТО СМЕТАЊЕ НА ВРЕМЕТО И ЗДРАВСТВЕНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ
Од недела почнува летното сметање на времето, а тоа значи дека ноќта меѓу сабота и недела стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час напред, што значи дека наместо два, ќе биде три часот. Летното сметање на времето почнува секој последен викенд во март и трае до последниот викенд во октомври, кога повторно настапува зимското сметање на времето.
Кои показатели велат дека поместувањето на стрелките на часовникот (нанапред или наназад) се одразува на однесувањето и здравјето на луѓето
Многу истражувања што се правени од релевантни меѓународни институции покажуваат дека преминувањето на летно сметање на времето негативно се одразува на однесувањето и здравјето на луѓето, а некои анализи укажуваат и на економската (не)ефикасност од промената на стрелките на часовникот, која се прави секоја година во март и во октомври.
Научниците од германскиот универзитет „Лудвиг-Максимилијан“ дошле до сознанија дека последиците од преминувањето на летно сметање на времето организмот на човекот може да ги чувствува неколку дена, а најголеми промени се чувствуваат во текот на првите два-три дена со временската корекција.
Една од последиците е пократкото време за спиење (со менување на биоритамот), кое во текот на летото може да биде и до 20 минути. Американските научници тврдат дека стапката на ризик од мозочен удар во Финска се зголемила за осум отсто во текот на првите два дена од промената на времето во споредба со периодот од две недели пред промените, а истите резултати се забележани и во октомври, со преминувањето на зимско сметање на времето. Шведските научници во своите истражувања дошле до заклучок дека „бројот на инфаркти се намалува во неделата по враќањето на часот назад за 21 отсто, додека напролет стапката на инфаркти расте седум дена по смената на стрелките на часовникот“. Речиси идентични се бројките во две американски истражувања на истава тема, работени независно едно од друго.
Во низа истражувања исто така е заклучено дека „преминувањето на летно време се одразува и кај учениците, кои послабо ги решаваат задачите и послабо ја следат наставата“.
Понатаму, оваа временска промена влијае и на расположението и на апетитот кај мнозинството граѓани. Во првата недела има и пад на концентрацијата на вработените лица. Во деновите по промената на часовникот има зголемен број сообраќајни незгоди, сметаат стручњаците од областа на медицината.
Приспособувањето на временските промени, особено во летниот период, кога на луѓето им се одзема еден час од сонот, трае една седмица, а кај некои лица и подолго.
Според Драган Хрниќ, професор на Медицинскиот факултет во Белград, тоа влијае негативно на „внатрешниот“ биолошки часовник кај човековиот организам, кој се буди порано од вообичаениот ритам.
– Треба да се земе предвид дека околностите во кои е воведено летното сметање на времето се значително сменети. Овој т.н. внатрешен часовник нѐ тера да стануваме во одредено време. Функционирањето на организмот и сите физиолошки процеси се одвиваат според сончевата светлина што луѓето ја примаат во нашиот регион – вели Хрниќ.
Неколку става од консултациите со лекарите на оваа тема
Дали сон подолг еден час во неделата на 31 октомври ќе нѐ освежи или ќе нѐ вознемири? Кога станува збор за поместување на часовникот, ова прашање е едно од клучните. Според лекарите, поместувањето на часовникот за еден час нанапред не е погодно за метереопатите и хроничните пациенти, но оваа практика може да им пречи и на сосема здрави луѓе. Времето генерално влијае и на расположението на луѓето.
– Сонот кај луѓето е една од најчувствителните категории, бидејќи тој го одржува ритамот на човечкиот организам, а оваа промена може да влијае на сонот, а со тоа и на ритамот. Во овој случај, времето на спиење е нарушено. За хронични пациенти, времето на земање лекови. Освен нарушување на сонот, може да влијае и на апетитот и температурата на телото, додека на психолошки план може да следат промени во размислувањето и одржувањето на вниманието – вели д-р Бисерка Обрадовиќ.
Таа истакнува дека можеме да станеме психолошки тромави и малку пораздразливи.
– Сите овие можни промени се резултат на промената на нашите навики и промената на вообичаениот ритам што го наметнува менувањето на часовникот. Секако дека во некои случаи тоа кај некого може да влијае и позитивно, бидејќи светлината, која е посилна наутро кога стануваме од спиење, може да влијае така што ќе бидеме порасположени. Светлината влијае на синтезата на мелатонин и други невротрансмитери, вклучувајќи го и познатиот серотонин, кој го нарекуваме хормон на среќата и со неговата поголема синтеза ќе бидеме поенергични за работа. Може да се јави и главоболка, но само кај чувствителни луѓе, кои вообичаено реагираат со главоболка во стресни ситуации – вели д-р Бисерка.
Однесувањето на нашиот организам при промената на часовникот е исто како кога патуваме и менуваме временски зони.
– И кога патувате далеку и менувате временски зони, првото нарушување е кај спиењето, заспивањето или раното будење, но тоа исчезнува. За среќа, нашите организми се самоорганизирани и саморегулирани, па за неколку дена се враќаме на редовно функционирање – вели таа.
ЕУ сѐ уште нема одлука за укинување на „поместување на стрелките на часовникот од зимско на летно сметање на времето“
Иако уште во 2019 година од Европската Унија беше најавено дека во 2021 година ќе биде последното „поместување“ на стрелките на часовникот од зимско на летно сметање на времето, тоа не се случи.
Поконкретно, пратениците на Европскиот парламент во март 2019 година заклучија дека последното заедничко поместување на часовникот на летно сметање на времето треба да се случи последната недела од март 2021 година, а земјите членки што сакаат да останат на зимското сметање на времето треба да се приспособат во последната недела од октомври 2021 година. Оваа предлог-одлука требаше да биде потврдена од Советот на министри на ЕУ, со која ќе се укинеа сезонските промени на времето, но ковид-пандемијата го забави целиот процес.
– Со промената на сметањето на времето треба да се престане – изјави тогашниот шеф на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, по објавувањето на онлајн анкетата, во која 84 отсто од жителите на од ЕУ се изјаснија против промената на стрелките на часовникот.
Но оттогаш досега ништо не е сменето и сѐ си останува по старо во ЕУ.
Македонија и другите земји од регионот што не се членки на ЕУ редовно се усогласуваат според временските директиви на Брисел.
Македонската влада редовно носи одлука за усогласување на сметањето на времето според регулативите на ЕУ. Откако ќе биде донесена новата директива, ако воопшто биде донесена од страна на Европска комисија, ќе треба да се подготви од Владата. Македонија засега не се одлучила на кое време ќе остане во иднина и ќе чека што ќе одлучи ЕУ, а во меѓувреме продолжува со примена на старата директива со летно и зимско сметање на времето во согласност со Законот за сметање на времето.
Преминувањето на летно и зимско сметање на времето за првпат е направено во 1916 година, во земјите на северот на Европа, поради заштеда на енергија, додека во Македонија, како дел од поранешна Југославија, е воведено на 27 март 1983 година.