Комисијата за одбрана и безбедност на македонското собрание во овој состав е исклучително активна парламентарна комисија. Таа од мај минатата година одржа повеќе од десет седници, од кои произлегоа темелни анализи, синтези и заклучоци, чија актуелност и спроведливост беа од суштинско значење за носење политички одлуки, од доменот на безбедноста и одбраната на граѓаните и државата. Таквото динамично функционирање на комисијата придонесе за зголемување на нивото на интероперабилноста на институциите (законодавната со извршната власт – со министерствата и владините агенции) во чија надлежност е безбедноста на граѓаните, како и меѓународните организации од тој домен

Собраниската комисија за одбрана и безбедност на средба со Асоцијацијата на одбранбени аташеа акредитирани
во нашата земја

Последната седница на собраниската комисија за одбрана и безбедност што се одржа неделава беше во проширен состав, заедно со Асоцијацијата на одбранбени аташеа од странските земји акредитирани во Македонија. На исклучително продуктивната средба се разменија мислења, ставови и анализи за одбранбената соработка помеѓу странските министерства за одбрана, од каде што беа дојдени странските воени аташеа, и македонското, а се разгледаа и прашања од мултилатерален безбедносен карактер во рамките на НАТО и ЕУ. Посебен осврт на средбата имаше за најактуелните тековни безбедносни предизвици во Европа и во светот.

Претседателот на собраниската комисија Арсоски воведничар
и модератор на средбата

Во краток осврт на надлежностите и работата на македонското собрание, како и на собраниската комисија за одбрана и безбедност, на средбата со Асоцијацијата на одбранбени аташеа акредитирани во нашата земја, претседателот на комисијата и пратеник Павле Арсоски посочи на комисиската структура, делокругот на работа, како и на неколку фундаментални позиции од областа на одбраната и безбедноста за кои треба да се има посебно внимание.
Имено, Арсоски истакна дека собраниската комисија за одбрана и безбедност се состои од претседател и 12 члена и исто толку нивни заменици, како и дека комисијата ги разгледува прашањата што се однесуваат за заштита на поредокот утврден со Уставот, остварување на надзорот во доменот на одбраната и безбедноста, одбрана на Републиката и цивилната заштита, соработка со колективни системи на безбедност и одбрана во кои Републиката пристапила, интеграцијата на Републиката во евроатлантските организации и односите на Републиката со тие организации, заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните загарантирани со Уставот, производство, промет, набавување, поседување и носење оружје, делови за оружје и муниција, обезбедување личности и објекти, државјанство, одржување на јавниот ред и мир, јавните собири и јавните приредби, безбедноста на патниот, воздушниот, железничкиот и езерскиот сообраќај, заштита од природни непогоди и епидемии, пријавување и одјавување на живеалиштето и престојувалиштето, премин на државните граници и движење и престој во граничниот појас, движење и престој на странците, утврдување и решавање на граничните инциденти и други повреди на државните граници, воспоставување меѓународна соработка за прашања што се однесуваат на одбраната и безбедноста, како и други прашања што се однесуваат на одбраната и безбедноста.
Арсоски истакна дека од мај минатата година, значи во овој состав на Собранието, Комисијата за одбрана и безбедност одржала десет седници на кои се разгледувале прашања, извештаи и одлуки врзани за учеството на армиските припадници во меѓународни операции, прашања поврзани со одржување и ремонт на воената техника, продолжување кризна состојба на одредени делови од државата поради илегалната миграција и елементарни непогоди, модернизација на опремата на армијата и набавка на нова воена опрема и слични прашања. Комисијата, како што истакна Арсоски, исклучително добро соработува со Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, ЦУК, ДЗС, но исто така и со министерствата и владините агенции надлежни за безбедност на граѓаните, како и со меѓународните организации како што се ОН, ОБСЕ, НАТО, ЕУ и обврските што произлегуваат од истите тие.
Во врска со заклучоците на самитот на НАТО од Велс од 2014 година за обврската за одвојување на 2 отсто од БДП за потребите на одбраната, пратеникот и претседател на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието, Павле Арсоски, истакна дека нашата држава тоа го исполни многу брзо од нашето зачленување во НАТО во 2020 година, односно веќе во 2023 година. За жал, како што истакна тој, сѐ уште една третина од земјите членки не ја исполниле таа обврска, а во НАТО веќе сериозно се дискутира за 3 отсто, па дури и 5 отсто од БДП за потребите на одбраната.
За потсетување, нашето министерство за одбрана во однос на ова прашање се изјасни дека 3 отсто од БДП е нешто што е остварливо во наредниот период, но за повеќе, државата едноставно нема можности.

За македонската безбедносна политика

Во однос на македонската безбедносна политика, Арсоски подвлече дека таа е безрезервно посветена на промовирање регионална соработка, разбирање, доверба и градење добрососедски односи, уште еднаш потенцирајќи дека Собранието и Комисијата за одбрана и безбедност се фокусирани на остварување на стратегиската цел на земјата – членство во ЕУ.
– Нашата земја има цврста определба и целосна поддршка за заедничката надворешна и безбедносна политика со декларирање конкретен придонес кон цивилните и воените операции во рамките на ЗБОП на ЕУ – изјави претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност.
Од 2021 година во армијата е почнат процес на нејзина значајна модернизација, во кој силен поддршка дава Министерството за одбрана на САД, така што сета застарената воена техника претежно од советско потекло се заменува со модерно западно производство, имајќи го предвид и приоритетот за опремувањето на составите предвидени во Целите на способностите (Capability goals), како резултат од нашето зачленување во НАТО – рече Арсоски.
Во однос на поддршката за Украина, Македонија од самиот почеток на воениот судир недвосмислено, според меѓународното јавно право и меѓународното воено право, застана во поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, но и одвои во три наврати значителни воени средства и опрема. Н.М.


Претседател на собраниската комисија за одбрана и безбедност, Павле Арсоски

Пратеникот Павле Арсоски е доктор по историски науки, генерал-мајор со 33 години воена служба, поранешен командант на полкот за специјални операции, командант на Првата пешадиска бригада, а со последна должност командант на здружената оперативна команда на армијата.
Од мај 2024 година Арсоски е пратеник во Собранието, од редовите на политичката партија Знам, а наедно и претседател на собраниската комисија за одбрана и безбедност. Н.М.