Фото: Игор Бансколиев

Актуелна е дилемата кај политичките аналитичари од регионов дали можеби Отворен Балкан и Берлинскиот процес претставуваат наметнато регрупирање на регионот на Западен Балкан во процесот на интеграција кон ЕУ или, пак, само омекнување на „судирот на интереси“ меѓу самите земји на Западен Балкан. Потоа, дали можеби овие две платформи (Отворен Балкан и Берлински процес) се различни патишта и нечии експерименти со различна геостратегиска цел? Или, пак, тие некако се совпаѓаат или интерферираат? Дали регионот преку ваквите формати се насочува кон создавање клонирана, регионална верзија на Европската Унија доволна сама на себе, а сепак, да се одржи во „активна состојба“ процесот на приближување до Унијата? Дали можеби инспираторите на овие два формата (имено, САД за Отворен Балкан и Германија за Берлинскиот процес) му додаваат финеси на процесот, во кои се препознаваат различните нивни интереси и геостратегии за регионов? И како тоа поединечно се одразува врз земјите на Западен Балкан?

Се совпаѓаат или се разидуваат платформите за регионов: Отворен Балкан или Берлински процес

Во портфолиото на односите на Европската Унија со шесте земји од Западен Балкан (кои се заглавени од „неразјаснети“ причини во нивните евроинтеграции) додаден е уште еден неодамнешен самит од платформата на Берлинскиот процес, кој минатата седмица (на 3 ноември) се одржа во Берлин. Годинешната коинциденција на името на процесот со местото на неговото одржување не е трајна локациска определба на Берлинскиот процес (на кој во текот на изминатите осум години од постоењето домаќини биле различни земји вклучени во него), туку осумлетна форматирана политичка определба на Германија. Имено, Берлинскиот процес, во 2014 година го иницира поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел „да придонесе за приближување на земјите на Западен Балкан кон Европската Унија“. Тоа е периодот кога Црна Гора и Србија ги започнаа преговорите со Унијата, а Македонија иако многу порано од овие земји ги имаше поминато претпристапните фази за почеток на преговори, тогаш беше блокирана со грчкото вето…

Еден германски канцелар рече, па порече, сега и друг ветува…

Осум години по иницијативата за Берлинскиот процес на Меркел, германскиот канцелар Олаф Шолц, минатиот четврток во Берлин, на земјите од Западен Балкан им вети (уште еднаш) забрзан процес на приближување до Европската Унија, а Европската комисија вети една милијарда евра помош за земјите од регионот за совладување на енергетската криза.
– Шесте земји од Западен Балкан ѝ припаѓаат на Европската Унија. Тие се дел од Европа и дел од европското семејство. Поради тоа се залагам за проширување на Европската Унија и со земјите од Западен Балкан – изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, по состанокот со претседателите на владите од шесте земји од регионот, во рамките на Берлинскиот процес. Претставниците на Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, како и на Косово, во Берлин потпишаа договор за меѓусебно признавање на личните карти, како и факултетските и стручните дипломи, што би можело да придонесе за зајакнување на политичките и стопанските врски во регионот.
– Берлинскиот процес се грижи за напредокот – рекол Шолц, истовремено истакнувајќи ја потребата за решавање на трајниот судир меѓу Србија и Косово, нагласувајќи ја важноста на потпишувањето на договорот, во сенка на новонастанатата геополитичка ситуација во Европа.
– Бруталната руска агресија врз Украина нѐ принудува да ги збиеме редовите и да ја одбраниме слободата на Европа – рече Шолц, но не наведе можен датум за влез на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Сепак, нагласи дека тоа би требало да се случи колку што е можно побрзо.
И покрај повторно изразената поддршка на Шолц и на другите европски лидери на Берлинскиот процес и воопшто на приближувањето на земјите од Западен Балкан до ЕУ, реалната состојба „на теренот“ и практичното искуство упатуваат на воздржаност во очекувањата за овие шест земји за брз напредок на тој план, вклучувајќи и на Македонија.

За интегрирање притискаат и САД и Германија, а нивниот ракурс некогаш се совпаѓа, а некогаш – не

