НАТО да продолжи со поддршката на Украина за стабилизирање на ситуацијата во евроатлантскиот простор
Соработката меѓу Македонија и НАТО за актуелните регионални и безбедносни прашања, енергетските предизвици и безбедносните теми поврзани со стабилноста на регионот, биле теми на телефонскиот разговор на претседателот Стево Пендаровски со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Во однос на војната во Украина, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ја реафирмирал поддршката за Украина и украинскиот народ, посочувајќи дека Македонија, како членка на НАТО, ќе продолжи да пружа воена, хуманитарна и дипломатска помош, со крајна цел прекин на воената агресија, одбрана на демократските вредности и воспоставување на мир.
Генералниот секретар Столтенберг се заблагодарил за поддршката што Македонија ја дава на украинскиот народ во одбрана на нивната земја.
Двајцата соговорници се согласиле дека Алијансата треба да продолжи во своите напори за поддршка на Украина со цел стабилизирање на ситуацијата во целиот евроатлантски простор.