Предвидливо е сценариото, ако се пропушти шансата да биде задоволено чувството на правда во општеството и се попушти пред политичкиот опортунизам, Македонија повторно да се најде во вителот на политички и изборни комбинаторики и манипулации, кои ќе ги надвладеат правните норми, а правната држава и владеењето на правото ќе бидат уште подалеку
Досегашниот третман на хашките случаи и Законот за амнестија се живо сведоштво за владеењето на политикантството наместо владеење на правото
Приспособувањето кон условите на дадениот момент во политичкиот, јавниот живот и службената дејност е одлика на т.н. политички опортунизам. Наедно, искористувањето на секоја поволна околност за извлекување корист, (политичка, партиска или лична) е уште една одлика што доаѓа во пакет со споменатиот феномен на политички опортунизам. Според политиколозите и правниците со кои разговаравме, во Македонија го има политичкиот опортунизам во изобилство. Тој е и главната алатка на квазиполитичарите и носителите на државната власт низ годините по осамостојувањето. Сите граѓански надежи дека ќе се гради правната држава и ќе завладее правото се уриваат од гореспоменатите поединци и групи што се носители на јавната власт. Тие го претвораат процесот на принципиелно градење на државата во „владеење на политикантството, клиентелизмот, корупцијата“… И т.н. хашки случаи се дел од тој пакет на политички опортунизам што ја фрла правната држава на колена, иако се раѓа повторна шанса грешките од блиското минато да бидат исправени.
Македонското правосудство да не ја пропушти повторно шансата да изгради интегритет на правна држава и да воспостави владеење на правото
Хашките случаи, кои се нарекуваат така затоа што Трибуналот во Хаг, односно Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства во државите од поранешна Југославија, ги врати во 2008 година во Скопје, да бидат процесирани во македонскиот судски систем. И две децении подоцна ништо не се случи што би било во согласност со темелните постулати на правото и задоволување на правдата. Сега, 23 години подоцна, тие се предмет на интерес на Советот на Европа, кој преку комесарката за човекови права порачува дека нивното правно решавање е услов за „справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување во државите од регионот“. Правни и политички експерти сметаат дека кога овие случаи биле вратени за процесирање во Македонија, македонското правосудство ја пропуштило шансата да изгради интегритет на правна држава и да воспостави владеење на правото. Оцената од денешен аспект е дека и „поттурнувањето под тепих“ на хашките случаи е драстичен пример на еден политички опортунизам. Но се чини дека денес Македонија повторно ги има шансата и поддршката на меѓународната заедница, изразена преку препораката за активирање на хашките случаи во македонско правосудство од Советот на Европа, односно комесарката за човекови права. А пред таквата шанса и сериозен предизвик се поставува прашањето: може ли да се случи поради политички опортунизам повторно да ја пропуштиме можноста за постигнување правда за жртвите на злосторствата што никогаш не застаруваат?
Мора да се насочиме кон исполнување принципи и вредности, не потценувајќи притоа дека исчекорот е можен само ако чувството за правда е задоволено
– Чувствувам дека треба да појасниме дека Законот за амнестија не ги опфати криминалните дејства во периодот од конфликтот во 2001 година ниту, пак, случаите за кои беше надлежен Трибуналот во Хаг. Но одговорноста е пред сѐ на државата, не на тие што помогнале во процесот на преговори. Советот на Европа, дел од меѓународната заедница, неодамна побара државата да ги процесира вратените случаи. Тие не само што не застаруваат туку и, ако не се адресираат, оставаат простор за политички манипулации и чувство на незавршеност на конфликтот. Значи, духот на Охрид беше да се создаде подемократско и инклузивно општество, но, за жал, инсистирањето на квазиетнички модели на владеење доведе до зголемена сегрегација и злоупотреба на моделот за правична застапеност во многу сектори во општеството. Ние отидовме од преговарање за начини како да обезбедиме недискриминација до целосна сегрегација бидејќи етнопопулизмот вирее во клима на поларизација. Сега мора да се насочиме на исполнување принципи и вредности, не потценувајќи притоа дека помирувањето е можно само ако чувството за правда е задоволено – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.
Од друга страна, според политичките аналитичари, предвидливо е сценариото, ако се пропушти шансата да биде задоволено чувството на правда во општеството и се попушти пред политичкиот опортунизам, Македонија повторно да се најде во вителот на политички и изборни комбинаторики и манипулации, кои ќе ги надвладеат правните норми, а правната држава и владеењето на правото ќе бидат уште подалеку. Ј.П.