Една анализа на комерцијални здравствени побарувања од осигурување во текот на десет години ги поврзала потоплите денови со зголемен број посети на итните служби, поврзани со широк спектар ментални здравствени состојби.
Сериозниот научен социјално-медицински пристап за влијанието на високите температури врз состојбите на менталните болести наведува на разгледување на можноста за причините за предизвикување пожари да се земе предвид – пироманијата
Влијанието на високите температури врз мозочната активност кај одредени категории луѓе има висока цена
Последиците од високите атмосферски температури врз менталното здравје на луѓето во светот сериозно се истражуваат и се бараат решенија. Се смета дека влијанието на високите температури врз мозочната активност кај одредени категории луѓе има висока цена. Повозрасните, малите деца, луѓето што земаат одредени лекови за шизофренија или депресија, како и оние со одредени медицински состојби или инвалидитет, имаат помалку време за терморегулација и потешко ја воспоставуваат. Една анализа на комерцијални здравствени побарувања од осигурување во текот на десет години ги поврзала потоплите денови со зголемен број посети на итните служби, поврзани со широк спектар ментални здравствени состојби.
Сериозниот научен социјално-медицински пристап за влијанието на високите температури врз состојбите на менталните болести наведува на разгледување на можноста за причините за предизвикување пожари да се земе предвид – пироманијата. Но таквата можност ја води дебатата на „лизгав терен“ дали пироманијата е само нарушување на „стеснета свест“ поради жештина, ментална болест, или криминално, девијантно однесување, казниво според закон.
Кога ќе ги расчленат состојбите и мотивите за предизвикување пожар на елементарни фактори, експертите од психолошката и социјалната област се согласни дека подметнувањето пожар е кривично дело, но не е пироман секој што подметнува пожар! Додека криминалците го прават тоа со некаква цел, пироманите дејствуваат поради импулс над кој немаат контрола, а подоцна често чувствуваат и вина.
Пироманијата е всушност психолошки проблем и за оние што ја имаат некогаш е невозможно да ѝ одолеат на желбата да запалат оган. Не е позната точната причина за појавата на пироманија, но бидејќи е ментално нарушување, можно е да е поврзано со генетика или нерамнотежа на хемикалиите во мозокот. Се верува дека пироманијата може да биде предизвикана од други психички проблеми, како депресија или анксиозност, но и дека може да биде наследна. Се верува и дека многу стресни и трауматични периоди од животот може да бидат причина за нејзина појава.
Последиците од пожарите, загрозување на животите на други луѓе, уништување материјални и природни добра, уништување на животната средина…, се еднакво катастрофални, без оглед на мотивите и причините за нивно подметнување, ако станува збор за човечки фактор, и треба се преземе соодветна одговорност за постапките.
Што е пироманија?
Пироманијата е импулсивно контролно нарушување. Ова нарушување се карактеризира со импулсивност, односно неможност да се контролира некое искушение или некој импулс.
Покрај пироманијата, други примери за вакви нарушувања се патолошко коцкање (или зависност од коцкање) и клептоманија.
Кога станува збор за пироманијата, луѓето што го имаат ова нарушување не можат да ја контролираат својата потреба да запалат оган, и покрај тоа што се свесни дека можат да предизвикаат штета.
За некому да му биде дијагностицирана пироманија, мора да ги исполнува следните услови:
– намерно подметнување пожар повеќепати
– чувство на напнатост или еуфорија пред подметнување на пожарот
– покажување опсесија кон оган и сè поврзано со него
– чувство на задоволство и олеснување при палење или гледање оган
– подметнувањето пожари да не може да биде објаснето со друго психолошко нарушување
Важно е да се нагласи дека не секој што подметнува пожари е пироман. Всушност, пироманијата е многу ретко нарушување.
Во истражување во кое учествувале 90 луѓе што подметнале пожар повеќе од еднаш, само тројца ги исполнувале условите за ова нарушување.
Односно луѓето што подметнуваат пожари од следните причини не се пиромани:
– финансиска добивка
– политички верувања и идеологии
– прикривање криминал
– халуцинации
– гнев или одмазда
– проблеми со расудување поради влијание на дрога или алкохол
Уапсен четирикратен подметнувач на пожари од Прилеп
Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Македонски Брод до Основното јавно обвинителство Кичево поднесе кривична пријава против Д.Т. (57) од Прилеп поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување шумски пожар“, казниво по членот 227 став 5 од Кривичниот законик.
Пријавениот во повеќе наврати, на 15.7.2024, на 30.7.2024, на 2.8.2024, на 5.8.2024 и на 7.8.2024 во атарите на селата Слатина и Грешница, општина Македонски Брод, предизвикувал пожар на отворен простор, кој се проширувал и настанувале пожари на поголема површина, каде што гореле трева и нискостеблести растенија.
Сите пожари биле изгаснати од екипи на територијалната противпожарна единица во Македонски Брод и подрачното шумско стопанство „Сандански“ во Македонски Брод. При преземањето мерки во врска со пожарите, полициски службеници од ОВР Македонски Брод го затекнале пријавениот Д.Т. на местото на настанување на пожар и при преглед кај него биле пронајдени предмети со кои може да се предизвика пожар. Со пријавениот бил извршен службен разговор, при што тој ги признал делата. Ј.П.