Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова му го довери мандатот на Христијан Мицкоски

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова вчера му го додели мандатот за формирање влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чија партија на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои најголем број мандати, односно 58 пратенички места.
Силјановска-Давкова, повикувајќи се на уставните рокови и фактот дека претседателот на Собранието, Африм Гаши, беше избран со 76 гласа, изрази уверување дека Мицкоски може да формира влада и затоа му го доверува мандатот.
Од вчера почна да тече дваесетдневниот рок за формирање нова влада, а според претходните најави на мандатарот Мицкоски, се очекува новата влада да биде формирана пред крајниот рок, а по одбележувањето на годишнината на партијата на 17 јуни.
Тој по добивањето на мандатот за состав на новата влада најави движење напред на сите процеси во државата.
– Сакам да најавам дека набргу од сега ќе биде составена новата влада, реформска влада. Влада што ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ги движи процесите напред, да не тонеме како држава и општество во политичкото мочуриште на меѓуполитички препирки, туку да ја развиваме нашата држава, граѓаните во Македонија да се чувствуваат убаво, да нема граѓани од прв и втор ред, сите ние да бидеме еднакви. Да ги задвижиме работите во економијата, реформи во економијата, еден силен инвестициски циклус, тоа е она што граѓаните го очекуваат од нас, подобрување на стандардот за живот. Исто така подобрување на стандардот за живот и зголемување на пензиите за пензионерите, едно од водечките ветувања што ги имавме во кампањата. Се разбира, оваа состојба што е во здравството во 21 век пациенти, за жал, да го губат својот живот чекајќи по ходниците, а хируршките сали да остануваат во состојбата во која што се овие денови – изјави мандатарот Мицкоски.
Тој уште најави објавување жесток фронт против криминалот и корупцијата.
– За вакви реформи е потребно главните столбови, Јавното обвинителство и судството да бидат ослободени од малкутемина партизирани обвинители и судии. Тоа ќе се направи со распуштање на двете институции, Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, а за да се случи тоа е потребна измена на закони со двотретинско мнозинство – истакна Мицкоски.
Мицкоски најави дека ќе работат и на полето земјоделците, припадниците на МВР и на Министерството за одбрана да бидат задоволни.
Новиот мандатар посочи и дека владеењето на правото ќе биде нивната водилка, нешто, како што рече, што изостанувало изминативе години.
С.Т.