По шест години практикување на Преспанскиот договор во Македонија, со целосно игнорирање од страна на Грција на малкуте обврски што ги има од него, со очигледната дипломатска офанзива врз новоизбраните македонски власти, овој пат не треба да се одговори дефанзивно и со дефетизам, туку со проактивни иницијативи, со цврстите аргументи за ништовноста на ваквиот асиметричен договор, со мобилизација на значајни домашни и надворешни ресурси за наша поддршка, со кои експлицитно ќе се докаже прекршувањето на основните постулати на меѓународното право и основните човекови права на самоопределување и самоименување
На дипломатската офанзива на Атина, Софија и Брисел да одговориме во духот на меѓународниот легалитет, аргументирано и достоинствено
Дури и да постоеја некакви резерви во констатирањето на координираноста на реакциите од ЕУ-соседите на Македонија (поддржана од и од ЕУ-функционерите во Брисел) за заклетвата при инаугурацијата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, во која не ја изговори „преспанската одредница“ во името на државата Македонија, грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис пред некој ден ги отстрани сите евентуални сомнежи. Герапетритис од говорницата на грчкиот парламент ја пофали грчката дипломатија, која издејствувала брза реакција на европските институции по инаугурацијата на Гордана Силјановска-Давкова, која на свеченоста го употреби името Македонија. Речиси истовремено испратените честитки до новата македонска претседателка, од претставниците на ЕУ и меѓународната заедница, во кои беа дипломатски прекорно додадени „потсетувања“ за почитување на договорите, како и недипломатските реакции од Атина и Софија, без честитки и со директни закани за блокирање на евроинтеграциите, го означија почетокот на меѓународната дипломатската офанзива за „одржување на власт“ на Преспанскиот договор во Македонија. Координираниот „честитарски“ настап на соседите, поддржан од Брисел, е секако во насока на понатамошно наметнување на употребата на географската одредница „Северна“ пред историското име на државата Македонија, па дури и редукција и забрана на употребата на придавката „македонски“, што беше воспоставено по потпишувањето на Преспанскиот договор. По шест години практикување на Преспанскиот договор во Македонија, со целосно игнорирање од Грција на малкуте обврски што ги има од него, на очигледната дипломатска офанзива врз новоизбраните македонски власти овој пат не треба да се одговори дефанзивно, туку со проактивни иницијативи, со аргументи за ништовноста на ваквиот асиметричен договор, со кој се прекршуваат основните постулати на меѓународното право и основните човекови права на самоопределување и самоименување.
Проактивен внатрешен одговор на поведената дипломатска офанзива од надвор
Преспанскиот договор, оправдуван од неговите македонски потписници и поддржувачи, како неопходна жртва на Македонија за забрзување на евроатлантските и европските интеграции, предизвика големи национални фрустрации кај најголем дел од македонските граѓани, особено со деноминирање на националниот идентитет од македонски во „северномакедонски“, од Македонец – „северномакедонец“, што наводно од „небрежност“ се подметнуваше од меѓународната заедница, и покрај тоа што таквото „северизирање“ на македонскиот идентитет не е предвидено дури ни со контроверзниот Преспански договор. Инсистирањето на македонските власти (сега веќе во заминување) на употребата на географската одредница „Северна“, уште повеќе го зголемуваше анимозитетот на македонските граѓани и спрема договорот, спрема дериватите произлезени од него, а неодамнешните избори во земјата покажаа дека тоа им се удри од глава и на политичките субјекти што го протежираа и форсираа „преспанизирањето“ на Македонија. За потврда на сиот македонски револт спрема Преспанскиот договор, значителен „прилог“ даде и самата Европска Унија, која се покажа како неверодостојна на своите ветувања дека тој договор е „последниот услов“ за Македонија во ЕУ.
Пораката испратена преку ставот на претседателката Силјановска-Давкова на нејзината инаугурација, со заклетвата дека ќе го „штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на МАКЕДОНИЈА“, предизвика одредена катарза кај македонските граѓани, ги ослободи институциите од наметнувањето за „апокрифна“ употреба на именките Македонија, Македонци и придавката македонски. Најавата и на идниот мандатар за составување влада (според резултатите на неговата партија од парламентарните избори), Христијан Мицкоски, дека ќе дава изјави и ќе се обраќа користејќи ги термините Македонија и придавката македонски, „бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор, нема негово прекршување“, навестува недефанзивен однос на „дипломатската војна“ што очигледно е активирана. Во таа „војна од надвор“ за одржување на Преспанскиот договор веќе се активирани и „внатрешните сили“ од некаква интелектуално-политичка провиниенција, кои „предупредуваат“ (заплашуваат) со: повторно блокирање на евроинтеграциите на Македонија (всушност одржување на континуитетот на ветата), ускратување на финансиската поддршка од ЕУ, па дури и исклучување на Македонија од НАТО – доколку не се почитува асиметричниот билатерален договор или (уште „пострашно“) ако се помисли да се раскине.
Македонија со дигнитет и подготвено да одговори на „дипломатската војна“
Истакнувањето на констатацијата дека „Преспанскиот договор е реалност за Македонија“, а со оглед дека според јус когенс принципите на перемпторното право тој всушност е ништовен, апсурден, како логички заклучок произлегува дека актуелната реалност на Македонија, со Преспанскиот договор во нејзиниот устав е – апсурдна. Апсурдноста, дури и кога е политички и квазиправно поткрепена – е неодржлива состојба во реалноста. Вистинскиот одговор на државата и општеството на таквата состојба е да одговори со дигнитет на исправање на тој наметнат апсурд. Асиметричните договори, под притисок и изговор за некаква реалполитика, не се соодветни, всушност се контрадикторни на демократските принципи на рамноправност и еднакви права, со кои се гордее ЕУ, на кои се поставени меѓународните институции. Со билатералните договори што ѝ се наметнати и подметнати, на Македонија ѝ се ускратени тие базични демократски принципи. Предизвикот и задачата на македонската дипломатија, во услови на координирана „дипломатска војна“ за одржување (ама само за Македонија) на апсурдниот Преспански договор, се да ги насочи сите внатрешни ресурси, поддржани (ако треба) и со меѓународни експерти со аргументите на меѓународното право и актите на ОН за универзалните човекови права да ги врати европските и меѓународните институции на нивните основни демократски поставки. Примарно е да се издејствува билатералните прашања да не бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, што сега е своевиден антикритериумски преседан што Унијата го направи вметнувајќи ги билатералните договори со Грција и Бугарија како услов за започнување на преговарачкиот процес.