Постоењето, пак, на форматот Отворен Балкан, повеќе „туркан“ од САД, во кој, пак, се вклучени само три земји од Берлинскиот процес (Македонија, Албанија и Србија), остава аргументи за дилемата дали можеби Отворен Балкан и Берлинскиот процес претставуваат регрупирање на регионот на Западен Балкан во процесот на интеграција кон ЕУ или, пак, само омекнување на „судирот на интереси“ меѓу земјите на Западен Балкан? Потоа, според некои регионални аналитичари, има индикатори дека овие две платформи се различни патишта и експерименти со различна геостратегиска цел, на САД и на Германија, односно на Унијата. Трето, инспираторите на овие два различни, но сепак регионално интегративни формати (имено, САД што стојат зад Отворен Балкан и Германија што го турка Берлинскиот процес), додаваат финеси на процесот, во кои се препознаваат нивните различни интереси и геостратегии за регионов. Амбасадорот Ѓорѓи Филипов, упатен познавач на надворешната политика на Германија и на ЕУ, делумно се согласува со ваквите констатации, обидувајќи се со висока доза оптимизам и дипломатски да ги јустифицира и двете платформи и интегративни формати.
– Од самиот почеток на иницијативата, Берлинскиот процес е различен концепт од евроинтеграциите, но сепак насочен пред сѐ за подигнување на економските стандарди и нивото на меѓусебна соработка на земјите од Западен Балкан, за побрзо да ги постигнат стандардите на Европската Унија. Односно Берлинскиот процес не е ветување за директно членство во ЕУ, туку пред сѐ има економска компонента, која инсистира на развивање на потенцијалите за економска соработка меѓу земјите од регионот, како начин за решавање и надминување на политичките разлики и несогласувања, кои евидентно ги обременуваат. Во таков контекст, Отворен Балкан на некој начин е конкретизација на идејата на Берлинскиот процес, но и понатаму со својот редуциран формат покажува недоволен капацитет за имплементација на договорите за економска соработка. Од неодамнешниот самит на Берлинскиот процес најпозитивно е што германскиот канцелар Олаф Шолц изрази јасна поддршка на потребата за влез на земјите од регионот во ЕУ и се заложи за укинување на визите за оние земји од регионот што сѐ уште имаат визен режим со Унијата. Потпишувањето на договорот за меѓусебно признавање на личните карти, како и факултетските и стручните дипломи е сигнал за поместување во позитивна насока на регионалната доверба, барем на административно ниво, особено во меѓусебните односи на Србија и на Косово, каде што токму административните прашања можат да бидат причина за тензии. Поддршката на Шолц и на другите европски лидери на Берлинскиот процес, согледана низ призмата на состојбата во Украина, ја манифестира заинтересираноста на ЕУ и на Германија за Балканот и неговата стабилизација. ЕУ јасно искажува дека Западен Балкан е нејзина територија и нема да дозволи инфилтрација на други инсајдерски влијанија – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов, упатен познавач на надворешната политика на Германија и на ЕУ.


Помош од една милијарда евра од ЕУ за Западен Балкан за енергетската криза

Во сенка на енергетската криза, по самитот во Берлин, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, соопшти дека Европската Унија ќе му помогне на регионот на Западен Балкан со една милијарда евра.
– Петстотини милиони евра ќе бидат исплатени во вид на итна помош за совладување на високите цени на енергентите, а другите 500 милиони ќе бидат во форма на инвестиции во обновливи извори – рече Фон дер Лејен на заедничката конференција за печатот, одржана заедно со Шолц и со Еди Рама, премиерот на Албанија, каде што наредната година би требало да се одржи следниот самит во рамките на Берлинскиот процес.
Дел од инвестициите ќе биде потрошен и на приклучување на регионот на европската енергетска инфраструктура.
На самитот на Берлинскиот процес, освен премиерите на шесте земји од Западен Балкан, учествуваа и премиерите на Хрватска, Грција, Словенија и на Бугарија.


„Комплементарноста или конкуренцијата“

Неколкуте проекти (за интеграција на Западен Балкан во ЕУ) се во фокусот и на регионалните медиуми. За регионалниот интернет-портал „Јуропиан Вестерн Балканс“, кој е специјализиран за следење на процесите на европска интеграција на Западен Балкан, интервју даде Мануел Саразин, специјален претставник на германската влада за Западен Балкан. Тој се осврна и на тоа до каде е улогата на Берлинскиот процес за пристапување во ЕУ, направи и споредба со иницијативата Отворен Балкан, а зборуваше и за пречките за проширувањето на ЕУ во регионот. Од интервјуто издвојуваме два впечатливи одговори.

– Каква е, според вас, врската помеѓу Берлинскиот процес со заедничкиот регионален пазар и иницијативата Отворен Балкан? Дали верувате дека овие два процеса можат да бидат комплементарни или на некој начин се конкуренција еден на друг?
Мануел Саразин: Принципите на заедничкиот регионален пазар и Берлинскиот процес се јасни: инклузивност и усогласување со европското законодавство! Затоа верувам дека заедничкиот регионален пазар ќе донесе најголема придобивка за регионот, економски, но и во однос на кохезијата со единствениот европски пазар. Во овој контекст, сите други идеи, сите други формати исто така можат да бидат корисни. И тоа не значи дека земјите што се дел од заедничкиот регионален пазар не можат да изберат да напредуваат понатаму во помали формати за одредени прашања.
– Дали мислите дека можеби ова инсистирање на паралелен процес го поткопува заедничкиот регионален пазар во однос на целото внимание од институциите, јавноста итн.?
Мануел Саразин: Мислам дека ресурсите се важен аспект. Ова е исто така причината зошто е многу важно да имаме организации како Регионалниот совет за соработка и ЦЕФТА со своја експертиза и ресурси ангажирани на заедничкиот регионален пазар.