Со високи државни почести, мирно и достоинствено, како што доликува на големиот, светски визионер и инспиратор на македонското револуционерно дело и државноста, Гоце Делчев, денеска оддадовме почит пред неговото вечно почивалиште, во чест на неговото раѓање пред 151 година на денешниот датум, 4 февруари, објави на својот фејсбук-профил премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводеше владината делегација на одбележувањето на денот на раѓањето на великанот Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
– Идеалите на големиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки. Пораките на Делчев за единство и сплотеност, кога станува збор за националните интереси и за државните стратешки цели се подеднакво актуелни и денес. И се света обврска за секого, додека ја градиме Република Северна Македонија во едно општество за сите граѓани и ја интегрираме, по најголемиот безбедносен сојуз, НАТО, што е веќе реалност и како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија, во семејството на европски народи и држави – наведува Ковачевски во објавата.
Како што соопштија од владината прес-служба, владината делегација, предводена од премиертот Ковачевски, во чиј состав беа и првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи, Оливер Спасовски и за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, положи цвеќе и оддаде почит на истакнатиот револуционер Гоце Делчев, за неговиот водечки придонес во борбата за слобода и за македонската државност.
Настанот во чест на раѓањето на знаменосецот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев, започна со високи државни почести и со македонската химна во изведба на првенката на Националната опера и балет, Весна Гиновска-Илковска.
Потоа следуваше положувањето цвеќе и оддавањето почит кон големиот револуционер, Гоце Делчев, од претставници на државниот врв и од делегациите кои денеска присуствуваа на одбележувањето на денот на неговото раѓање, меѓу кои и шефот на државата Стево Пендаровски, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и пратеници од владејачкото мнозинство и од опозицијата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници од Генералштабот и на Министерството за одбрана. Меѓу делегациите кои положија цвеќе и оддадоа почит на великанот Гоце Делчев, беа и претставници од Сојузот на борци од НОАВМ, потпретседателите Наум Буревски, Елена Јованова Грујовска и Јоцко Димитриевски и делегации на политички партии.
.
Владината делегација присуствуваше и на богослужбата посветена на големиот револуционер, Гоце Делчев, со која што чиночествуваше поглаварот на Македонската православна црвка – Охридска архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, во сослужение на свештенството.
Чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев, на утринското официјално одбележување во црквата Свети Спас во Скопје помина во мирна и достоинствена атмосфера и во духот на пораките на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев, се наведува во соопштението од владината Прес-служба.
Спасовски: Гоце Делчев останува синоним за храброст, посветеност, просветителство и лидерство
По повеќе од еден и пол век од раѓањето на македонскиот револуционер, уставотворец и државник, тој останува синоним за храброст, посветеност, просветителство и лидерство, пишува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во неговата честитка по повод денот на раѓањето на Гоце Делчев.
По повод 151- годишнина од раѓањето на Делчев, Спасовски, како дел од делегацијата на Владата на Македонија, се поклони пред вечното почивалиште на македонскиот револуционер.
– Гордост, вознес и трепет ми удираат во дамарите како негов потомок, како син на Македонија, како ученик кој има уште многу да впива од Учителот – пишува министерот.
Дополнува дека раѓањето на Гоце Делчев, како што вели, како никогаш досега одново бранува и истовремено, порачува на обединување, достојно на визијата и мудроста со која живееше, и самиот калејќи се од идеите и искуствата на европските и балканските демократи.
– Големиот познавач на военото организирање, а по идеолошка определба – пацифист, со своите специфики небаре ја исцрта иднината на својата татковина, како што му доликува на еден апостол на македонскиот народ во борбата за самостојност и за национална држава. И сѐ уште ни држи лекции кои се нашиот патоказ кон иднината, стои во честитката од министерот.
Претседателот Пендаровски положи цвеќе во чест на 151-та годишнина од раѓањето на Гоце Делчев
По повод 151-та годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, претседателот на државава Стево Пендаровски денеска положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје.
