Фото: ЕПА
  • Меѓу дипломатите, но и во геополитичките институти во Вашингтон, Москва и во европските престолнини, a и во некои медиуми, веќе се споменуваат пет можни модели што би можеле да доведат до релативно брза деескалација на војната

Телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин отвори нов бран претпоставки, размислувања, па и ставови во дипломатските кулоари. Иако официјално се зборува за „предлози за прекин на огнот“, во заднина се анализираат неколку многу покомплексни сценарија за кои дипломатите претпоставуваат дека малку подетално ги разгледувале Трамп и Путин во својот едночасовен телефонски разговор, а кои се однесуваат на „начините или моделите за брз крај на конфликтот со Иран“.
Меѓу дипломатите, но и во геополитичките институти во Вашингтон, Москва и во европските престолнини, a и во некои медиуми, веќе се споменуваат пет можни модели што би можеле да доведат до релативно брза деескалација на војната.
Сублимат од тие размислувања, односно за „начините или моделите за крај на конфликтот со Иран“, пренесуваме во наредните редови.

1. Тајна дипломатија зад затворени врати. Организатор на средбата и домаќин би бил Оман

Според мислењата на дипломатите, едно од најреалните сценарија е обновување на „тивката дипломатија“ преку посредник од Персискиот Залив. Традиционално, државата што игра ваква улога е Оман, која со години посредува меѓу САД и Иран. Ова сценарио предвидува САД и Иран да водат тајни разговори. Русија и Кина да бидат гарантори дека договорот ќе се почитува, а покрај ова Израел да добие безбедносни гаранции. Моделот е сличен на процесот што доведе до нуклеарниот договор наречен Заеднички сеопфатен план за акција (Joint Comprehensive Plan of Action – JCPOA).
Само за кусо потсетување, Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA), или нуклеарниот договор со Иран, е договор од 2015 година меѓу Иран и П5+1 (постојани членки на Советот за безбедност на ОН + Германија) за ограничување на нуклеарната програма на Иран во замена за олеснување на санкциите. Планот го ограничува збогатувањето ураниум, го намалува бројот на центрифуги и спроведува строг мониторинг на МААЕ за да се обезбеди мирна програма. САД се повлекоа во 2018 година поради наводни ирански прекршувања на договорот.

2. „Енергетски компромис“ – нафтата како валута на мирот

Според дипломатите, втората можност се базира на „економска логика“. Во моментот светскиот пазар на нафта е исклучително чувствителен, а војната со Иран може да предизвика сериозен енергетски шок. Затоа се разгледува формула со која САД делумно ги олеснуваат санкциите кон иранската нафта, Иран ги ограничува воените операции, а Русија во истиот контекст врши дипломатско влијание врз Техеран, за Иран да се придржува кон договорот. Овој модел би бил корисен и за Москва, бидејќи би довел до стабилизација на глобалниот енергетски пазар.

3. „Регионална безбедносна рамка“ за Блискиот Исток

Третото сценарио предвидува создавање нов регионален безбедносен механизам. Што би значело тоа? Имено, во оваа рамка би учествувале Иран, Израел, Саудиска Арабија, Турција, САД, Русија и Кина. Главната цел би била спречување директна војна меѓу Иран и Израел, контрола на вооружените групи во регионот и гаранција за безбедност на морските маршрути. Некои аналитичари го споредуваат овој модел со европската безбедносна структура што настана по Хелсиншките договори (Helsinki Accords).
Кусо потсетување и за тоа што значи моделот на Хелсиншките договори. Поточно, Хелсиншкиот договор (сочинет од три пакети документи, наречени кошнички) е потпишан на 1 август 1975 година од 35 нации, вклучувајќи ги САД, Канада и повеќето европски држави. Тој беше значаен договор од ерата на Студената војна, насочен кон ублажување на тензиите (детант) меѓу советскиот блок и Западот. Необврзувачкиот завршен акт ги формализираше границите по Втората светска војна (кошничка I), ја промовираше економската/научната соработка (кошничка II) и ги нагласуваше човековите права/слободи (кошничка III).

4. „Големата геополитичка размена“ или втора Јалта

Најконтроверзното сценарио е она што некои дипломати го нарекуваат геополитички пакет договор. Во ова сценарио неколку кризи се решаваат паралелно, и тоа:

А. деескалација на војната со Иран;

Б. замрзнување на фронтот во Украина;

В. делумно укинување на санкциите кон Русија.

Тоа би било резултат на директни договори меѓу Трамп и Путин. Овој модел често се споредува со геополитичките договори од крајот на Втората светска војна, особено со Конференцијата од Јалта (Yalta Conference).
Ако моделот „големата геополитичка размена“ се нарекува од страна на дипломатите „втора Јалта“, во продолжение накусо за читателите ќе потсетиме што всушност значеше првата Јалта, од Втората светска војна. Имено, Конференцијата на Јалта (4-11 февруари 1945 година) беше клучен состанок за време на Втората светска војна на Крим, каде што лидерите на големата тројка, Франклин Д. Рузвелт (САД), Винстон Черчил (Велика Британија) и Јосиф Сталин (СССР), ги планираа конечниот пораз на нацистичка Германија и повоената реорганизација на Европа. Клучните одлуки вклучуваа поделба на Германија на четири окупациски зони, воспоставување на Обединетите нации и обезбедување на советската посветеност во борбата против Јапонија.

5. „Контролирана деескалација“ – војната тивко да згаснува

Петтото сценарио не предвидува голем договор, туку постепено намалување на конфликтот. Во таков модел, интензитетот на нападите се намалува, се отвораат хуманитарни канали и се започнуваат долги дипломатски преговори. Овој тип конфликт често завршува со замрзната криза наместо со формален мировен договор. Иако официјално разговорите се претставуваат како обид за мир, многу аналитичари предупредуваат дека вистинската цел може да биде нешто пошироко. Дипломатите се сомневаат дека овој модел би можел да значи создавање нова геополитичка рамнотежа меѓу големите сили. Во таква ситуација, Блискиот Исток би бил стабилизиран, Украина би останала замрзнат конфликт, а глобалните пазари на енергија би се стабилизирале.
Дали овие сценарија ќе се реализираат зависи од многу фактори, и тоа од воената динамика на теренот до политичките одлуки во Вашингтон, Москва и во Техеран. Но едно е сигурно, разговорот меѓу Трамп и Путин покажа дека дипломатијата повторно се враќа во центарот на глобалната политика, но очигледно Брисел никаде го нема. Р.С.