– Во чест на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер и национален херој, денеска положив свежо цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев, во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје – напиша на својата фејсбук-страница претседателот Пендаровски.
Покрај претседателот, свежо цвеќе положија претставници на државниот врв, министри во Владата, пратеници во Собранието и претставници на политичките партии.
Мицкоски: Наместо да се зближуваме, денес за жал сме подалечни од кога и да било во нашата историја со нашите соседи
Наместо да се зближуваме, да се зголемува нашето пријателство ние денес за жал сме подалечни од кога и да било во нашата историја со нашите соседи, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по полагањето цвеќе на гробот на великанот Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
– Две чувства се развиваат кај мене. Првото е чувство на почит кон Македонецот, кон великанот Гоце Делчев за тоа што го сторил за Македонија, за тоа што го направил за македонскиот народ. Ние сме горди што имаме еден таков човек да го славиме и е дел од нашата историја, нашиот македонски ген и тоа е чувство на задоволство и среќа кај секој еден чесен и честит Македонец. И второто е чувството на разочараност, кое кај мене се создаде денеска чекорејќи од онаа прва барикада преку втората барикада до овде до оваа црква и наместо да се зближуваме, наместо да се зголемува нашето пријателство ние денеска за жал сме подалечни од кога и да било во нашата историја – изјави Мицкоски кој ја предводеше партиската делегација на одавањето почит на великанот Делчев.
Тој при тоа се осврна на засилените безбедносни мерки во кои се одвива чествувањето на раѓањето на великанот, со надлетувањето хеликоптери како во воените времиња.
– Ние сме мирољубив пријателски народ и секој којшто доаѓа со добра мисла го почитуваме и очекуваме да не почитува. Доколу тие одлучиле да го слават Македонецот Гоце Делчев не гледам зошто би имало причина да има проблем – рече Мицкоски на прашање од бугарски новинари дали очекува да има проблеми со доаѓањето на бугарските претставници и дали ВМРО-ДПМНЕ организира блокади за непуштање на границата и тука пред црквата.
За односите меѓу Скопје и Софија, тој посочи дека бугарските политичари се тие кои не враќаат во средниот век за ситни политички поени.
-Тоа треба вашите политичари да дадат одговор бидејќи се тие коишто не враќаат во средниот век, а не не носат во 21-иот и 22-иот век. Наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, да зборуваме за економија, да зборуваме за подобро образование и размена на искуства и технологии, намето да ги пренесат искуствата во процесот на пристапување кон ЕУ кон нас Македонците и Македонија тие не враќаат во средниот век. Тоа е за жал дело на политичарите од Бугарија коишто за да соберат ситни политички поени се прават себеси тоа што не треба да се прават и наместо да бидат политичари за 21-иот век стануваат се повеќе естрандни циркузанти и политичари, рече Мицкоски.
Тој порача дека двете земји се географски едни до други и доколку сакаат да градат добри односи потребно е заемно да се почитуваат.
-Знаете, соседот не можете да го бирате. Соседот Господ ви го дава и треба да се почитувате. Пријателите можете да ги бирате, но соседите за жал не можете. Треба да не почитувате и треба да ве почитуваме, односно треба сите да се почитуваме ако сакаме да градиме добри односи. Со провокации, со негирање на македонскиот идентитет, со негирање на македонската историја, со негирање на македонската култура, со негирање на македонскиот јазик вие не можете да кажете дека не’ почитувате, рече Мицкоски.
Прашан дали смета дека може дополнително да ги наруши одосите тоа што бугарски државјани не можеа да дојдат поради пад на системот на граничните премини Мицкоски одговори: „Повторно ќе кажам, секој којшто сака да оддаде почит на великанот македонски, синот македонски Гоце Делчев е добродојден, но провокатори и естрадни политичари коишто имаат проблем да убедат и соседите да гласаат во соседна Бугарија за нив и овдека да провоцираат се разбира не се добредојдени, но за тоа повеќе мислам дека треба да ви даде одговор министерот за внатрешни работи и Владата, рече Мицкоски. вг/ац/